КУЛТУРА

Промовирана книгата "Водич низ светилиштата во Вевчани" од Анастас Ќушкоски

ДУХОВНА РИЗНИЦА НА МИНАТОТО

Пишува: Ружица ГОЧЕВСКА

  • "Кога Бог некогаш шетал по земјава, најверојатно, најдарежлив бил во оваа наша Македонија штом ни подарил такви бисери како Охридското Езеро… И ако Бог опиен од волшебната убавина што му ја дал на Езерото, застанал некаде да се одмори и тука ја отворил торбата со другите дарови, секако тоа биле Вевчанските извори покрај кои никнале куќите на тоа прекрасно село Вевчани".

На седми август во Вевчани, во црквата "Св. Никола" беше промовиран најновиот труд на господинот Анастас Ќушкоски, насловен како "Водич низ светилиштата во Вевчани". И ова дело Ќушкоски го посветува на своето родно Вевчани, на природната и духовната убавина. И несомнено Вевчани од времето на антиката, па се до денес ја зачувало својата уникатност и неповторливост.

За тоа сведочат бројните природни реликти, културни остатоци и духовни светилишта кои денес побудуваат восхит и почит. Но, она што го прави Вевчани уникатно, е опстојбата низ вековите, низ тешките премрежја, за истите да ги премости и денес да ја ужива почитта што ја имаат еден Галичник, Смилево...

ЦРКВИ

Во делото "Водич низ светилиштата во Вевчани" Ќушкоски прави преглед на најзначајните христијански храмови во Вевчани кои датираат со првите зачетоци на христијанството во Македонија. Нивното настанување е во непосредна врска со дејноста на светиот апостол Павле, како и со мисијата на свети Еразмо Антиохиски во III век по Христа. Христијанството на овие простори оставило длабоки траги во животот, обичаите и верувањата кај луѓето, а со тоа и во изградбата на сакралните објекти, односно светилишта. Тие се посветени на повеќе светители, а изградени се во и околу населбата. Жителите на Вевчани како добри христијани - дарители, се покажале при изградбата на црковни објекти надвор од населбата. За тоа сведочат бројните документи во кои Вевчанци безрезервно го помагале и негувале христијанството. На овој простор верата навлегла во сите пори на животот и човековото битие, што од друга страна придонесло за изградба на поголем број верски објекти, светилишта.

Црквиште Васковски Ливаѓе кај Пелвец е стара црква (базилика) од времето на Римјаните. Според катарските книги од 1926 година, тоа било црковен имот во сопственост на црквата "Св. Никола" од Вевчани. Слична црква е и црквата "Св. Пречиста" (Богородица), која се наоѓала во кругот на денешното училиште на средсело. Станува збор за стара црква којашто ја срушиле Турците. На истото место селаните подоцна изградиле нова црква во која биле сместени иконите од претходната.

Една од позначајните цркви во Вевчани е црквата "Св. Никола" (Горна Церкоф). Тоа е соборна црква, односно трокорабна базилика со олтар, лаѓа и балкон. Изградбата или можеби обновата на оваа црква се поврзува со периодот на обновата на струшката црква "Свети Ѓорѓија". Наспроти обичајот селаните да се собираат кај Долната Црква ("Св. Богородица") за празниците Лазара и Велигден, тука се собираат и ги слават божиќните празници како и празникот Свети Јован (Вјан). Оттука тргнуваат литиите кон Изворот на Водици, како и по синорот на селото за Ѓурѓовден.

Црквата "Св. Спас" (Бела Плоча) се наоѓа на влезот од Вевчани од неговата североисточна страна. Уште се нарекува и Долни Св. Спас. Во почетокот светилиштето било мала дрвена куќарка, параклис, а по обновувањето од 1986 - 1996 година е црква, солидно изградена од делкан камен. Осветувањето е извршено на 10.10. 1996 година од страна на Митрополитот г. Тимотеј. Манастирот Св. Спас (Горни) се наоѓа во планината западно од селото. Тоа е стара дабова шума и низ неа води пат до него по кој се стигнува за еден час пешачење. Манастирот е изграден во карпите што е карактеристика за целиот терен тука. За овој манастир белешки дал и Нушиќ во 1892 година, наведувајќи дека: "Над Вефчани, во брдото, има доста стар манастир Св. Спас".

Следната црква е црквата "Св. Варвара", која во минатото била параклис кој, покрај ова име, во Кралството на Југославија го носел и името на Свети Сава. Стариот параклис е срушен во 1996 година, кога на истото место, но со поголеми димензии, е изградена црквата.

ПАРАКЛИСИ

Во Вевчани постојат многубројни параклиси. Меѓу нив ќе ги споменеме: Параклисот "Св. Димитрија", Параклисот "Св. Петка", "Св. Недела", "Св. Среда", и црквиште "Св. Јован". Еден од најмладите црковни објекти во Вевчани е манастриот "Св. Петар и Павле". Неговата изградба е започната на 8.07. 2000 година на Вевчанска Голина, на надморска височина од околу 2000 метри. Изградбата е во чест на 2000 години од христијанството и мисијата на апостол Павле.

Постоењето на овие духовни светилишта во минатото многу придонесло за збогатување на духовниот живот на населбата. За тоа своја заслуга имале и самите свештеници кои служеле тука. Не помало значење имаат и вевчанските градители чие дело е вградено трајно во овие свети храмови. Нивниот дух зрачи и пошироко од родното Вевчани.

Благодарение на овие знајни и незнајни градители, во Вевчани, на овој мал, но духовно богат простор, се изградиле повеќе сакрални објекти. Култот кон нив никогаш не престанал.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"