Македонско-албанска претседателска средба
Според проценката на претседателите на Македонија и Албанија, Борис
Трајковски и Алфред Мојсиу, состојбата во регионот се повеќе е позитивна и
се подобрува. Албанскиот претседател притоа истакна дека во регионот се уште
има ретроградни сили и екстремисти, но тие немаат поддршка и затоа нивното
влијание е се помало. Ова било заклучено на неодамнешната средба на двајцата
претседатели во манастирскиот комплекс "Свети Наум" во Охрид.
Екстремизмот на Албанците ќе предизвика балканска војна
Српската Влада на Советот за безбедност на Обединетите нации му порача
дека е драматично влошена состојбата во Косово. Констатацијата произлегува
од сознанијата дека косовските терористи се подготвуваат за војна, а за тоа
време меѓународните власти не прават ништо за спречување на експлозија на
фашизмот. Притоа српскиот вицепремиер Небојша Човиќ предупреди дека
албанскиот екстремизам ќе роди екстремизам кај другите народи и ќе го
дестабилизира целиот регион.
Албанските политичари влијаат врз македонската безбедност
Заменик-министерот за надворешни работи на Албанија, Луан Хајдарага, кој
ја врши функцијата шеф на дипломатијата, на средбата со амбасадорката на
Македонија во Тирана, Елеонора Каранфиловска - Ратклиф, изразил уверување
дека "албанскиот политички фактор во Македонија ќе продолжи позитивно да
придонесува за безбедноста, стабилноста и социјално-економскиот развој на
земјата".
Отворен привремен граничен премин
Привремениот граничен премин Стрезимир - Рестелица на границата меѓу
Република Македонија и Србија и Црна Гора во делот кон Косово официјално
профункционира. Преминот ќе се користи само од од страна на жителите од
пограничните села од двете страни на границата во радиус од 10 километри.
Преминувањето ќе се врши само со специјални пропусници дадени од МВР и УНМИК.
Проблемот "Дојранско Езеро" повторно актуелен
Според министерот за животна средина, Љубомир Јанев, доколку Грција
продолжи и натаму неконтролирано да црпи вода од Дојранското Езеро за да ги
наводнува своите земјоделски површини, Владата на Македонија преку
Министерството за надворешни работи ќе упати официјален демарш до грчката
Влада. Истовремено ќе поднесе барање за трајно решавање на овој проблем.
Британска помош за косовските Роми
Британската амбасада во Македонија обезбедила финансиска помош во износ
од 15 илјади фунти за набавка на храна за Ромите - бегалци од Косово. Дел од
средствата ќе бидат употребени и за санација на просториите каде што ќе
бидат сместени бегалците.
Есма им помогна на бегалците од Косово
Ромската кралица, Есма Реџепова, на неодамнешната средба со косовските
Роми им подели хуманитарна помош која се состои од хигиенски материјали,
облека, душеци и други неопходни артикли. Притоа Есма изјавила дека мора да
се вложат максимални напори Владата на Република Македонија и меѓународните
организации и фактори да им обезбедат основни услови без оглед дали ќе
останат во Македонија или ќе заминат во некои други земји.
Конструктивна надворешна политика за стабилност во регионот
Претставникот на амбасадата на Србија и Црна Гора во Тирана, Живорад
Симиќ, во врска со изјавата на албанскиот министер за одбрана, Пандели Мајко,
му врачил вербална протестна нота на директорот на Дирекцијата за регионална
политика при Министерството за надворешни работи на Албанија, Дашнор Дервиши.
Меѓутоа, Дервиши го повторил ставот на албанската Влада за конструктивна
надворешна политика со сите земји во регионот, нагласувајќи дека само на тој
начин може да се обезбеди стабилност, безбедност и интеграција на регионот.
Македонец уапсен од хрватската полиција
Еден Македонец и тројца Хрвати биле уапсени од хрватската полиција под
сомневање дека принудувале хрватски државјанки на проституција. Групата
подолго време оперирала на подрачјето на сплитско-далматинската жупанија.
"Златен клуч" за Матеја Матевски
Македонскиот поет Матеја Матевски е добитник на високото меѓународно
поетско признание наградата "Златен клуч на Смедерево" што ја доделува
манифестацијата "Смедеревска поетска есен". Наградата ќе му биде врачена на
13 септември во рамките на програмата "Европско културно наследство".
Сузана повторно на "Пирин фолк"
На петти и шести септември фолк-пејачката Сузана Спасовска ќе учествува
на "Пирин фолк" во Сандански, Пиринско, каде ќе настапи со песната "Добар
човек" чиј автор е Валентин Пензов. Сузана веќе традиционално настапува на
овој Фестивал.
|