МВР ќе ги скротува "командантите"
Со кривични пријави ќе бидат "решени" пет-шест лица што создаваат
напнатост во јавноста и повеќе зборуваат отколку што можат да направат,
најави министерот за внатрешни работи, Хари Костов.
Изјавата на Костов доаѓа по најавите за нова војна.
Полицајци од ДБК правеле "ујдурми"
Поранешен полицаец на тетовската полиција и активен началник на
Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање биле осомничени од МВР за
издавање дозволи за оружје на лица што според сите критериуми не требало да
ги добијат.
Поништена продажбата на Офицерски во Велес
Владата на неодамнешната седница го поништила тендерот со кој минатата
недела на лицитација Никола Мечкаров, велешки бизнисмен и личен познајник на
министерот за одбрана Владо Бучковски, го купи Домот на АРМ во Велес.
Премиерот Црвенковски сметал дека е матна работа што на лицитација се
наддавале само татко и син и инсистирал на поништување на продажбата.
Матејчани ќе се враќаат дома?
Ресорните министри во најкраток можен рок ќе остварат средба со
протераните од Матејче, со цел да постигнат договор за потпишување на
трипартитните договори, за да почне обновата на нивните домови. Според
министерот без ресор, Владо Поповски, Владата нема потпишано уште 117
договори со матејчани, што е пречка за почнување на изградбата на нивните
куќи, додека домовите на другите кои ставиле потпис веќе се во фаза на
обнова. Според податоците од Министерството за труд и социјална политика и
Меѓународниот комитет на Црвениот крст, до 14 овој месец во земјава се
регистрирани вкупно 3.241 протерано лице или 854 семејства.
ОБСЕ во Македонија има нов портпарол
ОБСЕ во Македонија минатата недела именуваше нов портпарол на Мисијата,
дваесет и девет годишната Изабел де Рут, која на оваа позиција доаѓа од
функцијата извршен асистент на амбасадорот на ОБСЕ во Скопје.
Универзитетски клинички центар во Тетово?
Од октомври оваа година албанската дијаспора ќе отвори универзитетски
клинички центар во Тетово каде практична настава ќе изведуваат студентите од
Медицинскиот факултет на малоречанскиот универзитет. За ова веќе се
запознаени и министрите Азис Положани и Реџеп Селмани.
Доцнат гимназиските учебници
Иако учебната година е на прагот, дури сега е во тек разгледувањето на
пристигнатите ракописи, но има оптимизам дека целата процедура со изборот и
печатењето на учебниците ќе заврши до 15 септември.
Отпуштените ќе го тужат Фондот за здравство
Поради незаконско прогласување на технолошки вишок во Фондот за здравство,
отпуштените ќе го тужат Фондот. Тие уште еднаш ја бараат бодовната листа и
укажуваат дека им е речено повеќе да не доаѓаат на работа, иако работниот
однос им престанува по три месеци.
Телеком "лапна" милион евра
Директорот на Управата за телекомуникации, Коста Трпковски, вели дека не
може да бара од Телекомот да ги обештети граѓаните со над милион евра,
бидејќи немал основа за тоа. Тој нема одговор зошто Телекомот повеќе од три
месеци користеше пресметковен систем кој не беше контролиран и одобрен од
Управата, а чии податоци се основа во контролата на поскапувањата.
Аптеките полни со непроверени лекарства
Неодамна бил спречен увоз на сомнителни лекови од Кореја. Бирото за
лекови се обидело преку Комисијата за регистрација, без целосна
документација и потврда за квалитет, да регистрира и пушти во промет големи
количества лекови кои се произведуваат и користат само во Кореја. Но, ова не
е и единствен случај, ако се има предвид дека во аптеките се продаваат
нерегистрирани и скапи лекови.
Наскоро ќе стартува аграрната реформа
Пред почетокот на есенската сеидба, односно најдоцна до 15 идниот месец,
ќе бидат потпишани првите договори за давање под закуп на државно
земјоделско земјиште на граѓани со статус на социјална загрозеност по
неколку основи. Таква е најавата од надлежните ресорни министри, а оваа мини
аграрна реформа, со виза и поддршка од Владата, ќе стартува во Свети Николе
каде е пројавено најголемо интересирање.
Гостиварчанец дизајнирал футурустичко возило
Студентот на Машинскиот факултет Горан Бундалевски доби награда од 14.000
долари и влезе во финале на меѓународен натпревар на кој се пријавени повеќе
од 600 дизајнери од 43 земји во светот.
Подготовки за "Голема Богородица"
Традиционалната прослава на христијанскиот празник "Голема Богородица" во
Лешочкиот манастир ќе почне на 27 август, ден наспроти патрониот празник на
манастирот "Успение на Света Богородица".
|