ТУРИЗАМ

Националниот парк "Галичица" и неговите туристички потенцијали

ТРЕЗОР НА ПРИРОДНИ РЕЛИКТИ

Пишува: Ружица ГОЧЕВСКА

  • Вкупната површина на Паркот поделена е во три различни зони според степенот на заштита и според намената на делови од природата на паркот и тоа на: строго заштитени зони, туристичко рекреативнни зони и економската зона.
  • Пештерата Самотска Дупка е долга 224 метри, широка 6 метри, а висината до горниот дел е од 2 до 10 метри. Вистински природен реликт, неповторлива убавина. Се претпоставува дека има уште многу неистражен простор во неа. Во пештерата можат да се сретнат "салви", "драперии" и пештерски бисери.

На 15 август се одржа еднодневна едукативна тренинг ек-скурзија под мотото "Откриј го зеленото злато" низ националниот парк "Галичица", Охрид, под покровителство на Министерството за животна средина и просторно планирање. За време на екскурзијата учесниците можеа да се запознат со целите на овој Проект, идните планови како и можностите за развојот на еко-туризмот во Македонија. Едукативната екскурзија е една од активностите на Кампањата за подигање на јавната свест - "Заштита на природата" - во рамките на Проектот "Зајакнување на капацитетите на Министерството за животна средина и просторно планирање", финансиран од Европската унија, а спроведуван од европската Агенција за реконструкција.

Кампањата за заштита на природата оваа година е фокусирана на Националниот Парк "Галичица", за во наредните години како дел од среднорочната стратегија на Министерството за подигање на јавната свест ги опфати и другите два национална парка - Маврово и Пелистер.

ПОСЕТА

Оваа еднодневна посета ни откри дел од убавините на Галичица за кои искрено многу посетители беа пријатно изненадени. Благодарение на водичите од Националниот парк "Галичица" имавме можност да ги посетиме позначајните места на оваа планинска убавица.

Со пристигнувањето кај месноста Два Јавора, започна и официјалната посета на Галицица. Пред големиот број присутни гости, членови на Националниот парк "Галичица", новинарските екипи, поздравен говор одржа министерот за животна средина и просторно планирање, господинот Љубомир Јанев. Промотивниот поход кон Галичица продолжи кон месноста Асан Џура. По краткиот одмор, гостите се упатија кон познатата пештера, Самотска Дупка. Пештерата Самотска Дупка е долга 224 метри, широка 6 метри, а висината до горниот дел е од 2 до 10 метри. Вистински природен реликт, неповторлива убавина. Се претпоставува дека има уште многу неистражен простор во неа. Во пештерата можат да се сретнат "салви", "драперии" и пештерски бисери. Повеќе од посетителите ја нарекоа македонска Постојнска Јама. Во нејзината внатрешност е прилично студено, без соодветна облека не може долго да се престојува. Освен неколкумина вљубеници во Галичица, за пештерата малку кој од присутните нешто чул.

Ваквите проекти се добредојдени за нашите природни убавини. Но, истите не треба да ги злоупотребуваме, напротив едноставно да им се восхитуваме, и во нашите можности да ги негуваме. Секој посетител би бил пресреќен само за кратко да е дел од овој природен колорит кој само природата знае да го обликува и зачува.

НЕПРОЦЕНЛИВА ВРЕДНОСТ

Националниот Парк "Галичица" се наоѓа во југозападниот дел на Република Македонија на тромеѓето на Македонија, Албанија и Грција и зафаќа површина од 22.750 хектари. Истоимената планина на која се протега Националниот парк е дел од Шарско-пиндскиот систем на планини. Јужна граница на паркот е државната граница на Македонија со Грција и Албанија, источна бреговите на Преспанското, а западна бреговите на Охридското Езеро. Северната граница е во висина на градовите Охрид и Ресен. Во границите на Националниот парк вклучен е и островот Голем Град во Преспанското Езеро.

Вкупната површина на Паркот поделена е во три различни зони според степенот на заштита и според намената на делови од природата на Паркот и тоа на: строго заштитени зони, туристичко-рекреативни зони и економската зона.

Оптималното остварување на функциите во Паркот и истовремена заштита на природните вредности се можни преку утврдување на намената на поодделни подрачја, односно определување на зони на Националниот парк.

Поделбата на зони е извршена врз основа на анализата на постојната состојба со оценка на вредностите и значењето на природната средина водејќи сметка за целите кои треба да се постигнат, а кои се предвидени со Законот за заштита на националните паркови. Притоа респектирани се две основни специфики: Масивот на Галичица има големо скоро пресудно влијание на целиот еко-систем на Охридско-преспанскиот базен. Најзначајните вредности и појави мозаично се распоредени низ целиот Национален парк.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"