ЕКОНОМИЈА

Поттикнување на странските инвестиции во Република Македонија

ЗЕЛЕНО СВЕТЛО ЗА ВЛОЖУВАЊА ВО ЕКОНОМИЈАТА

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Програмата за поттикнување на инвестиции во Република Македонија е многу амбициозна и за неа е неопходна поддршка од повеќе институции, но и од приватниот сектор, подвлече министерот за економија, Илија Филиповски.
  • Владата на неодамнешната седница ја разгледа и ја усвои Програмата за поттикнување на инвестициите во Македонија, со цел подобрување на условите за деловно работење во земјата, за зголемување на продуктивноста, конкурентноста и активноста на Република Македонија како место за инвестирање.

Нетранспарентната економска процедура,тромата бирократија, се дел од пречките за стимулирање на странските инвестиции во Република Македонија. Со заложба пред се на Министерството за економија се прават напори да се избегнат недостатоците и Македонија да стане привлечна за странскиот капитал.

Владата неодамна даде зелено светло за Програмата за поттикнување на инвестиции во Република Македонија која е во функција на итно подобрување на условите за деловно работење во земјава и на привлекување што поголем број инвестиции.Поаѓајќи од фактот дека Македонија е последна земја од Југоисточна Европа која нема концентрирана институционална форма за промовирање и привлекување на странските инвестиции, како и извонредно мал прилив на надворешни инвестиции, оваа владина Програма има амбиција да ги посочи главните принципи и правила за создавање поволен амбиент за вложување.

За изминатите десет години, заклучно со крајот на 2002 година, во нашата земја се слеани околу 900 милиони долари, што претставува 16 отсто од бруто домашниот производ, гледано кумулативно, што е сосема незадоволителен прилив, оценува Министерството за еконимија на неодамнешната промоција на Програмата за инвестиции која ја презентираше државниот секретар, Ѓорѓи Петрушев.

Она врз што се базира Програмата се искуствата од Југоисточна Европа, од каде што може да се црпат сознанијата што не треба да се прави, односно кој е начинот да се олесни влезот на првенствено странски инвестиции, односно отстранување на административните и други неекономски бариери и подобрување на севкупниот економски амбиент. Даночните привилегии, како што велат експертите, се од секундарно значење за привлекување на инвеститорите, а многу поважно е елиминирање на административните и други бариери и олеснување на процедурите за влез на вложувачите. За таа цел е и замислено профункционирањето на едношалтерскиот систем поради што Министерството за економија треба да го сработи делот за изработка на физибилити - студија за електронско поврзување на сите системи во јавната администрација, министерства, управи, одделенија, која ќе ја забрза бирократската процедура.

ЕКСПЕРТИ

Според експертите од Министерството за економија, кое е предлагач на оваа Програма, не е важно лицитирањето со привилегиите кои ќе им ги даваме на странските вложувачи, туку стабилното економско и политичко опкружување, перцепцијата на земјата како интересно, профитабилно подрачје во кое вреди да се инвестира. Како потврдна илустрација во оваа насока е фактот што, на пример, Германија е земја со најголем прилив на инвестиции во Европа, а сепак има една од највисоките даночни стапки на профитот од 45 до 55 отсто, за разлика од кај нас на пример, која е само 15 отсто. Во самата Програма која се работи како владин меѓуресорски проект во кој се вклучени повеќе министерства, меѓу кое и Министерството за финансии, сепак, се предвидени одредени даночни олеснувања, било на домашните, било на странските инвеститори. Во таа насока е и смалување на сумата од Данокот на добивка за износот на инвестицијата во одредена деловна година, плус 30 отсто дисконт на остатокот кој треба да се оданочи. Освен тоа по многубројни консултации, Владата на РМ одлучи да формира Агенција за странски ивестиции (АСИРМ). До конституирање на ваква агенција со закон, Министерството за економија предлага формирање владин, меѓуресорски тим експерти, од неколку министерства, кои ќе ги прифаќаат сите потенцијални инвеститори. Покрај овој тим, министерот Илија Филиповски предлага да се формираат уште два експертски тима - едниот кој ќе работи на измени на законодавството и отстранување на административните бариери и втор кој ќе работи на поврзување на сите информациски системи, со цел да се пристапи кон постепено воведување едношалтерски систем, што ќе функционира во рамките на идната агенција за инвестициска промоција. Практично од јуни идната година странските и домашните инвеститори ќе можат да ги комплетираат сите документи за почнување бизнис во земјава во рок од 8 дена од моментот на поднесувањето на барањето за инвестирање.

УСЛОВЕНОСТ

Вината за неуспехот на приватниот бизнис лежи и во директорите на компаниите. Факт е дека во Македонија има мал број директори кои со фирмите управуваат успешно. Да почне да се создава елитна менаџерска култура, вели професорот Никола Узунов.

Од бизнис врските на менаџерите со странство ќе зависи и влезот на странските инвестиции во земјава.

Според министерот Филиповски, Владата само треба да ги олесни законите за влез на странски капитал.

Да ангажираме повеќе компании користејќи ги нивните врски за привлекување на странски капитал, смета министерот Филиповски.

Најголем проблем за приватниот бизнис и натаму е слабиот извоз, посебно ако се знае дека само шест компании од Македонија извезуваат готов производ. Националниот совет за конкуренција на извозниците им порачува дека треба да соработуваат за да се зголеми извозот.

Македонските иселеници се плашат да инвестираат во Македонија, а власта ги убедува дека земјава е сигурно место за бизнис. Иселениците неодамна се собраа во Скопје, на форум, да видат какви бизнис можности им нуди Македонија. Шефот на државата ги повика да најдат интерес за инвестирање во нивната родна земја.

Македонија со својот демократски амбиент плови во помирни води. Сега е време кога треба да има поголем економски подем, изјави претседателот Борис Трајковски.

Министерот Гошев и гувернерот Трпески по којзнае кој пат, со истите обемни излагања преполни со бројки и информации за остварувањата и плановите во економската политика, се обидоа да ја претстават Македонија како безбедна бизнис дестинација.

Политичкиот ризик е број еден за инвестиција, политичкиот ризик во Македонија е намален, стабилноста ја има. Дури и за судирот во 2001 не настрада ниту еден странски субјект, појасни министерот Гошев.

Но, оваа порака тешко допира до македонските бизнисмени кои своите пари ги заработуваат во странство.

Прво треба да се прифати сето тоа и да се работи на тие закони и да бидат важечки, а не само убави за на хартија, оценува иселеникот од Македонија, Крсте Блажески.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"