осподинот Ванчо Атанасов е роден
во село Подареш, Радовишко, во 1959 година. Тој заедно со своето семејство
во 1971 година заминува во Австралија, каде што живее и работи до ден денес.
Носталгијата кон родната земја е постојано присутна во неговото срце, па
поради тоа тој во Македонија доаѓа по трет пат и, како што вели самиот,
секогаш кога ќе почувствува болка за родната грутка, едноставно ја посетува.
Господинот Атанасов својот воен рок го отслужил во поранешната ЈНА, бил
во морнарица четиринаесет месеци. По отслужувањето на воениот рок се оженил
со девојка од Македонија. Тој е татко на три деца, син од дваесет години и
две ќерки, од кои едната има деветнаесет, а другата четиринаесет години.
Ванчо Атанасов работи во приватна фирма во Австралија во која се
произведуваат бронзени плочки. Постојано ги следи случувањата во Македонија
и е загрижен за иднинатата на својата родна земја.
ЖИВОТ
Господинот Атанасов објаснува дека во Австралија живеат околу 230.000
Македонци и тоа во општините: "Свети Јован Крстител" во Џилонг, "Свети Илија"
- Фуцкрај, "Свети Никола" од Престон, "Свети Ѓорѓи" - Епинг, "Света Петка"
во Мил парк, "Свети Димитрија Солунски" од Спрингвал, "Света Пресвета
Богородица" во Санталбанс. Во општината "Свети Димитрија Солунски", каде
живее и господинот Атанасов, се наоѓа училиштето "Јане Сандански",
пензионерско друштво, играорна група, женска секција и разни други
асоцијации на Македонците. Многу наши луѓе во Австралија, како што објаснува
господинот Атанасов, се занимаваат со компјутерската технологија и се доста
познати по својата работа и напредок. Доста Македонци се активни на
општинско ниво, но кога станува збор за републичко или федерално ниво, тие
немаат свој претставник во Парламентот за да можат да ја шират македонската
кауза. Главната вина, според господинот Атанасов, за овој проблем е во
самите Македонци кои дозволиле случувањата во Македонија да предизвикаат
расцеп и меѓу Македонците во Австралија. Проблемите со името на државата, со
расчинетиот владика Јован, се одразуваат и во Австралија. Господинот
Атанасов објаснува дека нема да се откажат од црковниот имот во Австралија
кој сака да го присвои Македонската православна црква.
Сега сакаат црковниот имот на Македонците во Австралија да се присвои и
да стане сопственост на МПЦ. Ние имаме обврска кон неа и никогаш не сме
рекле дека се откажуваме од МПЦ. Ги почитуваме сите традиции и обичаи и сме
приклонети кон матичната држава. Но, тие велат дека ние сме сакале да одиме
надвор од системот. Тоа го прават за да бидеме зависни од нив, целиот имот
да биде префрлен на МПЦ, па тогаш да манипулираат со него како што ним им
одговара. Имотот е во сопственост на целиот македонскиот народ од Австралија,
за што тој ги плаќа сите трошоци, вели господинот Атанасов.
Македонците во Австралија долго време имаа проблем поради тоа што беа
нарекувани Славо Македонци. Пред две години го добиле овој судски спор, а
Грците платиле оштета.
ИНТЕРЕСИ
Запрашан за случувањата за време на воениот конфликт во нашата држава во
2001 година, тој објаснува дека војната во Македонија за Македонците во
Австралија била многу болно прашање и, како што вели, масакрот во Вејце бил
"жива трагедија".
Не можевме да замислиме како тоа може да се случи, а уште поголема
трагедија е тоа што до ден денес никој не одовара за тој случај. Но, знаеме
дека жртвите беа предадени од луѓе внатре во државата, за одреден износ пари,
вели господинот Атанасов.
Според нашиот соговорник, нема никаква промена во односот на претходната
и актуелната македонска владејачка гарнитура кон македонскиот народ во
државата и пошироко.
Претставниците на власта отсекогаш работеле за своите интереси. Колку и
да е виновна Америка што им дава поддршка на Албанците, најголемиот виновник
за она што се случува во Македонија се нашите политичари. Во која држава се
говори на толку јазици? Во Австралија има над 120 - 130 нации, но во
службена употреба е еден јазик. Штом една држава почне да се дели на два
јазика, фактички се случува федерализација. Нашиот народ не може да се врати
во родните огништа. Иако политичарите тврдат дека територијата е безбедна,
воопшто не им е гајле дали нашите браќа и сестри ќе се вратат во своите
домови. Тоа е де факто кантонизација и федерализација на државата. Иако сите
знаат дека Албанците работат на остварување на идејата за "Голема Албанија"
и дека тоа се прави на штета на македонската држава, никој тоа не го
спречува. Се даваат фотелји на поранешни убијци, мафијаши, дилери. Тоа го
нема никаде, ниту во африканските земји. Ако е тоа толку правно зошто Џорџ
Буш не назначи за советник во Белата куќа, некој соработник на Осама Бин
Ладен, коментира господинот Атанасов.
Тешко ми е, додава господинот Атанасов, тоа што секогаш кога
доаѓам во Македонија ги гледам истите проблеми - неасфалтирани патишта,
нехигиена, хаос. Тешко ми е тоа што и по 14 години, на скопскиот Аеродром ја
гледам истата дупка и тоа уште поголема. Каде се парите од Европската
заедница за развој? Претставниците на власта возат скапи автомобили, а зошто
народот не прашува од каде им се тие пари. Го лажат народот дека ние ќе
бидеме примени во Европската заедница.
Господинот Атанасов коментира дека македонската власт воопшто не е
заинтересирана за австралиски инвестиции во Македонија.
Јас досега не сум видел ниту една трговска делегација да дојде во
Австралија да направи некаков договор со австралиската Влада. Се што е
извезено од Македонија е на ниво на поединци и ние гледаме да го купиме,
бидејќи со тоа му помагаме на македонскиот народ. Но, македонските
политичари тоа не ги интересира. Тоа не знаат да го прават, а знаат да
доаѓаат тука да шират пропаганди, да го разединуваат народот. Нам на
Македонците во дијаспората ни треба морална поткрепа. Не ни треба да ни
пуштаат шпиони од Македонија за да не делат. Спасот за Македонија е во
духовното обединување на Македонците во дијаспората. Тогаш Македонија ќе
застане на здрави нозе. Дијаспората е подготвена во секој момент да помогне,
потенцира господинот Атанасов.