ПОГЛЕДИ

Огледалце, огледалце

ЕЖ В'ГАЌИ!

Гог ма Гог

Црниот" Џери (Џери Блек) од КФОР има изгледа повеќе реализам од нашиот "Анасана" Владо (Владо Бучковски) кога станува збор за (не) метеоролошко - воените дејствија што се најавуваат на Косово, горе и малку подолу во Македонија, наскоро... И колку да звучи смирувачки изјавата на нашиот министер на одбраната дека "енормната количина оружје, незадоволството, амбициите и необјективните очекувања внатре во албанскиот етнички блок, има можеби негативни импликации на безбедноста во еден ограничен простор", таа изјава сепак не смирува, оти веќе одозгора, од север вклучен е будилникот кој предупредува на жестоки конфликти на разулавени албански екстремистички војски со се што им се испречува на патот "до конечното ослободување на Албанците", па макар тие да се и на - Камчатка.

Дедо ми за лошиот комшија велеше: деца не знаете вие што е тоа - еж в'гаќи... Така и Владо Бучковски изгледа не знае. Албанскиот екстремизам е цела една "наука" чии лекции се така составени секаде кај што нема да бидат научени, да произведат терор, страв и жртви. Министерот можеби не сака да не уплаши, но нам стравот в коски ни е влезен. Не оној класичен физички страв, туку оној ментален. Можеби тоа им е и целта на - терористите! Не знам, верувајте.

Знам само дека терористите (албански) се "родија" во времето на Тито кога им беше најубаво, кога маршалот ги стимулираше со девет, десет новороденчиња да им биде кум, да им ја изгради Приштина подобра и поубава од Тирана, што сега им создаде проблем, кога ќе се обединат, кој да им биде главен град, а не го испуштаат од вид и Скопје, можеби како родно место на Мајка Тереза?!

Ана е убаво женско име, распространето низ целиот свет, ама лесно може да се претвори во "цвеќе на злото", а да не стои потписот на - Бодлер... Бучковски не го познавам како "доктор мекнач", туку како строг и неконтролиран правник, кој за разлика од некои други министри познати по своите рецепти "три слатки збора", прават горчливи торти.

Невеселата ситуација што ја доживуваме речиси секој ден (дали славиме Илинден 903, или положуваме венци на недолжно загинати бранители, или примаме закани, или гориме депонии...) тежи како воденички камења околу вратот. Ги разбирам охрабрувачките пораки на Робертсон и неговите фармацевтски стимуланси упатени од Брисел до Скопје, директно на Претседателот на државата и сета македонска Влада, но не се согласувам лекот да ја изгуби ефикасноста, а "прстот и понатаму да не клука и збира гној"! Секогаш кога патувам за Охрид, ја користам "Пелагониската магистрала", зашто "Кичевската" ме плаши!

Што му е гајле на Али Ахмети што јас се чувствувам заробен во сопствената земја во која добивам од сите страни познати пораки во стилот на некогашната социјалистичка максима: "Ништо нас не смее да не изненади"! А, изненадувања колку сакаш и кај сакаш. Секое наближување до Скопје, морници ме обземаат кога ќе "ѕирнам" кон Арачиново: кој е таму, што има таму, може ли да се влезе таму? Небаре сме во она време и во оној систем кога "не смееш да прашаш, не смееш да ѕирнеш... Оти мечката ќе те изеде".

Во општата мешаница во која објективно се наоѓаме, а ирационално ја решаваме, се плашам од натамошните бесмислени ситуации што можат да не снајдат. Ние веќе сме полни со збунувачка количина изненадувања! На кои основи го градиме оптимизмот (Бучко дури вели "Не сакаме да бидеме заедно со Албанија и Хрватска, држави кои бесконечно ќе останат само сериозни кандидати за членство, туку сакаме во 2004 година во Истанбул да има еден чекор во пораките кои ги испраќа НАТО") не знам. Но, знам сигурно дека министерот за одбрана на Република Македонија, Владо Бучковски, се уште мисли дека ежот не е во нашите, туку во некои туѓи гаќи!


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"