ИНТЕРВЈУ

Елеонора Петрова - Митевска, пратеничка во Собранието на Република Македонија

РАЗЛИКИ МЕЃУ МАЖИТЕ И ЖЕНИТЕ ВО ПОЛИТИКАТА НЕ ПОСТОЈАТ

Разговарала: Рената МАТЕСКА

  • Според мое мислење, жените се подобри тимски играчи и кога се добро организирани можат да постигнат резултати на кое било поле, а не само во политиката.
  • Кога сте добро организирани наоѓате време за се, иако понекогаш е тешко да се бавите со политика, да бидете со семејството и да го задржите квалитетот во работата во својата сопствена струка.

МС: Госпоѓо Петрова - Митевска, кога е вистинскиот момент за жената активно да се вклучи на политичката сцена и какво е Вашето искуство?

ПЕТРОВА - МИТЕВСКА: Не гледам зошто би постоела разлика кога жените и мажите би требале да се вклучат во политиката. Според мене, нема однапред одреден период за вклучување во политиката. Во СДСМ имаме многу млади мажи и жени политичари, што значи дека нема посебни години кога човек треба да се вклучи во политичкиот живот. Јас во политиката влегов многу доцна, откако научно и професионално се докажав, па на крајот политиката ми стана предизвик за работа во едно дотогаш непознато поле на дејствување.

МС: Која е Вашата професија, како се случи да запловите во политичките води и на која возраст?

ПЕТРОВА - МИТЕВСКА: Јас претставувам една ретка комбинација на специјалист за класични студии што во Европа и во светот многу се цени, но која кај нас допрва треба да си го пронајде своето место. Дипломирав класична филологија (класични јазици) како најдобар студент на генерацијата на Универзитетот во Скопје кај проф. М.Д. Петрушевски и проф. П.Хр. Илиевски. Магистрирав античка историја на Универзитетот во Белград кај Академик Ф. Папазоглу и докторирав исто така на Универзитетот во Белград на Катедрата за археологија кај академик М. Гарашанин. Откако докторирав и реализирав повеќе научни предизвици, вкучувајќи ги тука и книгите за малку истражуваните палеобалкански популации на Бригите и Пајонците, одлучив да отидам во менаџерски води па станав директор на Музејот на Македонија. Сериозно влегов во политиката пред 4 - 5 години, кога за прв пат станав член на Претседателството на ЦО на СДСМ.

МС: Дали цените дека жените може да се носат рамо до рамо со мажите во светот на политиката?

ПЕТРОВА - МИТЕВСКА: Вашите прашања се така поставени како да го доведуваат под сомнеж присуството и успешноста на жените во политиката. Од моето не долго, но мошне интензивно бавење со политика и ангажманот кој беше насочен кон организирање на мрежа на женска организација во партијата, можам да констатирам дека жените се многу ентузијастички расположени за реализирање на задачите кои ги добиваат, тие се многу исполнителни, организирани, способни да се справат со сите проблеми на терен, а единствено им недостасува амбиција да се борат за клучните позиции во партијата. Според мое мислење, жените се подобри тимски играчи и кога се добро организирани можат да постигнат резултати на кое било поле, а не само во политиката.

МС: Дали досега имавте проблем со фактот дека сте жена во светот на мажите и кои беа Вашите мотиви за да влезете во политичките води?

ПЕТРОВА - МИТЕВСКА: Повторно имате иста форма на прашање како да не верувате или да не можете да претпоставите дека жените се еднакво успешни во секоја професија со која ќе се зафатат. Заради нивните претходно наведени квалитети може да се констатира дека тие можат да се реализираат во која било професија која ќе ја одберат вклучувајќи ја и политиката. Лично никогаш не сум имала проблем со фактот дека сум жена во светот на мажите, да ја цитирам вашата формулација. Во жените верувам, сакам да им помагам, а со мажите сум во пријателски релации и не ги чувствувам како противници, туку напротив лесно соработувам со нив. Кога бев директор на Националниот Музеј кој беше матичен на сите музеи во Р.М, иако сите други директори беа мажи, немав проблем со авторитетот.

На вториот дел од прашањето ќе ви одговорам кусо. Во политиката влегов апсолутно непретенциозно,но кога веќе имав можност, а не можам да седам без работа, се зафатив со организирање на жените во клубови, кои денес многу добро функционираат.

МС: Покрај политиката, колку жените - парламентарки оставаат простор и време за своето семејство?

ПЕТРОВА - МИТЕВСКА: Зошто досега не сум сретнала ниедно прашање во медиумите - колку мажите покрај политиката оставаат простор за семејството? А мислам дека одговорот е ист. Решението е во организирањето на личноста. Кога сте добро организирани наоѓате време за се, иако понекогаш е тешко да се бавите со политика, да бидете со семејството и да го задржите квалитетот во работата во својата сопствена струка.

МС: Како е да се биде мајка - парламентарка?

ПЕТРОВА - МИТЕВСКА: Моето прашање е повторно како е да се биде татко - парламентарец, односно политичар. Според мене, слично е како и со другите професии кои бараат многу работа и одрекувања, но се разбира не е тешко. Особено кога детето, или децата се големи, добро организирани и самостојни. Јас се обидувам да бидам добар пријател со мојата ќерка, а таа се обидува да биде одговорна и да не прави проблеми.

МС: Жената, пред се, е предодредена да биде мајка. Дали тоа, според Вас, претставува хендикеп во градењето на политичката кариера?

ПЕТРОВА - МИТЕВСКА: Веќе се заморив објаснувајќи дека семејството и детето, или децата, не се само обврска на жената. Тоа во светот, па и во Македонија, е веќе апсолвирано прашање. Бракот е заедница во која партнерите си ги делат обврските околу куќата и децата и така се реализираат во своите кариери. Се разбира, во различни периоди на животот едниот партнер му дава приоритет на другиот во реализација на неговата кариера и така со избалансиран однос и толеранција се надополнуваат. Јас и кога се бавев исклучиво со наука, немав намера да бидам само домаќинка и мајка, бидејќи сметам дека личноста не е потполна кога не се реализира и професионално. Исто е и со политиката. Не сметам дека професионалната активност во политиката треба да претставува хендикеп за жената. Имаме околу нас многу примери кои секојдневно не демантираат.

МС: Дали Вашето семејство има разбирање и оправдување за Вашите чести политички ангажмани?

ПЕТРОВА - МИТЕВСКА: Не можете да очекувате промена во начинот на размислувањето на луѓето ако самите не помогнете во надминувањето на предрасудите за жените. Вие како медиум имате и должност тоа да го правите. Јас навистина во текот на целиот живот ретко кога сум се судрила со дискриминација од кој било облик затоа што сум жена. Рамноправноста на половите е непобитен факт за кој се залагаат сите европски парламенти.

Во поголем број политички партии и во невладиниот сектор во Република Македонија исто така се смета дека жените треба да бидат адекватно застапени, па не гледам зошто само за жените треба да се бара разбирање од семејството, ако се бават со политика. Конкретно за мене, пред да се бавам со политика, кога се бавев со наука или имав теренски активности сум имала разбирање од семејството исто како и мојот сопруг кога отсуствувал службено.

МС: Која беше причината поради која се вклучивте во политиката и дали сметате дека може да се биде успешен и во политичката кариера и во градењето хармонично семејство?

ПЕТРОВА - МИТЕВСКА: Би сакала да кажам дека секогаш сум била космополитски, проевропски и социјалдемократски ориентирана и СДСМ бил мој избор со цел да помогнам на развојот на социјалдемократијата. Инаку, вториот дел од прашањето нема допирни точки со првиот дел, зашто сметам дека хармоничното семејство е дел од човековата интима и секој го гради за себе. Не значи дека ако сте зафатени надвор од домот не можете да имате хармонично семејство или обратно. Има луѓе кои се постојано дома па немаат хармонично семејство. Според мене, тие работи не се во корелација.

МС: Жената, покрај се, мора да води сметка и за својот изглед. Како Вие наоѓате време за градењето на својот имиџ?

ПЕТРОВА - МИТЕВСКА: Јас мојот имиџ сум го изградила многу порано од периодот кога сум влегла во политиката. Истото тоа се однесува и за водењето сметка за изгледот. Како теренец секогаш повеќе ми одговарал спортскиот изглед и кратката коса и по тоа сум препознатлива. Сега наеднаш никој не очекува од мене преку ноќ да се претворам во некоја друга личност.

МС: Повеќе од очигледно е дека жената е се повеќе застапена во Парламентот. На што се должи тоа и дали очекувате во иднина да дојдеме до 50 отсто застапеност на жените во оваа институција?

ПЕТРОВА - МИТЕВСКА: Не станува збор за тоа дали ние треба нешто да очекуваме, туку што треба да одработиме. Бројката од 30 отсто жени на листите за парламентарните избори не дојде случајно, туку ја одработија голем број жени во политичките партии и невладиниот сектор. Трендот на зголемување на бројот на жените во Парламентот ќе се движи онака како што ќе расте процентот на жените во политиката во Европа и во регионот и од работењето на голем број жени на теренот. Процентот од 50 отсто застапеност на жените во Парламентот засега го има само во скандинавските земји, но да очекуваме дека и овде ќе дојде до наголемување на бројката од 18,5 отсто на барем 30 отсто избрани парламентарки.

МС: Која би била Вашата порака до жените со амбиции да бидат идни парламентарки?

ПЕТРОВА - МИТЕВСКА: Кога јас станав директор на Музејот на Македонија, ми поставуваа слични прашања како, на пример, кои се моите пораки до жените кои сакаат да стигнат до раководни места и слично. И тогаш и сега мојот одговор е ист. Го позајмив од една поранешна градоначалничка на Отава. Пораката важи за сите жени и гласи: "Ако сакате нешто да постигнете во животот, треба да работите дупло од мажите, за да постигнете половина од нивниот успех."

Јас додавам дека според кажаното жените треба да работат 4 до 5 пати повеќе од мажите за да постигнат исто или повеќе од нив. Но, на жените и тоа не им е тешко.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"