ладата на премиерот Црвенковски,
настаната по "бракот" со Али Ахмети, по неколкумесечното лутање, поточно
неснаоѓање и слабите економски резултати во земјава, е подготвена за чистење.
Ветрењето го најави Премиерот, бидејќи е незадоволен од работењето на
одредени министри во неговата Влада.
Овој мошне сомнителен кадровски состав покажа дека е неспособен да се
соочи со проблемите и нараснатите негативни резултати од економските
показатели и движења. Земјоделството е на најниските гранки од постоењето, а
економијата никако да закрепне, бидејќи не се создаваат поволни услови за
стопанските субјекти и нивно консолидирање. Затоа Премиерот мора да повлече
сигурен потег, бидејќи ако продолжи натамошниот економски тренд на опаѓање,
тогаш постои опасност од поголеми социјални немири.
КАТАСТРОФА
Република Македонија одамна е во жив песок. Но, никогаш не била на толку
ниски гранки. Дел од вината мора да се бара во последиците од кризата во
2001 година и нарушените меѓунационални односи меѓу Албанците и Македонците,
меѓутоа оправдувањата не смеат да се извлекуваат токму од оваа болна точка и
од лошата безбедносна ситуација. Диригентската палка е во СДСМ кој владее со
помош на своите сателити - ЛДП и другите, но во поделбата на колачот
најзначаен и супериорен партнер е ДУИ. Од нив се зависи во овој "балкански
бермудски триаголник", па дури и судбината на земјава.
Според неколкумесечните лутања, резулатите се катастрофални. Црвенковски
одбра лоши и истрошени играчи. Дури и најработливите, Шекеринска, Митрева и
Бучковски, тапкаат во место, бидејќи нема поддршка од економскиот сектор кој
се вклопи во бледото издание на Министерството за транспорт и врски и на
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тука треба да се
лоцираат причините за големата безработица, за сиромаштијата и економскиот
колапс врз кој како шакал притискаат меѓународените фактори, Меѓународниот
монетарен фонд и Светската банка.
Во таков ужасен амбиент живеат, обичните граѓани кои дури на врат ги
носат екстремните елементи од Албанците во Македонија, чија кама постојано
ја држи тензијата во земјава до усвитување.
Затоа, најмногу има работа Министерството за внатрешни работи кое, за жал,
повеќе е инволвирано во политичкото вработување и едуцирање на Албанците во
полицијата, отколку да се зафати со чистењето на улиците од криминалот,
тероризмот, трговијата со дрога и другите елементи што го нарушуваат јавниот
ред и мир во Република Македонија.
МОЛЕЊЕ
Албанскиот тероризам и натаму е присутен на теренот. Формата и обликот не
е сменет. Тој се повеќе има приврзаници, иако МВР преку својот
гласноговорник се обидува да ја разобличи вистинската слика од теренот.
Сакале или не, таа е многу лоша. Дури и најголемите оптимисти и стручњаци не
знаат кога македонската полиција вистински ќе патролира во кризните региони.
Впрочем, и по 2001 година остануваат истите параметри. Секојдневно се убива
и експлодираат подметнати мини. Тоа се случи во Кумановско при што загинаа
цивили, но и припадници на "Килибарната лисица". Подоцна во Скопје две
подметнати експлозивни направи со разорна моќ го вознемирија мирното
население кај ТЦ "Мавровка" и граѓаните крај управната зграда на "Македонските
телекомуникации".
Настаните што се случија во Арачиново кога како заложници беа земени
полицајците од македонско потекло укажува колку всушност МВР ја контролира
ситуацијата. Таа покажа дека во Република Македонија фигурира двојна власт.
Едната што е официјално избрана на парламентарни избори, а другата е онаа
што не ги испушти уздите од 2001 година. Албанските терористи одредуваат кој
да се движи и кој да поминува низ нивните освоени територии. Затоа не може
да се оцени дека банкарот си ја заврши работата. Не е успех само да се
протежираат албанските вработувања кои произлегуваат од Рамковниот договор и
фиктивната борба против корупцијата кај поранешните функционери на
ВМРО-ДПМНЕ. Неуспехот е поголем - да се моли кај Вејце, да се моли за
Арачиново, да се моли за Карпалак, за Љуботен итн.
Затоа времето за Република Македонија застана. Тоа единствено може да се
мери со турското, или каурското време кога македонскиот народ со наведнати
глави одеше да ги моли пашите и беговите за да гради цркви и манастири кои
патем да потсетиме требаше да бидат закопани во земја за да не се повисоки
од џамиите.
Ако ова волчјо време во многу нешта не потсетува на тоа, тогаш мошне
близу сме до целосната окупација на македонската територија.
АВАНТУРА
Додека Премиерот целото време го сосредочи кон спроведувањето на
Рамковниот договор, тој заборави на економијата. Таа продолжи да тоне во
калта. Најпрво, традиционално колебливиот Петар Гошев не успеа да се
испазари со ММФ и од јавноста ја криеше цената на струјата, бидејќи знаеше
каква реакција ќе предизвика ако докрај беше искрен кон народот. Единствено
што беше принципиелен е што не го смени државниот секретар Ванчо Каргов кој
сега е на нова функција, вицегувернер на Народната банка на Македонија. Тој
беше главен оперативец на Никола Груевски, сегашен лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај ова, на душа може да го носи покачувањето на ДДВ кое според сите
експерти можеше да се избалансира и да направеше помал удар врз цените во
земјава.
Во нешто слична улога беше министерот за труд и социјална политика, Јован
Манасиевски, кој освен што им ја исклучи струјата на социјалните случаи за
да ја среди евиденцијата со корисниците на социјална помош, не видовме некои
поголеми резултати. Заштедите што се покажаа по оваа акција се капка во
морето, бидејќи нараснатиот број на невработени ги зголеми барателите за
социјална помош.
Најмалку од либералдемократското крило во Владата покажа министерот за
земјоделство, Славко Петров, кој освен што ги обзнани имињата на тутунските
комбинати кои немаат пари или во изминативе години користеа финансиски
средства од државата, друго и не работеше. Адвокатот беше залутан адвокат во
погрешна фотелја. Земјоделците останаа без пласман на производите, се
засилува млечната криза, а последната акција со социјалците "биди земјоделец"
без алат и без сигурен пласман е уште една ноторна грешка, авантура. Затоа
сигурно ќе биде сменет, иако се уште најавите се сведуваат на шпекулации или
озборувања. Нему најверојатно ќе му се придружи министерот за економија,
Илија Филиповски, кој се покажа дека не умее да го води овој мошне значаен
ресор. Оттаму не дуваат некои добри ветришта. Се се сведува на празни
ветувања при што цвета шверцот и сивата економија. Во последниве неколку
месеци странскиот капитал заминува од Република Македонија. Нешто слично му
се подготвува и на министерот за култура, Благоја Стефановски. Но, за негово
изземање најмногу се борат Албанците кои бараат паралелно Министерство за
култура.
ДНОТО
Коректорот во власта, ДУИ, не направи ништо. Нејзините кадри, министерот
за здравство, Реџеп Селмани, и министерот за транспорт и врски, Миљаим
Ајдини, имаат најмалку резултати. Тие, впрочем, не се појавуваат во
јавноста, бидејќи повеќе се занимаваат со други работи отколку со она за што
се поставени. Затоа најверојатно ќе летаат од столицата. Меѓутоа, прашање е
кој ќе ги замени? Некој подобар или послаб!? Евидентно е дека партијата на
Али Ахмети има слаби кадровски потенцијали и затоа ги користи ресурсите од
другите албански партии, како со примерот на Ризван Сулејмани кој е на
позиција заменик на министерот за одбрана. Оттаму, септемвриската
реконструкција на Владата на Република Македонија ќе биде најголемиот
предизвик за Црвенковски пред идните претседателски избори.
Тој го потроши времето занимавајќи се со спроведувањето на Рамковниот
договор, а најмалку посвети време на економските прашања. Затоа, слабите
резултати му се голема опомена за рејтингот кај јавноста. Дури и неговите
сојузници, првите коњаници, Илинка Митрева, Шекеринска и Бучковски, зависат
од работењето во другите ресори.
Вицепремиерот Шекеринска, задолжена за евроатлантските интеграции, не
може да мрдне, бидејќи реформите во сите ресори доцнат или одат со бавно
темпо. Ако за пример ни беше Хрватска која по нас го потпиша Пактот за
стабилизација и асоцијација, таа сега со сигурни чекори галопира кон
Европската унија и многу е подалеку од нас во реформите. Таа веќе го поднесе
барањето за прием на ЕУ, а ние не знаеме кога тоа ќе го направиме. Затоа
имаме се помалку шанси да се извлечеме од "Западниот Балкан" кој упорно не
влече кон дното. Оттаму тешко ќе се извлечеме, бидејќи немаме компас, волја,
да ги спроведеме строгите правила на Заедницата која сака сигурни партнери,
а не "шизици" во политиката. Затоа јалови се потезите на Бучковски кој барем
се труди, или барем се обидува да не убеди во илузијата дека најдоцна 2006/7
година ќе влеземе во безбедносните структури на НАТО. Процесот на реформите
на АРМ е нужен, бидејќи и онака принципите на раководење и командување беа
застарени и во 2001 година се покажаа како некомпатибилни со реалноста на
Балканот и во светот. Од ова можеби ќе извлечеме и некоја корист. Барем ќе
имаме мала, ама не скапа војска која ќе биде задолжена да се соочи со
растечкиот тероризам во регионот.
Најмногу работа, сепак, има министерката Илинка Митрева која не може да
крене глава од политичките притисоци, иако сака да ја професионализира
македонската дипломатија. Но, во тоа ја кочат сите - од дворските шутови во
ресорното Министерство до Кабинетот на "граѓанинот Кејн", па дури и самиот
Претседател лично. На тој начин владењето на Црвенковски се сведува во лов
на матно. Сите потези ги диктираат дневнополитичките настани кои индиректно
влијаат врз целокупната ситуација во Република Македонија. Затоа Премиерот е
принуден да прави реконструкција на Владата, без разлика дали таа ќе биде
мала, голема или ќе добиеме нова влада.
Сепак, на крајот луѓето ја создаваат Владата и тие ја креираат патеката
на развојот на државата. Овие, според она што го покажаа досега, се
неспособни и во власта влегле за лични цели. Кога ќе се истргнеме од личните
цели и кога конечно ќе поработиме на општиот интерес.