ПОЛИТИКА

Свечено одбележана единаесетгодишнината од формирањето на Армијата на Република Македонија

НЕМА ОТСТАПУВАЊЕ ОД РЕФОРМИТЕ

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Од независноста наваму постојано сте соочени со многу тешки моменти, но вашата посветеност и храброст секогаш биле на висина на предизвикот, изјави Џорџ Роберстон по повод единаесет години од Армијата на Република Македонија.
  • Нема колебање, одлучни сме да ги спроведеме реформите. Благодарение на нив граѓаните ќе остварат поголем степен на лична и колективна сигурност. Со реформите АРМ станува ефикасна, професионална, модерна и економична, изјави министерот за одбрана, Владо Бучковски.

Денот на АРМ, осумнаесетти август, беше одбележан на свечен начин во сите касарни низ земјата. А по тој повод беше одржана и свечена академија. Исто така, Македонците на "Славеј планина" ја одбележаа и шеесет годишнината од формирањето на првата регуларна единица на македонската народно-ослободителна војска, баталјонот "Мирче Ацев". На семејствата на загинатите бранители од 2001 година им беа доделени плакети.

Од многубројните манифестации по повод единеесеттиот роденден на АРМ, особено внимание предизвика вежбата која Првата пешадиска бригада, Одредот за специјални дејства, Падобранскиот одред и Военото возухопловство ја изведе на полигонот "Чојлија", крај Скопје. Станува збор за "Копнено-воздушна операција за поддршка на мирот", а на неа беа претставени активности што се спроведуваат во мировните операции насекаде во светот, акции на безбедносните сили во борбата против тероризмот и операции за извлекување на специјалните единици од просторот на акциите. Вежбата беше изведена пред претставници од државно-воениот врв на Македонија и претставници на дипломатскиот кор.

Претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили, Борис Трајковски, по вежбата, истакна дека од она што го видел слободно може да каже дека Армијата на Македонија воопшто не заостанува зад армиите на поголемите држави.

Министерот за одбрана, Владо Бучковски, потенцираше дека нема отстапување од реформскиот курс на Армијата, бидејќи со остварувањето на визијата на реформираната Армија, Македонија ќе ја зајакне својата безбедност, и самата ќе биде подготвена за самостојно обезбедување на стабилноста во својата земја и за активен придонес во колективната безбедност и за учество во мировни мисии на евроатлантските интеграции.

Нема колебање, одлучни сме да ги спроведеме реформите. Благодарение на нив граѓаните ќе остварат поголем, степен на лична и колективна сигурност. Со реформите АРМ станува ефикасна, професионална, модерна и економична, изјави Бучковски.

АКАДЕМИЈА

Од своите почетоци во независна и суверена Македонија кои беа повеќе од скромни по распадот на Југославија и лимитираните ресурси на државата во првите фази од процесот на нејзиното меѓународно-правно етаблирање АРМ измина долг пат на сопствено профилирање и промовирање во професионална и функционална целина која ќе биде подготвена да одговори на своите уставни и законски обврски, истакна Трајковски на свечената академија која по повод Денот на АРМ се одржа во просториите на Владата на Република Македонија.

Врховниот командант на вооружените сили, Трајковски, ги посочи неколкуте суштински задачи кои & претстојат на АРМ: "соодветно димензионирање на внатрешната структура и бројниот состав на активниот и на резервниот контигент на АРМ, трансферот на надлежностите во делот на граничното обезбедување и темелното трансформирање на сегментот на специјалните сили кои треба да го понесат главниот товар, при идното превенирање на потенцијалните закани".

ПРОСЛАВА

На свечената академија преку видеоснимка, се обрати и генералниот секретар на НАТО, Џорџ Роберстон.

Генералниот секретар на Алијансата рече дека задачата на АРМ е да ја брани својата татковина, која претставува модерна, демократска држава со еднакви можности за секого, без оглед на етничката припадност.

Од независноста наваму постојано сте соочени со многу тешки моменти, но вашата посветеност и храброст секогаш биле на висина на предизвикот, изјави Робертсон.

Тој потенцира дека мал е бројот на армиите што за кратко време морале да се фатат во костец со толку многу проблеми и посочи дека задачата на АРМ е да се реформира според современото безбедносно опкружување. Тоа е долготраен процес за чија реализација ќе помогне НАТО.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"