ПОЛИТИКА

ДОСИЕ: Заговорот или предавството во Република Македонија од 2001 година (1)

НАМЕРНО УНИШТУВАЊЕ НА БЕЗБЕДНОСНИОТ СИСТЕМ!?

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Аферата "Големо уво", чиј судски епилог ќе нема завршница, беше клучниот момент кога уздите веќе не беа под контрола на државата и власта.
  • Оваа афера покажа колку е слаба или колку е диригирана власта од надворешните и соседските фактори. Тие имаа отворена временска порта и можеа да тргнат во реализација на проектот - уништување на Република Македонија, на македонскиот народ и нејзиното уредување.
  • Непријателот удри на сите фронтови.

Она што & се случи на Република Македонија, поточно на македонскиот народ, во 2001 година, настан кој некои од политичарите упорно се трудат и сакаат да ни го наметнат како воен конфликт, всушност по сите белези беше терористички атак врз нашата држава. Тој беше мошне добро организиран од надвор, но и од внатре. Двата сојузника со години се подготвувале за уривање на сите институции во РМ, особено на безбедносниот ситем, кој не одговори на зададената задача, бидејќи дел од македонските политичари кои беа и се уште се на високи функции во државава ја продадоа за ситни пари. Со тоа му се овозможи на непријателот (албанскиот тероризам) да ги заземе оние позиции кои по природен и по политички пат не ги заслужува.

Затоа сега нема унитарна држава, туку неверојатен "клон" кој се повеќе покажува дека нема да преживее, бидејќи вештачки е создаден. Токму поради ова ќе се занимаваме со внатрешните непријатели кои ги препознаваме во редовите на македонскиот народ, а имаат исклучително важна улога во демонтирањето на државата. За нивната улога има многу аргументи кои одат во прилог на нашата теза.

ИНТЕРЕСИ

Првата година од ЏЏИ век за македонскиот народ се покажа дека е погубна. Таа по многу нешта е лоша, иако политичарите од македонскиот род себеси се нарекуваа спасители на македонската нација, а всушност нивната кусогледост не доведе до вакво дереџе. Тие ја отворија пандорината кутија и му овозможија на албанскиот тероризам да се размавта и да покаже колку се цврсти и настојчиви во остварувањето на сонот - "Голема Албанија".

За него во последниве две до три децении работат генерации албански интелектуалци и криминалци, а со помош на парите стекнати со продажба на дрога, на оружје и на организираниот криминал со трговијата на бело робје и проституција, се добија доволно средства за инвестиција во балканските освојувања. Ова го искористија некои странски разузнавачки агенции кои ја поддржуваат мечта само да ги поместат своите геостратешки интереси и воени потенцијали на истокот, Блискиот Исток, Ирак, Иран, Русија и Кина.

Оттаму сите настани што се случија во 2001 година имаа свесна, планирана и координирана подлога. Во Република Македонија, меѓу аналитичарите и попознатите воени стратези и разузнавачи, се повеќе преовладува мислењето дека се засилува притисокот врз нашата земја, бидејќи позициите на соседите и нивните сојузници се вгнездени во македонскиот политички естаблишмент. Тие галопираат на македонско тло со несмалена жестина. Нивните сојузници, т.н. струи - "бугарофили", "србофили" и "гркофили", го нагризуваат просторот и ја освојуваат Република Македонија. Затоа процесот што започна да се финализира во 2001 година е почеток на политичкиот крај на националната држава на македонскиот народ, Република Македонија, која сега по рамковните промени е непрепознатлива, мултикултурна. Кој всушност има најголем интерес да го уништи македонскиот народ и да ја избрише од картите Република Македонија? Дали овој црн план се остварува?!

РАЗГОВОРИ

Во 2000 година тестот за безбедносните институции на државата беа аферата со убиството на полицајците во Арачиново и настанот со дрвосечачот Џавид Асани. Но, тој не беше положен. Тој покажа колку имаме несигурен безбедносен систем кој патем го исцицаа политичарите на власта. Тоа беше доволна основа за да се продолжи со демонтажата на Република Македонија. Аферата "Големо уво" не е производ на лидерот на СДСМ и сегашен премиер, Бранко Црвенковски, туку јадец на тогаш мошне силната политичка партија на власта - ДПА, велат нашите консултанти од структурите на МВР. Токму тие му ги подметнаа доказите за прислушувањето, бидејќи ним и на другите кои учествуваа во планираното разградување на политичкото уредување на РМ, им требаше иницијална каписла за да продолжат со реализацијата на договорот.

На 17 јануари 2001 година, тогашниот водач на опозицијата, Бранко Црвенковски, а сегашен премиер, ја обвини Владата на Георгиевски дека масовно се служи со прислушување на телефоните на видни личности и презентираше стенограми од прислушуваните разговори кои го поткрепуваат тоа. Црвенковски во тоа време не сакаше да открие од кои извори му се документите. МВР се обиде да ги демантира тврдењата на Црвенковски и најави дека ќе ја испита можноста прислушувањата да ги извршил "паралелен систем за прислушување" контролиран од СДСМ.

Според стенограмите на СДСМ, прислушувани се разговори на претседателот Борис Трајковски, поранешниот претседател Киро Глигоров, поранешниот претседател на Парламентот, Саво Климовски, лидерот на ДА, Васил Тупурковски, лидерот на ЛДП, Ристо Пенов, видните некогашни функционери: Александар Димитров, Борко Андреев, Никола Груевски, Драган Даниловски, Гале Галев, Филип Петровски, Данило Глигоровски, Лазар Китановски, Никола Поповски, Ѓорѓи Тодоров, Петар Гошев и други политичари, професори и новинари. Стенограмите од овие разговори, на повеќе од 100 страници, содржеа најразлични телефонски разговори, од банални до најдоверливи договарања меѓу политички соработници, новинари, пратеници. Многу важни информации и детали од овие разговори можеле да бидат искористени во политичките пресметки со противниците и несомнено & помогнале на тогашната владејачката гарнитура ВМРО-ДПМНЕ за време на изборите, при формирањето парламентарно мнозинство или во други политички судири со опозицијата, оценуваше лидерот на СДСМ, Црвенковски.

Ова е само мал дел, само 10 отсто од записите со кои располага СДСМ, а тоа веројатно не е ниту еден отсто од она што навистина се прислушува, рече Црвенковски.

Тој истакна дека опремата со која може да се реализира ова може да се набави само со специјална дозвола на производителот. Таква опрема во Македонија има од два типа и двата се сопственост и на располагање на МВР.

ДЕМАНТ

Министерството за внатрешни работи веднаш се обиде да ги затскрие своите потези, енергично отфрлајќи ги шпекулациите дека снима телефонски разговори на носители и на највисоките државни и јавни функции. За таа цел Министертвото најави истрага и формирање анкетна комисија во Собранието за утврдување на одговорноста. Оваа реакција на тогашните раководни структури во полицијата ја образложуваше врз основа на поранешната важечка уставна и правна регулатива.

МВР во остварувањето на своите со Уставот и законите утврдени функции и надлежности, а раководејќи се посебно од одредбите на член 17 од Уставот на Република Македонија, не вршело и не врши никакво прислушување на телефонските разговори на поранешни и актуелни носители на јавни функции во Република Македонија, ниту тоа и во иднина ќе го чини, беше наведено во издаденото соопштение по повод аферата што ја обзнани лидерот на СДСМ.

Раководејќи се и од своите надлежности утврдени во Законот за внатрешни работи, Законот за кривична постапка и Законот за увид и пристап во личните досиеја водени до поранешната Служба за државна безбедност, МВР не води никакви идеолошки и политички досиеја за граѓаните на Република Македонија, вклучувајќи ги и носителите на највисоките државни функции, затоа што тоа би претставувало не само најгрубо прекршување на слободите и правата утврдени со Уставот и законите, туку би претставувало и злоупотреба на функциите на одговорните лица во Министерството за внатрешни работи, се потенцираше во соопштението.

Доколку се утврди дека тоа е правено, било од вработен во МВР, било од граѓанин на Република Македонија, ќе се покрене политичка, дисциплинска и кривична одговорност. Во рамките на своите надлежности, МВР ќе преземе мерки и активности за утврдување на автентичноста на презентираните материјали во врска со наводното снимање на телефонските разговори, при што не е исклучена можноста од утврдување факти со кои би се утврдило дека СДСМ располага со паралелен систем за прислушување и снимање телефонски разговори, заради монтирање случаи со политичка заднина и компромитирање на Министерството за внатрешни работи, претпоставуваше тогашната раководна структура.

За таа цел, МВР предложи да се формира анкетна комисија на која подоцна & беа презентирани доказните материјали на СДСМ, а изврши увид и во работата на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање и Агенцијата за разузнавање.

НАЛОГ!?

Првичната реакција на поранешните први луѓе во државата и на МВР беше очекувана, бидејќи тие дипломатски се бранеа од нападите и од обвинувањата на Црвенковски. Георгиевски рече дека обвинувањата на Црвенковски ги доживува како обид да му се расипе роденденот. Но, сепак го поддржа расчистувањето на случајот со формирање анкетна собраниска комисија, која можат да ја предводат токму луѓе од СДСМ.

Прво треба да се види од кого биле прислушувани личностите, бидејќи има многу структури што можат да се пофалат дека имаат можност да прислушуваат, изјави Георгиевски и додаде оти се сомнева во тоа дека тогашната верна партнерка во власта, министерката Доста Димовска, е одговорна за прислушувањето.

Инаку, Димовска во својот демант најави дека има намера да ги објави документите што ќе го потврдат прислушувањето на ВМРО- ДПМНЕ, кое било по налог на поранешниот министер Томислав Чокревски. Во врска со ова се огласи и Кабинетот на претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски, кој изрази длабока загриженост во врска со изнесените информации во јавноста за прислушување многубројни личности од македонскиот политички и јавен живот.

Претседателот смета дека применувањето на таква практика од која било институција или поединец претставува крајно сериозен удар врз правата и слободите на граѓаните и врз македонската демократија воопшто, беше наведно во соопштението од Кабинетот на претседателот на Република Македонија.

На шести февруари 2001 година лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, ја задржа тензијата во Република Македонија околу аферата "Големо уво" која во тоа време веќе беше процесуирана низ институциите на државата, Собранието и во Обвинителството. Тој потенцираше дека Центарот на прислушувањето е лоциран во Управата за оперативна техника на МВР.

За прислушувањата на јавните личности и новинарите устен налог давала лично министерката за внатрешни работи Доста Димовска, изјави Црвенковски.

Тој до Јавното обвинителство ги достави новите записи од прислушувањето на уште седумдесетина личности. Началникот и подредената началничка во Одделот за репродукција во Управата, според него, дејствувале по устен налог и наредба на министерката Доста Димовска.

Наредниот ден Димовска возврати на ударот и најенергично ги отфрли обвинувањата од лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, дека центарот за прислушување бил во Управата за оперативна техника и дека устен налог за прислушување давала лично таа. Во соопштението на МВР се наведуваше дека вербалниот "тероризам на Црвенковски коинцидира со тероризмот врз припадниците на полицијата и има цел да ја дестабилизира државата".

Неаргументирани клевети не му прилегаат на лидер на политичка партија кој, надвор од правниот систем на државата, се става себеси во улога на обвинител, на судија и на егзекутор. Тоа е интелектуален вербален тероризам во функција на бескомпромисната борба за власт, беше наведено во тоа соопштение.

ПОРТА

Политичките сплетки во Република Македонија доведоа до забрзана ерозија на безбедносните структури кои како ранета и изнемоштена ѕверка беа "грогирани" од постојаните нестручни упади на политичарите. Тие беа инволвирани во нивната игра, но и во поширокиот заговор за распаѓање на земјава која се финализираше во надворешните центри на моќта. Затоа во 2001 година се случуваа и други неверојатни нешта кои патем имаа цел да го амортизираат ударот на јавноста која се покажа дека нема изградено национална свест и целата енергија, огорченост и револт да ја канализира за спас на државата.

Меѓутоа, тоа не се случи, бидејќи вниманието на македонскиот народ и другите граѓани беше свртено во друг правец - борбата за власт и меѓусебните препукувања на релација ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Токму аферата "Големо уво", чиј судски епилог ќе нема завршница, беше клучниот момент кога веќе уздите не беа под контрола на државата и власта. Таа покажа колку е слаба или колку е диригирана власта од надворешните и соседските фактори. Тие сега имаа отворена временска порта и можеа да тргнат во реализација на проектот уништување на Република Македонија, на македонскиот народ и нејзиното уредување. Непријателот удри на сите фронтови. Додека јавноста беше преокупирана од тоа што ќе слушне за пикантериите од прислушувањата, на околните планини се раздвижуваа и организираа албанските терористи. Тоа добро им беше познато на првите луѓе во власта кои беа информирани од Агенцијата за разузнавање и од ДБК. Според одредени наши сознанија, сосема други извештаи оделе на работните маси на првите луѓе во нашава земја, но и оние порецензираните, а не филувани биле намерно бојкотирани од политичките раководители.

Затоа целиот амбиент во кој се одвиваа одредени потези на власта наликува на заговор или предавство од страна на македонскиот политички блок. Таквиот призвук во услови на несигурност, апатија и безнадежност, дава доволно гаранција дека тајниот план може лесно да се реализира. Но, за тоа беа потребни уште неколку работи за да попуштат сите шевови на Република Македонија.

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"