ПОЛИТИКА

Во државава се живее под постојани закани и со инциденти

"КАШИКАРА" ЗА ДОБАР ДЕН

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Јас сум војник, командант на единицата "Кобра". Но, за тоа кога ќе почне војната ќе одлучи Главниот штаб на АНА. Подготвени сме и чекаме инструкции, вели командантот Чакала.
  • Според министерот за одбрана, Владо Бучковски, евидентно е дека во регионот постојат екстремистички и терористички групации кои имаат за цел се додека не се реши статусот на Косово да го држат отворено прашањето за менување на границите и за "остварување некои болни идеи за големи држави и слични мрачни сценарија".

На улицата "Браќа Миладинови" во Тетово ви-кендов била фрлена рачна бомба "кашикара" пред патничко возило "БМВ", сопственост на лице од албанска националност. Во инцидентот што се случи на околу 150 метри од Шарената џамија во Тетово, недалеку од кафеаната "Мајами", нема повредени, а оштетен бил само автомобилот.

За голема жал ова е скоро секојдневие во Република Македонија, иако од 2001 година изминаа две години и иако имавме годишнина од срамниот Рамковен договор со кој профитираа само поборниците за "Голема Албанија". Македонија и македонскиот народ постојано се под стрес од постојани закани на разни варијации на темата - УЧК.

На 15 август 2003 година, околу 5 часот, пред станбена зграда лоцирана на ул. "Љуба Ивановиќ" во Скопје, непознат сторител фрлил експлозивна направа, при што настанала експлозија од која се оштетени тротоарот пред зградата и паркирано "југо 45". Од извршениот увид од страна на увидна екипа од СВР - Скопје и екипа од Секторот за антитероризам е утврдено дека станува збор за рачна бомба "кашикара". МВР презема мерки за откривање на сторителот. За жал, црната хроника не завршува со овој настан.

ПРЕДИЗВИК

Според највисокиот државен врв во Република Македонија, безбедносната состојба е "чувај Боже од полошо".

Македонија се наоѓа пред безбедносен предизвик да се справи со остатоците од поранешните припадници на УЧК, кои сега сакаат да ги сменат униформите и да се промовираат во нова терористичко-екстремистичка организација т.н. АНА, како воено крило на поширокиот Фронт на националната албанска армија, која дејствува во регионот, вели Владо Бучковски, македонскиот министер за одбрана.

Во интервјуто за Македонско радио, во саботата, Бучковски истакна дека "во моментов, сепак, нема посериозни закани по безбедноста на Македонија, а вооружените групации што постојат на нејзина територија немаат капацитет, ниту поддршка од локалното население за да ја дестабилизираат државата како во 2001 година".

Тој, врз основа на разузнавачки податоци, демантира дека во Арачиново се наоѓа штабот на т.н. АНА. Бучковски оцени дека Македонија во овој момент не гледа сериозна закана за својата безбедност како рефлексија на се што се случува во јужна Србија или на Косово. Според него, евидентно е дека во регионот постојат екстремистички и терористички групации кои имаат за цел, се додека не се реши статусот на Косово, да го држат отворено прашањето за менување на границите и за "остварување некои болни идеи за големи држави и слични мрачни сценарија".

Македонија, вели Бучковски, не смее да стане заложник на таквите идеи и мора да ги штити своите национални и државни интереси. Тоа значи дека не треба да се влезе во сценарио што некој го заговара дека при евентуалното решавање на статусот на Косово би биле нарушени стабилноста, безбедноста, суверенитетот и интегритетот на Македонија или на она сценарио што за жал се слуша од некои претставници на српската Влада дека решавањето на статусот на Косово би ја загрозило стабилноста на државава, истакна министерот за одбрана.

Тој повтори дека за Македонија е најбитна стабилноста на Косово, а не неговиот статус, бидејќи стабилноста на покраината има директни импликации и врз стабилноста на земјава. Со други зборови, албанскиот фактор и понатаму ќе не става во ситуација да немаме мирен сон, се поради некаквиси болни амбиции.

НЕОСВОЕН МИР

Мирот во земјава се уште не е освоен, иако сите објективни процени покажуваат дека безбедносната состојба е неспоредливо подобра во споредба со 2001 година, истакна претседателот Борис Трајковски на свечената академија по повод Денот на Армијата на Република Македонија одржана во зградата на Владата.

Свое видеообраќање имаше и Џорџ Робертсон, генералниот секретар на НАТО, кој рече дека од независноста наваму, армиските сили се постојано соочени со многу тешки моменти, но нивната посветеност и хаброст, секогаш биле на висина на предизвикот.

На теренот се уште постојат вооружени екстремни поединци и групи што го вознемируваат населението и ја одржуваат на недозволиво високо ниво тензијата во поранешните кризни региони. Независно од нивните мотиви, тие мора да бидат брзо неутрализирани и санкционирани од надлежните органи, додаде македонскиот Претседател.

Останува да видиме за каква неутрализација и санкционирање станува збор, со предупредување да не се повтори Танушевци, Арачиново и се со ред!

МИЛИТАНТЕН ФАКТОР

Во илегалната албанска организација АНА се повеќе преовладува милитантниот исламски фактор и таа полека се претвора во "балкански Хамас", се вели во коментарот на "Дојче веле" по повод најновите настани на Косово.

"Дојче веле" потсетува дека има информации оти во редовите на АНА "се наоѓаат муџахедини кои се повлекле од Босна, но и дека преку Албанија се остварени врски со Ал каеда на Бин Ладен".

Радиото пренесува дека во создавањето на АНА се вмешани и прстите на некои западни разузнавачки служби, но оти организацијата им се оттргнала од контролата и оти е повеќе под влијание на албанската мафија и на милитантниот исламизам. "Дојче веле" наведува дека АНА е сериозна закана за КФОР и за УНМИК. Германското радио му препорачува на Западот, особено на САД, да извршат енергичен притисок врз албанските лидери на Косово да се дистанцираат од екстремистите и да поведат широка политичка акција меѓу сонародниците против тероризмот. "Дојче веле" потсетува на тврдењата дека АНА има кампови во околината на Призрен на Косово, во Кукс и во Тропоја во Албанија, и во околината на Тетово.

Авдула Јакупи, алијас командант Чакала, припадник на Албанската национална армија, во изјава за "Дневник" се огради од криминалните и терористички акции на теренот и изјави дека АНА "не го оправдува таквиот начин на борба". Се оградуваме од сите криминални и терористички акти. АНА се уште мирува и досега нема извршено ниту еден терористички акт. Дури и не го оправдуваме тој начин на борба. Тоа е кукавички. Кога ќе почне војната, ние ќе војуваме како што им прилега на вистински борци, изјави Чакала.

Сепак, Чакала потврдува дека минатонеделниот напад врз воената база на Србија и Црна Гора во селото Доброшин во близина на Бујановац го извршиле припадници на дивизијата "Агим Јашари", една од четирите дивизии на АНА. Авдула Јакупи тврди дека АНА се уште не е активна на теренот.

Војна ќе има наскоро, вели Чакала, но додава дека нејзиниот почеток зависи од одлуката на Главниот штаб на АНА. Јас сум војник, командант на единицата "Кобра". Но, за тоа кога ќе почне војната ќе одлучи Главниот штаб на АНА. Подготвени сме и чекаме инструкции, вели тој.

Чакала и неговата единица "Кобра" биле дел од дивизијата "Скендербег". Тој и неговите соборци не планирале АНА да се појави во јавноста, но биле принудени да го сторат тоа, за да им се стави крај на шпекулациите и манипулациите за нејзиното име.

Името на АНА го злоупотребија кичевецот Гафур Адили и Даир Беќири. Тие ги организираа нападите врз меѓународните претставници на Косово и од наше име собирале пари од албанската дијаспора. Собрале околу 4 милиони евра, вели Јакупи. Според Чакала, Адили, алијас Валдет Вардари (бран вардарски), и Беќири се членови на ФБКШ (Фронт за национално обединување на Албанците), а не на АКШ (Албанска национална армија). Тој уште демантира дека АНА има структури на Косово.

Нема потреба за тоа. Косово е веќе протекторат и нашето присуство таму не е потребно, вели тој.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"