ретата светска средба на
децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија неколкупати досега беше
одложувана. Нејзиното одржување, ќе зависи од одлуката на грчката Влада,
која секојдневно се менува.
МС: Господине Поповски, иако од 10 август стартуваше Уредбата на грчката
Влада за т.н. слободен влез за некогашните политички емигранти од Грција,
таа се применува на строго контролиран и селективен начин. Доказ за тоа е
неодамнешниот инцидент кога на граничниот премин Меџитлија - Ники, на
неколку десетици Македонци, државјани на европските и прекуокеанските земји
со странски пасоши, не им беше дозволено да влезат во Грција. Како ја
коментирате ваквата дискриминаторска политика на нашиот јужен сосед кон
Македонците родени во Егејска Македонија?
ПОПОВСКИ: Претседателството на Здружението на Македонците од
Егејскиот дел на Македонија со седиште во Битола со своите десет рамноправни
одбори низ градовите на Македонија: Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Скопје,
Тетово, Гостивар, Кичево, Демир Хисар и Струга, ја поздрави донесената
одлука на грчката Влада за слободен влез во Грција на етнички Македонци,
прогонети од дедовските огништа за време на Илинденското востание, поделбата
на Македонија во 1913 година, како и за време на Граѓанската војна 1946 -
1949 година и по неа. Сметавме дека со оваа одлука падна последниот срамен
ѕид на Студената војна, а со тоа секој прогонет ќе може достоинствено да
влезе во Грција и да си ги посети родните огништа. Почитувајќи ја таа
владина грчка одлука, а по претходен договор со македонската политичка
партија "Виножито" - европско движење, решивме да заминеме на македонско -
грчката граница Меџитлија. Но, за жал, Министерството за внатрешни работи
донесената владина одлука не ја почитуваше. На овој начин уште еднаш се
докажа дека во Грција владее апартхејд. Со тоа треба да се засрами и целата
грчка политика, бидејќи во 21 век, по 58 години не им дозволува слободен
влез на некогашните свои граѓани, под единствено обвинување дека не се Грци
по род.
ДИСКРИМИНАЦИЈА
МС: Најголем проблем за влез во Грција е местото на раѓање кое во
пасошите е запишано со македонски топоними. Каков е Вашиот став за барањето
на Грците - во податоците за раѓањето да стои само Грција?
ПОПОВСКИ: Донесената одлука на грчката Влада за "слободен влез" во
Грција, во месец јули, е променета. Тоа значи дека нема никаква разлика во
односот на Грците кон Македонците, кои пред повеќе од 50 години беа
протерани од своите домови, односно можат да влезат само оние кои имаат
грчко потекло. Здружението нема против во пасошот да пишува родени во Грција.
Но, прашува каде - на воздух, на море, на планина, на нива? Тоа што ни се
случи на 10 август на граничниот премин Меџитлија, го видоа претставниците
на Европската унија, на ОБСЕ, на Советот на Европа и голем број грчки
новинари се уверија во "грчката демократија".
МС: Поради дискриминаторскиот однос на Грција, претставници од вашето
Здружение заедно со претставници од "Виножито" мирно протестираа на овој
граничен премин, со цел да ја запознаат светската јавност со овој проблем.
Ќе успеете ли во намерите да ставите крај на ваквото однесување на Грција
кон еден дел свои некогашни граѓани?
ПОПОВСКИ: Се додека не се изменат дискриминаторските закони во
Република Грција ќе владее дискриминацијата. Здружението од грчката Влада
бара да ги промени тие закони кои, според нас, треба да гласат: секој
прогонет, без разлика на верска исповед, националност, боја итн. да има
право слободно да се врати во родните огништа. За таа цел, Здружението на
14.03. 2002 година поднесе тужба против Грција во Стразбур, поради нејзините
закони кои содржат етничка дискриминација. Одговорот на прашањето дали ќе се
стави крај на оваа дискриминација зависи од повеќе фактори, како што е ЕУ,
Европскиот парламент, па и македонската дипломатија која треба да застане на
нозе и да го брани нашиот личен идентитет. Владата на РМ ги има тие права
затоа што е потписничка на Конференцијата за човекови права, а истовремено е
и членка на ООН.
МС: Дел од Македонците - државјани на Австралија и на Чешка со странски
пасоши кои не беа пуштени да ги посетат родните огништа, ќе се жалат кај
своите власти поради дискриминаторскиот однос на Грција. Постои ли можност
Грција која до пред некое време беше претседавач со ЕУ, да биде на каков
било начин казнета?
ПОПОВСКИ: Македонските граѓани со потекло од Егејскиот дел на
Македонија, а сега привремено вработени во Чешка, Канада и Австралија кои
беа вратени од границата, како државјани на тие држави имаат полно право да
ја тужат Грција за непризнавање на канадските, чешките и австралиските
пасоши. Самите овие наши браќа се уверија дека одлуката на грчката Влада е
обично лицемерие, а како доказ е нивното враќање од граничниот премин.
ЕДИНСТВО
МС: Во јавноста долго време струјат информации дека причините за
одложувањето на Третата светска средба се движат во насока на тоа дека
проблемот е во недоволната организираност и избрзаните реакции од македонска
страна, односно дека постоеле само најави за Средбата, но не и дефинитивни
одлуки?
ПОПОВСКИ: Што се однесува до прашањето за одлагањето на Средбата,
сметам дека организаторот избрза со информациите и со програмата која беше
испратена низ целиот свет без да се донесе конечна грчка владина одлука. Со
тоа си одмогнаа самите организатори, бидејќи со јавувањето преку медиумите
дека во Лерин на средбата ќе патуваат околу 20.000 Македонци, во Грција се
разбудија реакционерните сили. Тие започнаа да вршат притисок и да одржуваат
разни состаноци со кои раководеше националистот Папатемелис. Тој на разни
начини се обидуваше да ја спречи реализацијата на одлуката на грчката Влада
за слободен влез, велејќи: "Зарем ќе ги донесете тие бандити".
МС: Дали грчките власти со одложувањето на Средбата и со селективниот
пристап кон Македонците кои се родени во Егејска Македонија успеаја да ги
разделат Македонците?
ПОПОВСКИ: Со промената на грчката одлука за т.н. слободен влез,
Македонците еднаш засекогаш треба да сфатат дека без национално единство
нема успех, бидејќи нашата поделба секогаш оди во прилог на нашите
непријатели.
МС: Ќе има ли воопшто таква Средба или Македонците, по којзнае кој пат,
ќе бидат изиграни, и значи ли тоа дека нема да биде исправена историската
неправда кон оваа категорија граѓани?
ПОПОВСКИ: На ова прашање, односно дали ќе има таква Средба, не можам
да одговорам, бидејќи Грција во секоја минута може да ја промени својата
одлука. Нема ништо ново кога се бара ние да влеземе во Грција без нашето
место на раѓање.
МС: Сметате ли дека е крајно време со ова прашање да се позанимава и
македонската власт и европската и светска јавност, бидејќи не може Грција
која е во ЕУ да зборува за демократија, а воопшто да не ги почитува
човековите права?
ПОПОВСКИ: Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија
со седиште во Битола и 10-те рамноправни одбори низ Македонија поднесе
писмено барање бр. 16 -21 /АП во јануари 2003 година до носителите на
македонската власт со кое бара: отворање, поставување и решавање на
прашањето за правата на етничките Македонци - политички прогонети од Грција,
лојални граѓани на Република Македонија, на меѓудржавно ниво со Грција, и
решавање на ова прашање на меѓународно ниво. На меѓудржавно ниво од
македонската држава бара да го отвори прашањето на политички прогонетите
етнички Македонци од Грција по Граѓанската војна 1946 - 1949 година.
Македонија, односно македонската Влада, е должна да го брани нашиот личен и
национален идентитет, како на лојални граѓани на Република Македонија. На
меѓународно ниво од Владата на Република Македонија бараме да ги постави и
да се избори за нашите барања - слободен влез во Грција како етнички
Македонци, укинување на црните листи кои се уште постојат, репатрирање на
оние кои ќе изразат желба, отворање паралелни паралелки на македонски јазик,
македонски медиуми, богослужба на македонски јазик, враќање на нашите
топоними, бидејќи со декрет ни се променети. Сето тоа да го направи преку
Советот на Европа, Европската унија, ООН, ОБСЕ, Меѓународниот висок
комесаријат на Црвениот крст за бегалци и др.
Здружението смета дека тие права ги има македонската Влада, затоа што е
потписник на Конвенцијата за човекови права и правата на малцинствата, а
истовремено е и членка на ООН. Барањето на нашите права Здружението не го
смета за мешање во внатрешните работи на друга држава, затоа што тие се во
согласност со Универзалната декларација за човекови права на ООН и се во
согласност со демократските институции на современа обединета Европа -
Европа без граници.