50 илјади евра за информација за киднапираните
Роднините на киднапираните Македонци, конечно остварија средба со
претставници на македонскиот државен врв и со лидерот на поранешната ОНА,
Али Ахмети, но давањето крв за анализа на ДНК, тие го условуваат со
пронаоѓање на барем на еден од живите. Владата ја зголеми на 50.000 евра
наградата за релевантна информација за 12- темина киднапирани Македонци и
шестемина исчезнати Албанци во војната во 2001 година.
Сите информации кои граѓаните ги поседуваат ќе можат да ги соопштуваат на
дежурниот телефонски број 3232 - 318 во Скопје како и во писмена форма со
назнака за поштенски фах 12, Пошта 2, 1000 Скопје.
Брат Љубе се распиштолил
Екс- министерот за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, ја злоупотребил
својата функција и надвор од законот наградувал, односно делел пиштоли. Меѓу
наградените кои треба да ги вратат подариците се: Љубчо Георгиевски, Доста
Димовска, поранешниот директор на јавна безбедност во МВР, Горан Митевски
итн. Наградени се и Владо Поповски и Никола Груевски, актуелен лидер на
ВМРО-ДПМНЕ.
Армиска бригада за специјални операции
Конечната политичка одлука за формирање на бригадата за специјални
операции на Армијата на Република Македонија ќе биде донесена по две недели,
информира претседателот на државава, Борис Трајковски.
Ова е решено на средбата на Трајковски, премиерот Бранко Црвенковски,
министрите за финансии Петар Гошев, за одбрана Владо Бучковски и за
внатрешни работи, Хари Костов, и началникот на армискиот Генералштаб генерал,
Методи Стамболиски, што се одржа завчера во Домот на АРМ.
Уапсени вооружени илегалци
Во реонот на караулата Гошинце на македонско-српската граница кон Косово,
патрола на АРМ пресретна и уапси четиричлена вооружена група Албанци.
Безбедносни извори посочуваат дека во липковскиот регион престојуваат
поголеми групи вооружени и униформирани лица кои слободно се движат и ја
минуваат границата од двете страни.
Нема услови за живот во Липковско
"Безбедносни услови за враќање дома нема и допрва треба да се работи на
реинтеграција на Липковската општина, а Рамковниот мировен договор за нас е
неуспешен", велат за Макфакс, претставници на Координативното тело на
протераните Македонци и Срби, сместени во колективните центри во Куманово.
Медиумска кампања за разоружување
Медиумската кампања за доброволно разоружување на населението објективно
може да стартува кон средината на идниот месец, бидејќи први септември како
датум за финализирање на сите подготовки е нереално да се исполни.
Средба на децата - бегалци во Лерин
Третата средба на децата - бегалци од Егејска Македонија требаше да се
одржи во средата на 20 август, но не на Градскиот плоштад, како што беше
најавувано и очекувано од страна на организаторот, туку во ресторан девет
километри одалечен од градот. До затворањето на овој број од нашиот неделник
немавме поконкретни информации дали средбата е одржана и под какви услови.
Тетово ќе биде голема општина?!
Градот под Шара, Тетово, повторно ќе стане голема општина со повеќе од 20
отсто Македонци, ако кон неа се приклучат соседните општини со македонско
население - Јагуновце, Вратница и Брвеница. За возврат, ДУИ бара истиот
принцип да биде применет и при исцртувањето на скопските граници.
Децентрализацијата предвидува 49 закони
Процесот на децентрализација предвидува донесување на 49 законски проекти,
а од овој корпус дури 37 акти се однесуваат на трансферот на функциите од
централната на локалната власт. Новите ингеренции општините ќе ги добијат во
почетокот на 2005 година.
Благоја Филиповски си поднесе оставка
Благоја Филиповски, брат на министерот за економија, Илија Филиповски, си
поднесе оставка на функцијата директор на скопскиот Аеродром. Оставката
доаѓа по притисокот од јавноста поради што Владата побара да се преиспита
одлуката за именувањето на Благоја Филиповски.
До крајот на годината ќе се решат загубарите
До крајот на годинава дефинитивно ќе биде решено прашањето на сите 24
претпријатија - загубари опфатени од ФЕСАЛ - 2 аранжманот, при што верувам
дека околу 3.000 нивни работници, ќе бидат повторно вработени,
изјави министерот за економија, Илија
Филиповски.
Владината авиослужба во хаос
Управата за цивилна воздушна пловидба ја известила Владата дека
авиослужбата која е одговорна за летовите на функционерите, мора да има
редовен вработен летачки и технички персонал и раководител, зашто во
спротивно се загрозува безбедноста на летањето.
|