КОМЕНТАР

Сито и Решето

ГОЛИ ПИШТОЛИ

Од Редакцијата

Новата Влада на Република Македонија откри. Што? Дека старата Влада, на чело со екс лидерот и неговиот "дилер на оружје", Љубе Бошковски, била до заби вооружана. Арно ама, македонскиот народ, подоцна сфати дека големите лидери, големите водачи на македонската нација, кои за себе велат дека се наследници на славната ВМРО, во 2001 година ја продадоа татковината. На тој начин не оставија на цедило да живееме замелушени во своите чаури.

И што треба сега да правиме!? Да плачеме!? Да молиме да го вратат "тешко стекнатиот плен"?! Аман, вратете ни го трофејот оти ќе ни пропадне акцијата за доброволно враќање на оружјето. Меѓутоа, ако човек се задума и ако длабоко ги анализира сите работи, ќе сфати дека и во ова има некоја логика. И тоа мошне поучна.

Конечно ќе сфатиме дека во 2001 година, и пред неа, а и по неа, имавме хазардери кои користеа ќорци за да го покажат својот патриотизам. Затоа трофејното скапо оружје е одраз на користољубието, а не на заслужни граѓани.

ПОЛИТИЧКИ ПОЕНИ

Добро ќе беше за нас ако трофејното оружје беше вперено во слепочниците на албанските терористи, а не да стојат во витрините и не дај Боже во афект, во момент на делириум, кога жичките се одлемуваат, човек да го употреби за гнасни работи. Тогаш ќе имаме големи проблеми, бидејќи душевниот предизвик не може да се смири со полициска палка, туку со дијазепам инјекции.

Затоа акцијата за доброволното враќање на функционерските трофеи нема поголемо значење освен знак на доблест да се добие некој политички поен, а другото оружје да се скрие во племната или повторно да биде употребено за терористички цели. Но, што ќе се случи ако големите лидери ги фати инает, оној природен феномен на дрскост или гордост, па акцијата за враќање на трофеите да се претвори во добро изрежирана театарска фарса? Ќе гледаме како едни со други се напаѓаат, фрлаат со дрвја и камења, а вистинскиот непријател се смее и го гледа целиот нивен циркус. Во сето ова има некоја логика - вниманието да биде насочено кон игри и сплетки, а не кон вистинските проблеми: сиромаштијата, невработеноста, економскиот колапс и друго.

Зошто еднаш не се запрашаме, дали покрај украденото трофејно оружје ќе бидат вратени украдените пари? Да видиме тогаш дали некој ќе се огласи, или ќе имаме некој пример што преостанатите ќе го наречат: види го овој, будала.

"МАКЕДОНСКА АРИСТОКРАТИЈА"

Позицијата ја повика опозицијата да го врати, според нив, нелегалното добиено оружје. Пиштолите. Еве и тоа да го сторат нема ништо да се постигне, освен што ќе се вратат триесетина магнуми, револвери и други видови пиштоли. Но, проблемот ќе остане.

Акцијата за доброволно враќање на оружјето е добра идеја, но е иреална за сегашната ситуација во Република Македонија, бидејќи никој никого "не шиша" во Кумановско, во Тетовско, па и во Скопско. Ние имаме проблем со нашиот "табиет". Кај нас постои традиција за носење и чување оружје кое се употребува во секоја пригода, па макар тоа и да биде искористена како велат Албанците за свадбена церемонија. Но, свадби не се прават секогаш. Кај нив тоа е брза, ем сезонска работа, невестата е договорена (платена), и повторно назад на печалба. Прашањето кој ќе биде прв, а кој последен, нема да го даде очекуваниот ефект. Само ќе се занимаваме со пикантериите на Георгиевски, Бошкоски, Доста Димовска, Слободан Чашуле и поранешни блиски функционери што беа посочени од листата за отстрел.

Луѓето што се на тапет беа на власт, а секој кој кај нас е на власт си прави по нешто симболично за да присвои без да го плати од својот џеб.

Такви примери имаме многу. Ако малку повеќе се занимаваме и со оваа гарнитура ќе видиме дека и тие се љубители на оружјето. Дури имаат и подобар, префинет и истенчен вкус. Божем прилегаат на сината крв. Далеку се од англиската аристократија.

ПИШТОЛЏИИ ЗА 15 ДЕНА

Традицијата продолжува. Секој некому доделува трофеен експонат, макар тој и да не знае ни каде е чкрапецот од оружјето. Затоа не не чуди и колкав беше нивниот патриотизам. Се виде од шапката до божемното легнување пред камерите кога, ете за наша несреќа заскитаниот куршум ја промаши .... главата. Така тој се бореше за македонскиот народ, а другите гинеа поради глупост или поради предавство. Повеќе од предавство, отколку од.... глупост. Човек не знае на што да му даде приоритет. И едното и другото го заслужува првото место на табелата.

Етаблираните за својата божемна заслуга, херојство, се офајдија, а нам ни остана маката. Да си ја тргаме како знаеме и умееме оти проблемите ни се напластија. Затоа рокот од 15 дена за нас ништо не значи, освен игра. Партија покер во која асот го држат пиштолџиите. Тие нема да наседнат на стапицата, онака проевропски ориентирани ќе го вратат оружјето оти нема што да загубат. Ќе си купат и поубаво, а можат... за инает на Премиерот да го купат истото. Разлика нема, само што ловецот може одеднаш да стане жрвта. И така наместен и насамарен од ловџија ќе стане елен. Дури и рогови можат да му пораснат.

Во таква ситуација подобро е да се занимаваме со нивната улога во војната од 2001 година, отколку со доделеното трофејно оружје. Ако се сака тоа за еден ден може да се собере, но ете се е работа на политичка волја или проценка. Значи, не е проблемот што некој има добиено пет, десет или повеќе трофеи, туку како, зошто и за која цел ги добил. Тука лежи мудроста на владеењето со државата.

Време за сопки ќе има на претек. Како ќе се приближува терминот за доброволно давање на оружјето, први ноември оваа година, така ќе се изнаслушаме за лицата што добиле трофеи кои подоцна по делумниот притисок ќе ја извршат својата законска и граѓанска должност. Но, нема да бидат казнети за своите претходни дела, за геноцид или за злосторства против човештвото. За албанскиот тероризам се нема време, бидејќи во ова време поважни се трофејните оружја. Тие завршија голема работа, рамковна.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"