СПОРТ

Македонскиот фудбал ќе избира нов селектор

ЏИЏИ СМЕНЕТ, КОЈ Е СЛЕДЕН?

Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ

  • Џиџи ќе биде запаметен како селектор кој успеа да го направи подмладувањето на репрезентацијата, како селектор кој форсираше напаѓачки фудбал и кој успеа кај репрезентативците да вгради еден победнички менталитет без респект кон никого.
  • Има многу поделени мислења за тоа дали треба да се ангажира странец кој секако ќе чини многу поскапо од ангажирањето на македонски стручњак.

Селекторската функција во македонскиот фудбал дефинитивно е најнесигурното место во македонскиот спорт. Селекторите ги менуваме може да се каже дури и премногу брзо. Најнова жртва на таквата политика во македонскиот фудбал е се уште актуелниот селектор Никола Илевски - Џиџи кој заминува со спогодбен раскин на договорот на 15 септемвври 2003.

Да биде сета работа уште почудна само две недели пред да биде раскинат договорот, истиот тој договор беше продолжен со истиот селектор, и му беа дадени одврзани раце на селекторот да ја продолжи програмата која ја имаше зацртано и доставено до Фудбалската федерација на Македонија. Но, парадоксално само како што може тоа да биде во македонскиот фудбал, две недели по продолжувањето на договорот тој доби отказ од истата таа Федерација која му го продолжи "мандатот".

ПРИЧИНИ

Причини, за кои се шпекулира дека Џиџи е отпуштен од функцијата селектор, се двете последни обвинувања кои беа насочени кон селекторот. Имено, најпрвин дојде аферата со високите сметки направени од страна на стручниот штаб на репрезентацијата за време на подготовките. Високите сметки кои дојдоа на адреса на македонската Фудбалска федерација доведоа до тоа првите луѓе на Федерацијата да побараат отчет од селекторот за тоа каде се потрошени парите. Селекторот ги правдаше сметките со порачки на густи сокови и џусови, а пак од управата на хотелот каде престојуваа нашите репрезентативци испратија сметки каде што наместо џусови се порачувани виски, коњаци и други скапи пијалаци. Тоа беше првиот удар за Џиџи.

Вториот удар за Џиџи дојде од неговиот досегашен помошник Алексо Мацков кој го обвини Џиџи за некоректен однос и негово постојано деградирање пред репрезентативците. Исто така, Мацков го обвини Џиџи дека има деспотски однос кон сите кои се вклучени во репрезентацијата. Тоа се двете претпоставки кои ги плете чаршијата дека биле причина за отпуштање на селекторот.

Џиџи ќе биде запаметен како селектор кој успеа да го направи подмладувањето на репрезентацијата, како селектор кој форсираше напаѓачки фудбал и кој успеа кај репрезентативците да вгради еден победнички менталитет без респект кон никого. Тоа се работи кои ниеден друг селектор не успал да ги направи. Исто така, Џиџи ќе биде запаметен и по историскиот резултат против Англија, кога се дозна дека и во Македонија се игра фудбал.

Селекторот останува да ги води репрезентативците уште на натпреварите со Албанија, Англија и Словачка.

ШПЕКУЛАЦИИ

Уште пред заминувањето на Џиџи почнаа шпекулациите за тоа кој ќе биде новиот македонски селектор. Овој пат Фудбалската федерација на Македонија е решена да доведе селектор од страна и да се обиде со странски фудбалски стручњак да постигне подобри резултати. На листата се тренерот од СРЈ Тумбаковиќ со кој е контактирано, но кој ќе откаже наводно поради обврски кон својот клуб. Во игра исто така се шпекулира дека бил и човекот кој го препороди словенечкиот фудбал, Сречко Катанец, но и тој им откажал поради тоа што сакал да се одмори малку од неговиот досегашен ангажман. Во комбинација да го наследи Џиџи и да седне на жешката селекторска фотелја беше и досегашниот селектор на Романија, Ангел Јорданеску. Но, тој не се договори со ФСМ. Според првичните, но неофицијални информации, Јорданеску ја одбил понудата само затоа што тој е прескап за нашата Федерација.

Како и да е, Македонија многу брзо ќе добие нов селектор. Има многу поделени мислења за тоа дали треба да се ангажира странец кој секако ќе чини многу поскапо од ангажирањето на македонски стручњак. Но, сите се надеваат дека со новиот селектор конечно ќе успееме да мрднеме нагоре и дека конечно ќе успееме барем да дојдеме до ситуација да се бориме за пласман за некое големо натпреварување.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"