а 9 август, камбаните на
Христовата Црква ќе заѕвонат свечено во Република Македонија и секаде во
светот каде што се наоѓаат Македонците и ќе го најават славењето на Св.
Климент Охридски и Св. Седмочисленици, вечните небесни граѓани, заштитници
на МПЦ и македонскиот народ. Славните Седмочисленици, црковни, културни,
општествени и народни творци: Кирил, Методиј, Климент, Наум, Сава, Горазд и
Ангелариј, н& Го благовестеа Триединиот Бог.
Наречените "цврсти столбови на Црквата и боговдахновени заштитници на
нашиот збор", го прогонија незнабожечкото учење, на својот род му дадоа
писменост и не дозволија македонскиот народ да потпадне под туѓински
влијанија и да се откаже од прадедовската вера. Тие се достоинство за
македонскиот народ и за целиот христијански свет. За време на својот краток
живот на земјата успеаја да ги победат непријателите на Црквата и
Татковината.
ВЕЧНА СЛАВА
Бог ги овенча со вечни венци на славата. Св. Кирил и Методиј,
втемелувачите на писменоста и верата, ја создале првата азбука - глаголицата,
го превеле Светото Писмо и црковни книги на црковномакедонски јазик, ја
победиле тријазичната ерес, ги победиле оние кои тврделе: "Ние знаеме само
три јазика на кои е достојно во книгите да се слави Бог: еврејски, елински и
латински".
Се избориле за признавање на нашиот јазик и го проповедале Светото
Евангелие на црковномакедонски јазик. Св. Кирил умрел на 14.02. 869 година
во Рим, а Св. Методиј на 6.04. 885 година во Елванген, во близина на
Штудгарт (осуден од германско-латинското свештенство, каде поминал две ипол
години во затвор). Нивната мисија ја продолжуваат нивните ученици, Светите
Петочисленици: Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј. Еретиците ги мачеле
Св. Петочисленици - со копја ги боделе по градите, со мечеви им ги
раскрвавувале вратовите, ги тепале, ги огладнувале, ги затворале, ги влечеле
голи по студено време. Тоа што бил Св. апостол Павле за Коринтјаните, тоа Св.
Климент станал за македонскиот народ. Големиот просветител, учител,
чудотворец, лекар, писател, педагог, "ангел на земјата и небесен човек",
заштитник на македонскиот народ, во Охрид ја создал Првата македонска
епископија на Балканот и застанал на нејзино чело. Формирал Прв европски
универзитет во Охрид, низ кој поминале 3.500 студенти. Педесет години го
проповедал Светото Евангелие, а на смртна постела ја превел книгата "Цветен
Триод". Се упокоил мирно на 27.07. 916 година и неговото свето тело било
погребано во манастирот што го изградил и посветил на Св. Пантелејмон, во
гробот што самиот го подготвил со своите раце. Подоцна неговите чудотворни и
негнилежни мошти се пренесени во Црквата "Св. Богородица Перивлепта". Во
август 2002 година неговите свети мошти, со величествена свеченост, беа
пренесени во осветениот и обновен манастир на "Св. Климент и Пантелејмон".
Ја нема веќе Султан-Мохамедовата џамија, која била изградена на темелите на
Климентовото Светилиште. Светецот по 500 години се врати на Плаошник. Се
обнови центарот на македонската духовност.
Плаошник стана доказ за македонската вистина и правда. Св. Климент 500
години не беше во домот свој, во домот што го градел за нас, во домот во кој
требаше да му оддаваме почит и преку него да го славиме Бога. Св. Климент се
врати во местото кое самиот тој го избра за свое вечно живеалиште. Неговите
мошти се наоѓаат во оригиналниот саркофаг каде што тој бил погребан.
Св. Наум Охридски, културниот и црковен деец, чудотворец, лекар, лингвист,
човекот кој многу размислувал, а малку зборувал, раководителот на монасите,
некогашниот продаден роб, затвореник, продолжува да ја чува самостојноста на
МПЦ и татковината Македонија.
СЕМИЛОСТИВИОТ
Истиот ден се слави и Св. Великомаченик Пантелејмон (семилостивиот).
Роден е во Никомидија од мајка христијанка - Евула. Ја изучил филозофијата и
лекарските науки. Правел чуда, бесплатно лекувал и лекува. Излечил слеп
човек кого другите лекари не можеле да го излечат.
Од завист, пред царот Максимијан бил обвинет како христијанин и изведен
на суд. "И застана пред земскиот цар со телото, а со умот стоеше пред Царот
Небесен". Бил жестоко мачен, фрлен во оган и посечен со меч. Чесно пострадал
за Христа млад, во Никомидија, на 27.07. по стар календар во 304 година.
Со благослов на Неговото Високопреосвештенство,
Митрополитот европски, г. Горазд