второт на книгата "Билет во еден
правец", Стојан Кочов, пишува дека на 1.06. 1948 година Политбирото на ЦК на
КПГ донело решение со кое се суспендирале Михаило Керамитчиев од претседател
на НОФ и Паскал Митревски од секретар на Главниот одбор на НОФ, поради
непринципиелна фракционерска борба. На 27.08. 1948 година заседавал ПБ на ЦК
на КПГ со дневен ред - борбата на Грамос која била наречена: "Епопеја на
Северен Пинд, политички и воени прашања и укази". На 15.11. 1948 година
Политбирото на ЦК на КПГ донело одлука да го исклучи и да го суспендира
генерал Маркос од функциите главен командант на ДАГ и член на ЦК на КПГ. На
23 ноември 1948 година Главниот штаб во реонот на Вичо издал наредба да се
изврши мобилизација на сите мажи и жени кои не биле мобилизирани поради
болест.
Со таа наредба практично беа мобилизирани сите Македонци од Костурско и
Леринско. Со оваа мобилизација беше опфатен и целокупниот професионален
кадар на НОФ и со тоа родните огништа на Македонците останаа пусти. По еден
таков зафат на ДАГ со мобилизациите, сите македонски семејства беа растурени
и се најдоа во разните единици на ДАГ, па дури и во длабината на Грција.
Сите тие новомобилизирани луѓе беа неспособни за војување, бидејќи не само
што немаа знаење за воено сложни операции, туку и се бореа против една добро
опремена и обучена војска, пред нивното современо оружје, сите подоцна во
битките беа испокасапени, коментира Кочов.
ТАКТИКА
Во "Билет во еден правец" пишува дека на 30 - 31.01. 1949 година, одржан
е петтиот Пленум на ЦК на КПГ и на него е донесена паролата за "Независна и
обединета македонска држава во рамките на Балканската федерација". Поради
тоа на 3.02. 1949 година бил свикан II-от Пленум на централниот совет на НОФ
и биле прокламирани нови принципи на НОФ, за иднината на Македонците под
Грција. На 7.03. 1949 година ЦК на КПГ објавил соопштение во кое се
демантирала одлуката на КПГ за заземениот став за македонското прашање на
5-от Пленум и ставовите на II-от Пленум на НОФ од 3.2. 1949 година. На
27.03. 1949 година, пишува Кочов, свикан е основачки состанок од 163
комунисти, делегати на II-от конгрес на НОФ, на кој едногласно било решено
да се формира комунистичка партија на Македонија од Егејскиот дел на
Македонија, која би била засебна организација и дел од КПГ и би се викала
КОЕМ.
Создавањето на КОЕМ беше своевидна тактика со крајна цел македонското
национално прашање да стане составен дел на антијугословенската ИБ кампања,
да предизвика прекин на сите духовни и политички врски меѓу Македонците од
Вардарскиот и Егејскиот дел на Македонија, создадени во борбата за
национална и социјална слобода, дезориентација на национално-
ослободителното движење на егејските Македонци и вклучување на македонскиот
фактор во божемните причини за поразот на ДАГ, коментира Кочов.
НАТО
На четврти април 1949 година во Вашингтон владите на САД, Британија,
Франција, Канада, Италија, Португалија, Белгија, Холандија, Луксембург,
Исланд, Данска и Норвешка, потпишале конкретна согласност за оформување на
НАТО. Паралелно со потпишаниот документ, владите на овие земји, потпишале и
договори за воените обрски со САД, во кој се одредени условите за
американската помош кон овие држави и соодветното вооружување на сите воени
формации.
По создавањето на НАТО, се создаде и нова положба во регионот, а од
таквата положба најмногу беше вознемирен Советскиот Сојуз кој покажуваше
дека работите се развиваат необично опасно за мирот, но и за народните
ослободителни движења во капиталистичкиот свет, но не помалку опасно и за
народните демократски републики кои беа создадени во Европа по завршувањето
на Втората светска војна, пишува Кочов.
На 11 април 1949 година Никос Захаријадис, генерален секретар на КПГ, бил
повикан во Москва каде што од советското раководство му било наредено ДАГ да
ја прекине вооружената борба, да се повлече, и му било соопштено дека
Советскиот Сојуз имал информации оти Американците под мотивација на
операциите против ДАГ, ќе ја нападнат и ќе ја окупираат Албанија. На седница
на ПБ на ЦК на КПГ било решено да се подготви план за повлекување на ДАГ. По
предлог на Захаријадис, на 20 април 1949 година, ПДВ одржал вонредна седница
на која решил да се обрати со апел до Генералното Собрание на ООН, до
Светскиот конгрес на приврзаниците на мирот и до демократите во целиот свет.
Со апелот, ПДВ побарал од наведените меѓународни институции да посредуваат
за едно чесно демократско помирување во земјата и дека е готова за прекин на
војната, штом ќе се обезбеди тој мир.
Повлекувањето на ДАГ беше одложено поради тоа што во тоа време Советскиот
Сојуз преку Генералното Собрание на ООН и во рамките на конференцијат за
германското прашање, поднесе предлог за мирољубиво решение на грчкото
прашање. Предлогот на Советскит Сојуз содржеше: опша амнестија, слободни
парламентарни избори со учество на претставници на демократските кругови што
раководат со народно-ослободителните движења и под контрола на големите сили,
формирање комисија од големите сили за контрола на границите на Грција со
северните држави, пишува Кочов.
Оваа акција за завршување на Граѓанската војна пропаднала, бидејќи
владите на САД, на Велика Британија и на Грција го одбиле Советскиот предлог
и побарале безусловна капитулација на ДАГ.
На 20 јули 1949 година по иницијатива на генералниот секретар на ЦК на
КПГ, Никос Захаријадис, се свикал раководниот актив на Комунистичката
организација на Егејска Македонија (КОЕМ). Состанокот бил одржан во
пештерата меѓу селата Винени и Острово, Преспа.
На тој состанок Никос Захаријадис го изнесе следниот став: "... НОФ е
агентурска организација која ја попречуваше реализацијата на линијата на КПГ
и со тоа му нанесе штети и непријатност на демократското движење во земјата.
Во Егејска Македонија дејствуваа и уште имаат корени трите агентури: на ОЗНА,
на ЈА и Колишевски, која ги контролираа првите две агентури. Сите агенти на
југословенските известителни служби даваа писмени обврски дека доследно ќе
ги извршуваат агентурските работи... Партијата на КПГ сака да помогне и да
ве спаси (им се обраќа на Македонците). Прекинете секаква врска со КПЈ и
расчистете идеолошки со неа... Имаше еден период кога Македонците дејствуваа
како фракција во КПГ во времето кога Тито сакаше да ја ограби Македонија до
Солун. Кои од вас бевте испратени во Грција од КПЈ во функција на тој
интерес, да го расчистите прашањето и сметките. Ако Тито ја приклучи
Македонија кон Југославија, тоа значи ја вклучува во империјализмот. Тоа
треба да го расчистите. Тито од 1945 година испраќа агенти од ОЗНА и
II-то Биро на ЈА, организирани во
тројки, коментира Кочов.
По Захаријадис во ист дух зборувал и членот на ПБ на ЦК на КПГ, Мичос
Парцалидис.
Тој меѓу другото, рече: "...Ми направи извонреден впечаток единството
меѓу македонскиот и грчкиот народ во Вичо. Зошто? Како се успеа во тоа нешто?
Со борбата што ја водеше Партијата, Грците и Македонците - комунисти. Точно
затоа што партијата се бореше да му помогне на македонскиот народ во
неговата борба. Не се потребни многу маки за да ги осуетиме обидите на таа
реакционерска банда. Предавството на Тито има многу напреднато. Сега кај нас
тоа предавство се расчистува. Се создава можност да прозбориме повторно.
Нема да се најде другар што ќе пројави дилема дали да се изјасни за
Советскиот Сојуз, или за Југославија. За жал, раководството на НОФ тоа го
нема расчистено. Има ниско идеолошко ниво....", пишува Кочов.
Захаријадис, потенцира авторот на книгата, ултимативно побарал од
присутните да се произнесат или за револуција, или за контрареволуција. За
Сталин или за Тито. Според Захаријадис, тие што ќе ја гласаат Резолуцијата
се добри комунисти, револуционери и интернационалисти, а тие што нема да ја
прифатат се контрареволуционери!
Ете, така, коментира Кочов, се решаваше македонското прашање во
Граѓанската војна со саможртвување - за Сталин, за Тито и за Захаријадис и
за интересите на туѓинците.
(Продолжува)