отпишувањето на мировниот договор
во Лондон (по Првата балканска војна) меѓу Балканскиот сојуз и Османската
Империја на 30 мај 1913 година, во суштина значело краток здив на патот кон
нов воен судир, но сега меѓу Бугарија и другите две членки на Сојузот -
Србија и Грција.
Членките на Сојузот успешно ја решиле првата цел: победата над Османската
Империја и нејзиното практично притеснување пред портите на Истанбул. Но,
тие се покажале неспособни да ги помират противречностите на сопствените
интереси во Македонија. Притоа, ниту една од нив не помислила на интересите
и на стремежите на македонскиот народ. Едноставно, тој како одделен
политички и етнички субјект за нив повеќе не постоел.
Не можејќи на мирен начин да се погодат, не отстапувајќи од стечените
позиции, игнорирајќи ја улогата на арбитража на Русија, уште веднаш по
потпишувањето на Лондонскиот мир со Турција, здружените преку таен сојуз
Србија и Грција само чекале погоден момент за пресметување со бугарските
партнери за зграбување на македонските територии попаднати во нивни раце.
Истите намери и подготовки ги имала и Бугарија.
"ОСЛОБОДИТЕЛНА МИСИЈА"
Речиси по еден месец од потпишувањето на мировниот договор со Османската
Империја во Лондон, подготовките за војна меѓу спротивставените страни во
Сојузот биле завршени. Било прашање на време и на процена која од страните
ќе го започне нападот, сојузените Србија и Грција против Бугарија или таа
сама против нив две.
На 29 јуни 1913 година, бугарската војска поминала во општ напад против
српската и грчката војска. Со тоа започнала Втората балканска војна, овој
пат меѓусојузничка војна. Наскоро, по почетокот на воените дејства, на 10 и
14 јули во војната против Бугарија се вклучиле и Романија и Османската
Империја. Втората меѓусојузничка војна целосно се водела на територијата на
Македонија, за нејзина прераспределба. Со тоа наполно се демаскирала "ослободителната
мисија" на балканските сојузници во Македонија. Меѓу српската и грчката, од
една страна, и бугарската војска од друга, се одвивале мошне големи и крвави
борби по должината на реката Брегалница, на Овче Поле, во долините на реките
Струма и Места, во пределот на Гевгелија и Струмица, како и кај Криволак.
Овој судир го искористиле Романија и Турција и тие ја нападнале Бугарија.
Притисната од четири непријатели, бугарската војска претрпела
катастрофален пораз, а бугарската Влада побарала итно примирје. По поразот
на Бугарија од 28 јули до 10 август 1913 година е потпишан договор, во
историјата познат како Букурешки мировен договор. По него поголемиот дел од
бугарската окупациона зона во Македонија & припаднал на Србија. Грција го
добила целосно Егејскиот дел на Македонија и дефинитивно се утврдила во
Солун, Бугарија ги загубила скоро сите свои територии заземени од Турција, а
од Македонија го задржала Пиринскиот дел.
Од решенијата на Букурешкиот мировен договор не била задоволна ни
Австро-Унгарија, бидејќи по него Србија уште повеќе се раширила и зајакнала.
За зацврстување на својата власт во новоздобиените територии во Источна
Македонија, како и за одмазда кон македонското население, српските војски ги
изгореле селата: Баница, Блатец, Безиково, Градец, Дубница, Радовиш,
Шипковица, Ново Село и други, при што убиле многу Македонци.
Исто така, покрај албанската граница изгореле голем број македонски и
албански села, меѓу кои: Лошани, Лисичани, Житоште, Добришта, Харлишта,
Десово, Градешница, Челопек и други. И тука биле исклани голем број
Македонци и Албанци. Масовен колеж настанал и во селото Љутви и во Битола,
Скопје, Штип и други места низ цела Македонија. Не изостанувајќи зад своите
српски партнери и бугарските војски ги изгореле скоро сите села во Солунско,
Драмско, Ениџевардарско.
Во Кукушко, Сереско, Деде-Агачко и во Доксат изгореле преку четири илјади
куќи и исклале неколку стотици Грци. Грчките војски и андарти ги изгореле
Демир Хисар, Струмица, Гевгелија, Кукуш и уште преку 160 села каде што
приредиле и масовно убивање на македонско население прогласувајќи го за "бугарско".
Според податоците на Карнегиевата комисија од 1913 година, на теренот на
Егејскиот дел на Македонија биле изгорени околу 16 илјади куќи. Пред грчкиот
и српскиот терор, преку илјади Македонци ја напуштиле својата татковина и
емигрирале во странство.
ЕТНИЧКО ЧИСТЕЊЕ
Покрај сите опожарувања и рушења на македонските градови и села,
свирепите убиства и прогони во кои дошла до израз една несфатлива
ксенофобија, сепак, најтешка последица на Балканските војни е расцепкувањето
на Македонија. Со Букурешкиот договор Македонија била поделена на три дела.
Најголемиот, егејскиот, & припаднал на Грција, вториот по големина -
вардарскиот на Србија, а најмалиот - пиринскиот вклучувајќи ја и Струмичката
околија, на Бугарија. Границата меѓу Србија и Грција во Македонија била
повлечена приближо по линијата на разграничување со договорот за сојуз меѓу
двете земји потпишан спроти Втората балканска војна.
Со Букурешкиот мир била разбиена геополитичката, етничката и економската
целина на македонскиот народ. На македонското стопанство му бил нанесен
катастрофален удар, а ударот против македонското национално и ослободително
движење бил уште пожесток. Тоа било доведено во крајно тешки услови за
дејствување, што за извесен период довело до губење на перспективата и до
негова пасивизација.
Фактите зборуваат дека пред окупирањето на Македонија од страна на трите
сојузнички и во текот на војната, Македонците во земјата можеле јавно да ги
изразат своите македонски чувства и стремежи. Меѓу другите, таков е случајот
со серчаните, во чиешто име Јане Сандански ги изнел очекувањата на
Македонците од победата на Сојузот - Македонија да добие автономија.
Меѓутоа, очекувањата на македонскиот народ од војната на Балканскиот
сојуз против Османската Империја биле потполно изневерени. Наместо
раскинувањето со долговековното владеење на Османлиите, наместо ослободување
на македонскиот народ од стегите на едно заостанато општествено уредување и
отворање простор за подобар и попросперитетен живот во една организирана
држава, почетокот на војната за Македонија и Македонците донел разочарување,
страв и неизвесност. Вистинската катастрофа била разграбана, разурната и
поделена. Земјата била вратена еден век наназад. Луѓето биле откорнати од
своите огништа, била раздвижена многуилјадна емиграција, исполнета со гнев и
омраза, предизвикана од политиката на етничко чистење.
Сите делови на окупирана Македонија навлегле во период на анархија и
безвластие. Македонскиот народ бил изложен на безмилосен грабеж од сите
официјални и неофицијални власти на окупаторските режими, од чиновниците, од
војската, од паравоените организации.
Повредената суета поради претрпениот пораз ја потхранувала илузијата дека
загубената битка не значела и загубена војна за Македонија, дотолку повеќе
што приближувањето на војната меѓу големите сили било сосема видливо. Од
друга страна, српските и грчките власти, понесени од желбата за брза и
ефикасна србизација и елинизација на македонскиот народ, наместо толку
потребната толеранција за лечење на раните и за приспособување кон
променетите услови на живеење, применувале систем на репресија, терор и
прогони. На удар биле не само институциите на ривалската пропаганда:
образовни, верски, културни и други организации, туку и секој што не сакал
да се откаже од своето име и презиме, од црквата, јазикот и обичаите, секој
што не се декларирал како Србин или Грк.
Балканските војни се случија на теренот на Македонија и на македонскиот
народ, поробен и раздробен, му донесоа многу патила и несреќи. Трагичната
судбина на македонскиот народ по Балканските војни силно го разбранува
сочуството и на современиот ирски општественик и борец за слободата на
својот народ Казимет кој за време на Првата светска војна од англиските
поробувачи беше осуден на смрт. Пред да биде обесен тој рекол: "Јас познавам
две историски светски трагедии - ирската и македонската. Тоа се две
окрвавени огништа, два измачени народа".