ИСТОРИЈА

ВЕЛИКАНИ : Александар III Македонски - 2359-та годишнина од раѓањето

ТВОРЕЦ НА ЕПОХАТА НА МАКЕДОНИЗМОТ

Пишува: Васил ИЉОВ

  • Овој македонски великан и великан на сите слободољубиви народи на светот ни ја остави неуништливата филозофија на космополитизмот, т.е. на зближувањето на народите, митологиите, културите, боговите, религиите итн., а во интерес на расцутот и распространетоста на македонската и македонистичката цивилизација која денес се јавува како супстракт на најразвиените култури и цивилизации на светот.

Македонија слави уште едно значајно одбележување - 2359-та годишнина од раѓањето на најславниот македонски цар Александар III Македонски, кој според Плутарх е роден "...во почетокот на месецот хекатомбеон, чие македонско име е лоис (лоос), шестиот ден, оној истиот во кој бил запален храмот на Артемида Ефеска", т.е. ако приближно се синхронизира стариот македонски календар со сегашниот, тогаш Александар III Македонски е роден околу 20 јули 356 година п.н.е. во Пела - престолнина на Древното Македонско Царство од 413 година п.н.е., кога Архелај I ја пренел престолнината на Македонската држава од Еге во Пела.

Александар III Македонски е еден од најпопуларните личности на светската историја. Неговата личност е испреплетена со легенди, епови, романи. Неговата неспоредлива популарност се должи на неговото грандиозно македонско дело - создавањето на најголемото царство во древноста - Македонското царство. Македонците и други над осумдесет народи во светот гледале во него идеал на човечка личност, а античките и подоцнежните писатели гледале и гледаат во него исклучително голем државник и најголем војсководец на сите времиња, па затоа тој е присутен во литературите на повеќе од 80 народи на светот на огромен простор од Англија па се до Малајскиот Полуостров. Овој македонски великан и великан на сите слободољубиви народи на светот ни ја остави неуништливата филозофија на космополитизмот, т.е. на зближувањето на народите, митологиите, културите, боговите, религиите итн., а во интерес на расцутот и распространетоста на македонската и македонистичката цивилизација, која денес се јавува како супстрат на најразвиените култури и цивилизации на светот. Оваа најславна македонска епопеја од времето на Филип II Македонски (382 - 336 година п.н.е.) и Александар III Македонски која неизбришливо го прослави името на Македонија и на Македонците и ден денес е меѓник на вечноста и со својот трновит, но блескав пат ни зрачи надеж и светлина за сите што се и што се чувствуваат Македонци во оваа митолошка, праисториска и историска, предбиблиска и библиска земја Македонија.

ХЕГЕМОНИЈА

Уште во 337 година п.н.е. Филип II Македонски, по блескавата победа кај Херонеја во 338 година п.н.е., успеал да ги натера сите градови - државички од Атика и Пелопонез, освен Спарта, да ја признаат хегемонијата на Македонија, но најмудриот маж на античкиот свет никогаш не дозволил тие да станат некој конститутивен елемент на македонската држава, односно на Македонската Империја. По неговото подло убиство во 336 година п.н.е. за време на големите свечености во Еге - најсветото место за погребување на сите Македонски цареви, неговиот син Александар III Македонски најенергично интервенирал против сите суети на елинските градови - државички, а особено на Теба, која ја уништил до темел, како и против сите обиди на Тракијците, Трибалите, Гетите или Гитите, Илирите, Скитите итн. штитејќи го интегритетот на македонската власт и зацврстувајќи го престолот на македонското царство во Пела, каде во 336 година п.н.е. е прогласен од страна на големото собрание на македонската војска, според едни податоци како 31 македонски цар, а според други извори како 33 цар на македонската династија.

Завршувајќи го македонскиот универзитет во Стагира тој добил извонредни знаења од македонскиот филозоф и научник Аристотел и со својата итрина, умност и стратегиска даровитост во текот на зимата 335 - 334 година п.н.е. извршил темелни подготовки, присобрал сојузници, врбувал наемници, подготвувал бродови и се запознавал со военото дело и војувањето. И покрај тешката финансиска состојба во која се нашол со долг од 1.300 таланти, бидејќи сите финансиски средства ги вложил во вооружените сили и создал најголема и најквалитетна војска во повеќеилјадолетното постоење на Македонија и Македонците, македонската војска на Александар III Македонски имала севозможни тактички квалитети и во споредба со европските и со сите противници на азиските војувања, таа и во тактичка и во оперативна смисла била изразито најнадмоќна. Па затоа, оставајќи го искусниот Филипов генерал Антипатар со 12.000 пешадијци и 1.500 коњаници да ја чува македонската држава со престолнина во Пела, пролетта 334 година п.н.е. Александар III Македонски со 30.000 пешадијци (19.000 тешки, 9.000 средни и 2.000 лесни) и околу 5.200 коњаници (3.400 тешки и 1.800 лесни) го преминал Елеспонт или Хелеспонт (Дарданелите) со околу 160 триери (должина 42 м, ширина 5,80 м, височина над водата на бочните страни 2,55 м, на задниот дел 1,80 м, со посада од 170 веслачи и 30 морнари и војници - епивати - и многубројни трговски бродови), се истоварил во Мала Азија и тргнал да го спознае светот барајќи го крајот на светот, освојувајќи ја Мала Азија, Сирија, Египет и Персија, стигнувајќи до Инд и создавајќи Македонска Империја со територија од 3.8 милиони квадратни километри, раселувајќи околу 1.000.000 луѓе од Македонија во новоизградените околу 80 Александрии во кои го засеа семето на македонската традиционална култура и македонистичката цивилизација. Водејќи се од генот на македонската цивилизација која веќе имала континуитет најмалку околу 15.000 години писмена традиција, доблеста да се избори да биде признат како најголем во редот на најголемите војсководци на светот ја здобил со храброст, знаење и ненадминлива генијалност на стратег во такви битки како оние кај реката Граник во 334 година п.н.е., кај Ис во 333 година п.н.е. и кај селото Гавгамела во 331 година п.н.е., применувајќи иста генијална "тактика на коса формација" извојувал блескави победи над помногубројната персиска војска на Дариј III Кодоман (335 - 330 година п.н.е.). Воените аналитичари тврдат дека Александар III Македонски е претставник на методичната и уништувачката стратегија; во областа на тактиката користел содејство на коњаницата и пешадијата - непобедливата македонска фаланга, а неговиот војнички гениј се засновал и на широка општа култура, која му овозможи да биде и стратег и филозоф и лекар и научник и градител и дипломат и државник и истражувач и освојивач и визионер. При сиот космополитизам, Александар III Македонски секогаш се чувствувал Македонец и, како што тврдат изворите, некаде кај Хирканија пред елитните македонски корпуси од 20.000 пешадија и 3.000 коњаница тој изјавил: "Јас светот го освојувам за Македонците".

КОСМОПОЛИТИЗАМ

Замислата да создаде ново светско општествено уредување, каде сите народи, раси, религии и култури ќе се испреплетат во рамките на големото Македонско Царство со нов главен административен, културен, трговски, економски, верски итн. град, според тврдењето на Хераклит и раскажувањето на Александријците, "...по плановите на своите архитекти" и "...себеси во спомен основал голем многунаселен град...и му го даде своето име", - вели Плутарх. Александрија помеѓу езерото Марсот и островот Фар била со архитектонско-градоградителска композиција во вид на македонска хламида, според планот на архитектот Дејнократ или Динократ Родоски и под раководство на градењето на Клеомен од Навкратис новата светска македонска престолнина почнала да се гради при крајот на 332 и во почетокот на 331 година п.н.е. и сй до изградбата на Константинопол Александрија во Египет била најважниот центар на Средоземното Море, во неа била изградена најголемата библиотека на античкиот свет, чиј директор во III век п.н.е. бил славниот македонски научник Ератостен (296 - 214 година п.н.е.), околу I век населението на Александрија броело околу 1.000.000 жители, а нејзината површина околу 100 година п.н.е. достигнала 891 хектари.

Александар III Македонски во седуммилионскиот Египет бил единствениот што ги имал добиено сите божји почести изразени во три ранга и тоа : како Хорус бил бог, како "син на Ра" бил син на господ и како "сакан од Амон" тој бил миленик на боговите, односно избран од Ра. По освојувањето на Египет и неговото прогласување за фараон на Египет, успеал да ги освои сите четири престолнини на Персиското Царство: Вавилон, Суза, Персепол и Екбатана. Во Суза го зароби големото богатство на Дариј III Кодоман во износ од околу 50.000 таланти во злато и сребро, а уште со поголемо богатство се здобил во Персепол и Расаргада.

Во 331 година п.н.е. Елините од Спарта со помош на персиски "дарики" дигнале востание против македонското владеење, но искусниот и одлучниот Антипатар го задуши востанието со победата над Спартанците кај Мегалопол со што му овозможил на Александар III Македонски да го продолжи својот победоносен од кон североисточните покраини на Дариевото царство.

Во 330 година п.н.е. Дариј III Кодоман се засолнил во Медија, но успеал да присобере само 6.000 пешадијци и 3.000 коњаници, па затоа отстапил од Ербакана кон Бактрија и во 330 година п.н.е. бил убиен од неговиот сатрап Бес, кој бегајќи од македонската коњаница и македонската непобедлива фаланга се упатил кон Исток. Во 329 година п.н.е. македонската војска ја минала реката Парапамис и влегла во Бактрија, а потоа ја минала и Окс (Аму - Дарја), каде Александар III Македонски го фатил и го погубил Бес, а потоа избил до Јаксарт (Сир - Дарја) на североистичната граница на Персиското Царство каде останал сй до пролетта 327 година п.н.е.

Оставајќи силна војска во Бактрија, летото 327 година п.н.е. Александар III Македонски повторно ја поминал реката Парапамис со околу 40.000 луѓе, меѓу кои имало и нови поданици, а во пролетта 326 година го преминал Инд и кај реката Хидаспа го победил индијскиот крал Пор. Во периодот на тропски дождови Александар III Македонски го продолжил своето освојување и истражување на Пенџап, стигнал до реката Хифаса, меѓутоа исцрпената македонска војска за прв пат му откажала послушност на македонскиот цар со пасивно однесување кое можело да се претвори во отворен бунт, та затоа наредил повлекување назад кон Татковината. Со новоизградената македонска флота Александар III Македонски и Неарх со еден дел од војската се спуштиле 1.600 км. по реката Инд се до нејзиниот влив во Индискиот Океан, каде стигнале во 325 година, а другиот дел на македонската војска под водство на македонскиот војсководец Кратер го следел по копно. Оттаму Кратер со дел од војската бил испратен преку Арахозија кон Вавилон, а првиот македонски адмирал Неарх со Македонската флота бил испратен на научна експедиција покрај брегот на Персискиот Залив, додека Александар III Македонски со главнината на македонската војска тргнал преку пустинските предели на Гедрозија и стигнал до Пура, оставајќи три четвртини од својата војска во суровите пустински предели на Гедрозија, а во декември 325 година се состанал со Кратер кај Пасаргада и веднаш се упатил кај Суза каде стигнал во февруари 324 година. Воспоставувајќи го својот авторитет со преземање енергични мерки, Александар III Македонски пристапил кон огромни подготовки за поход на Арабија со цел да ги поврзе своите најбогати покраини, Вавилон и Египет. Војската и флотата веќе биле подготвени за поход, но според едни извори на 10 јуни, а според други извори на 13 јуни 323 година Александар III Македонски умрел во Вавилон, како последица на болест или на постепено труење.

Легендарниот македонски поход на Исток под водство на македонскиот цар Александар III Македонски, меѓу другото, не може да се објасни само со силата на генијалната личност на Александар III Македонски и со извонредниот квалитет на македонската војска. Рационалноста и прецизноста на операциите на македонската армија во сите Александрови походи, скоро со математичка точност на успехот во тактичките судрувања, во организацијата на комуникациските линии кои се мерат со илјадници километри, во управата на освоените или ослободените области, го идентификуваат мисловниот механизам кој стои позади војсководецот. Во македонската Александрова војска, за прв пат во историјата на човештвото и војувањето, препознаваме систематска работа на воен, цивилен и научен генералштаб кој очигледно го предводеле војсководци на Филиповата школа. Импозантното дело на Александар III Македонски е создадено благодарејќи на неговата исклучителна интелектуална и генијална воена способност, благодарејќи на надмоќноста на непобедливата македонска војска која ја воделе исклучително надарени македонски генерали. Александар III Македонски е заслужен за ширење на македонска и македонистичка култура по источните земји со цел преку огромното Македонско Царство со територија од 3,8 милиони квадратни километри од Македонија и Средоземното Море до Инд и од Нил до Сир - Дарја да ги обедини мноштвото народи, раси и култури. Тој создал нова ера за историјата на човештвото, обидувајќи се да ја обедини Западната, т.е. македонската култура со источната култура, создавајќи нова епоха на Македонизам, а духовното и интелектуалното наследство на Македонизмот навлегло, ги соживеало и надживеало сите облици на римскиот живот и култура поставувајќи ги темелите не само на новата западна цивилизација, туку и на целиот цивилизиран свет.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"