ИСТОРИЈА

Природниот и духовен центар Матка има со што да се гордее

ОТВОРЕНА КНИГА НА МИНАТОТО

Подготвила: Милева ЛАЗОВА

  • Во некогашното село Козарево, кај изворниот дел на Маркова Река се наоѓа манастирот "Св. Јован Златоуст". Денес селото Козарево не постои, но постои локалитет Козарево што се наоѓа до реката Треска, над селото Света Петка кај Скопје.
  • Ќелијата "Св. Петка" во Тморане, денешно Моране - Скопско, ја изградил загорскиот протосеваст Прибо, за време на цар Асан ИИ (1230 - 1241) и била мало манастирче, еден вид ќелиски параклис.

Регионот околу кањонот Матка со своите културно-историски споменици, претставува скапоцен културен резерват, вистинска ризница, но се уште не и дооформен музеј на изминатите векови. Ако замислиме дека наброените културни споменици на Матка претставуваат една скапоцена книга на минатото, сепак мораме да забележиме дека таа книга се уште не е доволно отворена за посетителите.

Поголем број археолошки локалитети допрва треба да се истражат и да се презентираат како пред македонската, така и пред светската јавност. Само еден мал дел од средновековните цркви и манастири се достапни. Меѓутоа, тие за граѓаните на Македонија, а да не зборуваме за странските посетители, не се познати во доволна мера.

МАНАСТИРИ

Во кањонот "Матка" постојат многу цркви и манастири.

Манастирот "Св. Богородица" се наоѓа во близината на селото Глумово, на излезот на реката Треска од клисурата, кај селото Матка. Според одредени сознанија, најверојатно го изградил Бојко, син на властелинката Даница, ктиторка на црквата "Св. Никола" во селото Љуботен, Скопско. Еден натпис во љуботенската црква сведочи за градбата на овој манастир. Се претпоставува дека бил изграден во пред 1337 година, а од 1372 година во црквата имало надгробна плоча каде што се споменувал некој Маријо, наречен Велислав. Во 1497 година една жена по име Милица ја затекнала црквата запустена, па ја поправила и ја живописала, а била направена и нова припрата. Во октоихот што се наоѓа во манастирот Крушедол, има запис од 1687 година дека ракописот му бил подарен на овој манастир од браќата Андреја и Стојан Ковач. Во софиската Народна библиотека е зачуван кодик на овој манастир, пишуван во 60-80 години на XVI век. Во XVIII век бил пренесен во манастирот "Св. Никола Шишевски", а при крајот на XIX век во Бигорскиот манастир. Во 1716 година пеќскиот архиепископ Арсениј му подарил антиминс.

Во некогашното село Козарево, кај изворниот дел на Маркова Река, се наоѓа манастирот "Св. Јован Златоуст". Денес селото Козарево не постои, но постои локалитет Козарево што се наоѓа до реката Треска, над селото Света Петка кај Скопје. Константин Асен го приложил селото на манастирот "Св. Ѓорѓи - Горг", а во 1300 година кралот Милутин ја обновил црквата и ја приложил на истиот манастир. За жал, овој средновековен манастир се уште е непознат за нашата јавност. Манастирот бил духовно средиште за повеќето помали средновековни црквички околу селото исто како и во околните села Барово, Винско и Света Петка.

Манастир "Св. Никола" во Нир, на реката Треска, над селото Шишево, Скопско. Датира од XIV век. Од средината на XV век во селото имало еден калуѓер. Во 1630 година бил живописан. Во запис на ракописен минеј од 1642 година се споменува овој манастир, а исто така и во натпис на олтарниот крст од 1645 година, каде што е потпишан скопскиот митрополит Никанор. Во 1733 година во манастирот биле архиепископот Арсение и архиѓаконот Јоан, а исто така и брат му на патријархот Андреј Јовановиќ од Пеќ. Записот со овој податок се наоѓа во минеј од Лешочкиот манастир. Кога запустел овој храм, минејот бил пренесен во манастирот "Св. Архангел", а подоцна откако се обновил Лешочкиот манастир, неговиот игумен Кирил Пејчиновиќ го однел назад во манастирската библиотека. Во 1816 година таму отишле еромонахот Самоил и монахињата Параскева заедно со два ученика кои ја затекнале црквата пуста веќе сто години. Тогаш тие го обновиле манастирот, но во 1897 година тој опустел повторно. Тогаш иконостасот му бил пренесен во црквата во селото Шишево, Скопско.

Кај селото Шишево, на Матка се наоѓа "Шишевскиот манастир". Црквата е посветена на "Св. Никола". Во 1345 година поп Ненад и други ктитори ја изградиле или пак ја обновиле неговата црква. Во 1630 година Калист Кожухар ги живописал ѕидовите на манастирот, но кога манастирот "Св. Никола" во Нир опустел, многу објекти од него биле пренесени таму. Архитектонски црквата потсетува на XVII век. Еромонахот Онуфрие во 1645 година направил иконостас. Кон 1725 година повторно опустел. Во 1816 година еромонахот Самиол и монахињата Параскева ја обновиле неговата зграда. И во 1897 година го чекала иста судбина. Повторно запустел. Во тоа време иконостасот му бил пренесен во црквата "Св. Атанасие" во село Шишево. Во неговата библиотека се наоѓал панагирик од 1398 година во кој има запис од Кирил Пејчиновиќ. Во 1488 година Евстратиј препишал пентикостар заедно со уште еден друг книжевник, а истиот бил купен од овој манастир. Во овој манастир пишувачот Божидар препишал минеј што сега се чува во Хлудовата библиотека. Во XVII-XVIII век од овој манастир бил пренесен ракопис во манастирот "Св. Пантелејмон" во Нерези. Во 1855 година се забележани многу словенски записи кои денес се разнесени и се наоѓаат во повеќе институции во земјава и надвор од неа.

БОЖЈИ ХРАМОВИ

Црквата "Св. Недела" се наоѓа на реката Треска, но е во урнатини. Потекнува од XIII или од XIV век. Овде е евидентиран манастир "Св. Недела", северно од манастирот "Св. Андреј", на реката Треска, што бил потчинет на Шишевскиот манастир кој датира од XIII век. Можеби станува збор за ист средновековен македонски споменик. Таа е мала, еднокорабна, куполна црква, градена од кршен камен, делкан локален камен - варовник и керамички материјал.

Кога принцот Андреја решил да создаде манастир на својот имот, неговиот брат Марко му ги испратил веројатно најдобрите мајстори - градители, како и својот најдобар сликар - живописец, кој воедно бил и поглавар на прилепската црква - митрополитот Иоан, чие световно име (можеби) било Прибил заедно со неговиот помошник и еромонахот Григориј. Така настанала црквата "Св. Андреј" чија архитектура претставува пример од византиската градителска традиција. Таа е направена во облик на триконхос, а бочните апсиди однадвор & се слеани во правоаголната ѕидна маса, така што однадвор даваат впечаток на слободно развиен крст.

Кај селото Шишево се наоѓа црквата "Св. Атанас". Порано била посветена на "Св. Никола", но тука не станува збор за Шишевскиот манастир со црквата "Св. Никола". Таа била живописана во 1565 година, а се забележува натпис кој датира од 1663 година. Не е познато точно кога била изградена, меѓутоа според некои истражувања врз нејзината градба укажуваат дека се изградила врз старо култно место.

Ќелијата "Св. Петка" во Тморане, денешно Моране, Скопско ја изградил загорскиот протосеваст Прибо, за време на цар Асан II (1230 - 1241). Во 1258 година Урош I ја подарил на Хилендар, но кога Византија повторно го зазела Скопје, тие ја одзеле од Хилендар. Била мало манастирче, еден вид ќелиски параклис. Се споменува во еден зачуван акт на Андроник III од 1324 година, со кој се потврдуваат правата на Хилендар над оваа ќелија. Во 1348 година и цар Стефан Душан му ја подарил. Ќелијата имала имот во село Орешани каде се наоѓал и гробот на ктиторот.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"