о последно време медиумски, но и
политички, се разгореа до степен на усвитеност расправиите околу една
благородна христијанска душа која толку многу го задолжи човештвото во
минатиот век. Се разбира, станува збор за скопјанката Агнеса Гонџа - Бојаџиу,
или уште попозната како Мајка Тереза.
Среќен сум и горд што имав прилика лично да ја сретнам скопјанката Мајка
Тереза, да разговарам со неа и да ја следам при една од нејзините неколку
посети на родното Скопје. Ќе се обидам, сосема накратко, да дадам свој
придонес околу расправиите на темата: која била и што била Мајка Тереза.
Како млад новинар во Редакцијата на "Танјуг" за Република Македонија по
доделувањето на Нобеловата награда за мир во 1979 година, дојдов на идеја да
се зафатам да пишувам за детството на нашата нобеловка. Впрочем, годината
кога Мајка Тереза ја доби Нобеловата награда беше прогласена од Обединетите
нации за Светска година на детето.
Почнав да истражувам. Во надлежните државни служби немаше ниту еден
документ за нејзиното раѓање и периодот додека живееше во Скопје (1910 -
1928). Се обидов во Католичката црква и наидов на десетина книги посветени
на животот и делото на славната скопјанка. Но, на моја голема среќа, наидов
и на повеќе роднини - братучеди и школски другари кои оделе со нашата Агнеса
Гонџа - Бојаџиу во основното и средно училиште и пееле со неа во хорот во
Католичката црква "Срце Исусово" која беше срушена од скопскиот земјотрес во
1963.
Секако, најдрагоцен извор на автентични податоци беше Дневникот што го
водел еден нејзин прв братучед кој по војната се преселил во Приштина. Го
имав во раце тој Дневник и можев да прочитам некои негови делови, се разбира
не се, бидејќи уште во тоа време беше сосема извесно дека Мајка Тереза ќе
биде прогласена за светица за нејзината благородна работа. Во Дневникот беше
запишано, на пример, кога Гонџа со другарките и другарите од училиштето
оделе на излет на Скопска Црна Гора и кои песни ги пееле: кога настапувале
во црквата "Срце Исусово" и слично. За среќа, братучедот на Гонџа
истовремено се занимавал и со аматерска фотографија и поседуваше обилна
колекција на фотографии од нашата нобеловка. Го напишав фељтонот и & го
испратив и нејзе лично во Калкута. Не ми одговори. Знаев зошто! Таа никогаш
не сакаше да се пишува за неа како личност, туку исклучиво за нејзиното дело,
за помошта што им ја даваше на сиромашните, болните и изнемоштените.
При нејзината втора посета на Скопје ја потсетив за фељонот. Се насмевна
и кратко ми одговори на хрватски јазик: "Примила сам ваш текст али вам нисам
писала. Знате зашто, јел да?". Се разбира дека знаев. Во таа прилика &
покажав и фотографија од една 15-годишна гимназијалка во школска униформа и
со беретка на главата. "Мајко", ја запрашав, "дали знаете која е оваа
девојка?". "Не - одговори кратко - не можам да ја препознам". "Па тоа сте
Вие кога посетувавте гимназија во Скопје", & појаснив. Мајка Тереза во тој
миг длабоко се загледа во фотографијата, пушти една солза која вешто ја
прикри, ја потпиша фотографијата и им ја подари на четирите сестри од редот
"Сестри на милосрдието", што го основа таа, а кои ја придружуваа при
нејзината посета на родното Скопје, за да останат тука и меѓу нас да ја
продолжат нејзината мисија.
Се разбира, читателот на овој текст со право ќе се запраша: Што е
пораката од овој мој скромен прилог?
Па, со оглед на фактот што ликот и делото на Мајка Тереза бескрупулозно
се политизираат и присвојуваат, особено за дневно-политички цели во Соседна
Албанија, но и од некои етноцентрични политички кругови на Албанците во
Македонија, сакам да укажам на следното:
1. Неспорно е дека Мајка Тереза е ќерка на Македонија, родена во Скопје
во далечната 1910 година;
2. Неспорно е дека Нобеловката Гонџа Бојаџиу беше христијанка, католичка;
3. Неспорно е дека Мајка Тереза воопшто не го знаеше, ниту пак го
говореше албанскиот јазик;
4. Неспорно е дека Мајка Тереза за себе имаше анационален став, т.е. се
чувствуваше како личност на светот, а пред се на оние на кои им го посвети
целиот свој живот: болните, сиромашните и изнемоштените;
5. Неспорно е правото на Република Македонија како држава во која е
родена Мајка Тереза да ја смета како своја вредност;
6. Неспорно е правото на нашата земја и нејзиниот роден град Скопје да
постават споменик во Рим на големата добротворка Мајка Тереза, ако не на
некој римски плоштад, тогаш во дворот на Амбасадата на Рупублика Македонија
во "вечниот град";
7. За мене е спорен и дискутабилен патронатот што го манифестира
официјална Тирана, а особено албанската Академија на науките, присвојувајќи
ја Мајка Тереза и обидувајќи се да наметне ексклузивно право на неа.
За да не должам повеќе, ги охрабрувам иницијаторите за поставување
споменик на Мајка Тереза во Рим, бидејќи, впрочем, целото нејзино дело и се
реализираше во тесна корелација и благослов на Ватикан.