ФОРУМ

ДОСТОЕН МАКЕДОНСКИ ИЛИНДЕНЕЦ!

Богомир Петровски, Струга

(Повод: 100 години од Илинденското востание)

Кога станува збор за јубилеи, редно да се споменот и луѓето кои на одреден начин се истакнале и го посветиле својот живот за својата сакана татковина - Македонија. Еден од многуте е и Панделе Ангелов - Томски роден во село Октиси, струшко, во далечната 1872 година, и како што се родил во мизерија, така и завршил во 1936, но во соседното село Таш Маруништа. Како малолетен заминува на печалба во Романија, во градот Турну Северин, "печејќи" го кондураџискиот занает. Уште во раната младост останал без родители. Својата сопатница ја наоѓа во село Таш Маруништа, струшко. Ја избрал кршната маруништанка Ружа Маркова - Спасеска и станал домазет, со што го "губи" идентитет од Томоски станува Спасески, а најповеќе познат како Панделе "Ружин" (по жената Ружа), со кое "презиме" и понатаму ќе се служи до крајот на својот живот.

Заминувал и се враќал, но некаде во 1898/99 година служи во Романската војска како коњаник, здобивајќи се со подофицерски чин "Терџоман", нешто како водник.

Уште во Романија станува член на ТМОРО и на повикот од селското раководство на Револуционерната организација, во почетокот на 1903 година се враќа во Таш Маруниште и се става на располагање на Организацијата. Пред Илинденското востание според Општиот план за востанието на Охридската револуционерна околија, во Таш Маруништа се формирани две востанички чети на чело со селските војводи - браќата Цветан и Ристо Тасеви - Крстаноски. Било предвидено да се приклучат и по една чета од селата Ложани и Драслајца. На четирите здружени чети (кои секоја посебно имале свои војводи), за командир, фактички за надвојвода, е поставен Панделе Спасоски "Ружин", бидејќи бил најопитен за организација, раководење и командување како што тоа го бара една воена организација (единствен кој имал служено војска и ја изучувал воената стратегија и тактика). Според Околискиот план, овие четири збирни чети требало да се засолнат во Таш Марунишката планина и да го чекаат доаѓањето (исто така според планот) на струшките чети (тогаш имало само една струшка и две-три вевчански, на чело со Лука Групчиев, Ставре Гогов и Јаќим Алулов).

Спротивно на Околискиот план, само неколку дена пред Илинденското востание, Реонскиот војвода за Малесија, Тасе Христов - Петковски, свикува советување во Збажди со селските раководства и војводи. И покрај противењето на некој од присутните, а најмногу од страна на Панделе, донесен е Реонски план при кој се предвидува водење фронтална борба и тоа првата борбена линија кај селото Маруништа. Ова не само што било спротивно на Околискиот план, туку и Правилникот за селските чети каде што меѓу другото било предвидено да не се води борба со Турците блиску населените места - села, особено кај селата кои за соседи имаат арнаутски или турски села (Таш Маруништа бело приклештено со четири албански и три "мешани" соседни села). Со тоа било запечатена судбината и на жителите и на селото. Војводата Панделе покорувајќи се на институцијата го прифаќа Реонскиот план, инаку смртната казна немало да го одмине.

По сите воени правила и прописи уште на први август 1903 ги распоредил четите на своите борбени линии, во очекување напад од Турската војска и башибозук кои биле сконцентрирани, односно од пред една недела улогорени во "Вевчанските ливаѓе" и во Суво Поле, од левата страна на Црн Дрим. Современиците кажуваа дека црнила било преку Дрим "прсти - плева", што значи мноштво околу 2-3 илјади, а востаници едвај над 140. Три дена чекале на жешкото августовско сонце и немало никакво движење на турските сили, ниту пак доаѓање на четите од струшко и струшки Дримкол (како што било предвидено во двата плана).

Неизвеснота ја прекинал надвојводата Панделе. На 5 август пред разденувањето отворил оган на Турската војска во "Вевчанските ливаѓе". Турската борија дала знак за движење. Кога главината поминала преку селото Добовјани и мостот на реката Црн Дрим, и се појавила кај манастирот "Св. Мартиниј" дури тогаш тргнала заднината. Било и како дошло до борба помеѓу 140 слабо вооружени (повеќето од половината невооружени) која се водела точно 14 часа (сеќавањата на непосредните учесници за времетрањето на борбата се совпаѓаат со телеграмата бр. 1378 од 10.8. 1903 година на стр. 84 и 85 во Турските документи за Илинденското востание, Скопје 1993 година).

Поради големиот притисок, востаниците се повлекле, откако претходно го евакуирале населението, во Збашката планина. Тогаш селото било ограбено, запалено и изгорено. Од 70 куќи само три намерно биле оставени. Тука загинале 23 востаника и четворица жители од селото. Последниве се живи изгорени. За цело време на борбата Лука Групчев, Ставре Гогов и Јаќим Алулов ја гледале оваа страшна глетка и ниту со прст не мрднале од "Среден рид", вевчански атар.

Поголем број од востаниците заминале за Дебарца преку Караорман и Славеј Планина. Реонскиот војвода на Малесија, Тасе Христов, во тој момент никаде го немало. Веројатно бил свесен за злосторството што го предизвикал во Таш Маруништа. Се чини дека тој е и главниот виновник за оваа човечка трагедија.

Во Дебарца во месноста Горица кај село Сливово се сконцентрирале сите Малесиски чети, вклучувајќи ги и од Дримкол. Војводата Тасе Христов - Пекоски не се појавил како реонски војвода. Според спомените на Лазар Димитров, команданта над сите чети му била предадена, на кој друг, ако не на Панделе Спасески - Ружин. Тоа било на 17 август 1903 година кога се водела онаа крвава борба од раните утрински часови до доцна во ноќта. Тука загинале над 30 востаника, тројца од Таш Маруништа и тоа двајца браќа. Панделе ја продолжил борбата до крајот на востанието. По поразот не чекал амнестија, туку заминал за Романија со другите соселани, а не за Бугарија. Останал жив и пак маршрутата Таш Маруништа - Романија и обратно. Во 1927 година му починуваат и сопругата Ружа и мајка & Сава. Панделе останал сам. Починал во голема мизерија во 1936 година на свои 46 години. Не остави пород. По создавањето на македонската држава, подигнат му е мермерен споменик и на секој втори август му се оддава почит.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"