осподинот Ѓорѓи Ѓорѓиевски по
професија е новинар. Долги години бил дописник за речиси сите весници низ
Југославија, за "Нова Македонија" и "Вечер", а потоа уредник на радио Ресен,
меѓутоа во последно време неговото име се сретнува и како текстописец.
Иако како голем патриот и син на револуционери, никогаш не преминал
граница, неговите текстови претежно се свртени кон печалбарскиот живот, со
голема носталгија во нив. За Преспа има напишано многу песни, затоа што од
секогаш му била и се уште е инспирација. Има добиено бројни награди на кои е
горд затоа што се добиени со труд без мисла за заработувачка.
ХОБИ
Најголем дел од мојот работен век го поминав во новинарството, како
дописник на "Нова Македонија", а соработував и со многу други дневни весници
и списанија, меѓу кои и со вашиот неделник "Македонско сонце", вели
Ѓорѓиевски. Меѓутоа, пред десетина години се повлеков од јавниот живот и
од новинарството. Сега понекогаш се јавувам со одредени написи за одредена
тематика и проблем што ми се блиски. Во слободното време со кое не
располагам многу, повеќе од хоби, отколку за некаков материјален интерес,
пишувам текстови за македонски народни песни, по малку поезија, па и детска
поезија. Инспирацијата ми доаѓа од животот и животното секојдневие, но некои
области од животот ми лежат повеќе.
Првата песна којашто господинот Ѓорѓиевски ја има напишано ја насловил
како "Дано, Дано Данице", песна која пред десетина години беше вистински хит
на локалните радија, се пееше на свадби и веселби, а и многу фолк-групи ја
имаа вметнато во својот репертоар.
До Радио Скопје не знам дали и денес е стигната, од кои причини не ми е
познато, само знам дека песната беше издадена од "Везилка" од Битола, а не
во продукција на МРТ, па можеби поради тоа не најде соодветно место во
емисиите на Македонското радио, додава Ѓорѓиевски. Во оваа песна
убавините на Преспа, се искажани преку зборовите "имаш очи бисерни, ко
водите езерски, а образи румени ко јаболка преспански" и "рајска си убавина
под Пелистер планина, ко сина љубичица од вишна Галичица", а препишани на
извесна Даница, која во песната стана преспанска убавица, а преку неа се
искажани и убавините што навистина Преспа ги има.
Господинот Ѓорѓиевски досега има напишано 30-тина песни, со разновидна
тематика, патриотска, печалбарска и љубовна, а најголем дел од нив ги пее
Кенан Таировски ("Не е лага, не", "Војник да се биде", "Преспо моја", "Играј
чочек битолчанко"...), со кого и најмногу соработува, а преку него и неколку
текстови им се дадени и на повеќемина познати пејачи. Текстовите исклучиво
им ги подарува на пејачите, зашто однапред никој не може да предвиди дали
тие ќе доживеат успех, па да бара да се наплатува, меѓутоа некои од тие
пејачи кои со неговите текстови постигнале успех, не се сетиле барем една
касета да му подарат или пак некогаш да му се јават, да се заблагодарат за
соработката.
Досега пишувам само текстови, без да се обидам да компонирам музика,
додава Ѓорѓиевски. Само за неколу песни Таировски однапред ми ја даде
музиката, а понекогаш ми кажува по која метрика да го пишувам текстот, што
многу ми ја олеснува работата.
ИНСПИРАЦИЈА
На господинот Ѓорѓиевски не му е познато дали добро и колку заработуваат
текстописците, бидејќи како што претходно нагласи, тој пишува за она што му
спие на срце, односно затоа што сака да го работи тоа.
По природа сум емотивен човек и таа емотивност ја внесувам во моите
текстови, па често пати на некои реченици или зборови, по мене минуваат
некои чудни морници, а на очите спонтано ми навираат солзи, вели
Ѓорѓиевски. Тогаш малку се одморам, се смирувам, па продолжувам да го
пишувам или довршувам текстот. Тоа, особено ми се случува на патриотските и
печалбарските песни во кои се зборува за таги, рани и за копнежи. Во туѓина
не сум бил никогаш, но како новинар пишував интензивно во периодот на
масовните иселувања на нашите луѓе. Се изнагледав тажни и морничави глетки и
слики од разделбите, па оттогаш кај мене тлее љубовта кон иселеништвото и
почита кон иселениците. Преспа е голем печалбарски крај, а јас како
новинар бев еден од најпродуктивните кои тогаш пишувале за иселеништвото, а
сега значителен дел од моите текстови им ги посветувам ним.
Според Ѓорѓиевски, и општествената грижа за тие луѓе од дијаспората треба
да биде перманентна, сеопфатна и содржајна, а не тие да бидат користени за
дневно-политички потреби. За нив најсвета партија е и треба да биде
Македонија,а според желбите секој сам нека си се определува политички.
Велат од патриотизам не се живее, но јас сметам дека патриотизмот треба
да живее во нас, во нашето битие, зашто токму патриотизмот бил главниот
стожер за нашиот опстој низ вековите, вели Ѓорѓиевски. Затоа што само
со исполнети национални чувства ќе ја чуваме и зацврстуваме нашата
национална самобитност. Оттука, и песната "Македонија", што ја испеа
маестралната пејачка, покојната Петранка Костадиновска (нејзината
последна песна - н.з.) претставува силна порака, да ја сакаме сопствената
земја, зашто таа за нас е се: и Сонце, и радост, и младост.
НАГРАДИ
И песната "Македонци братски да се сплотиме" со која популарниот дует
Селимова - Желчевски победија на фестивалот "МАКАМ" во Торонто пред неколку
години освојувајќи ги сите можни награди на организаторот, на Македонското
радио и на Матицата на иселениците од Македонија, во себе ја носи пораката
Македонците да се сакаат и да се сплотат.
Како автор господинот Ѓорѓиевски бил застапен и на фестивалите "Охридски
трубадури", "Серенада фест", "Гоце фест" и на последните "Филиграни" како
текстописец на песната "Преспанските печалбари" со која Петар Нечовски го
освои второто место од жирито.
За мене како текстописец втората награда за Петар претставува значајно
признание, дотолку повеќе што името на Петар е многу познато, а моето име и
не е толку познато во музичката естрада, објаснува Ѓорѓиевски. Петар
ја испеа и песната за "Преспанскиот крст" на мој текст, кој деновиве (на 26
јули) ќе биде осветен, во присуство на преспанци и на подмочанци, во чие
село се наоѓа крстот. Мојата девиза беше, и е, "работата со љубов да се
извршува"! Така и постапував. Работев колку што можев, а понекогаш и повеќе
од тоа. Врските, привилегиите, користољубието ми беа и ми се туѓи и
неприфатливи. За успешното извршување на задачите имам добиено премногу
признанија, а како највредни се: "Орден на трудот со сребрен венец" од
страна на Претседателството на поранешната Југославија, највисокото
признание на општина Ресен - "11 октомври", како и највисокото признание "Златна
плакета" од преспанските иселеници во Австралија. Гледано од денешен
аспект, само кога партиската припадност се издигнува над се, овие признанија
можеби бледнеат, но за добитниците сепак имаат поинаков сјај, зашто се
добиени за работа и трудољубивост, па така и за мене ќе останат како еден
спомен од едно поранешно време во кое живеевме и творевме и ќе бидат
забележани во мојата животна биографија, на што и моите две деца се посебно
горди.