КУЛТУРА

Дело на Петар Аврамоски за струшките великани - браќата Миладинови

ТРЕЗОР ЗА АПОСТОЛИТЕ НА ПРЕРОДБАТА

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • "Великаните од Струга" претставува богат и досега за многумина не доволно познат и не лесно достапен материјал од многу фотографии и факсимили, цитати и преводи на текстови, потоа од карти, прегледи на весници и други публикации во кои се говори за Миладинови.

По повод 142-та годишнина од објавувањето на Зборникот на Миладинови во Спомен домот на браќата Димитрија и Константин во Струга, покрај многуте други манифестации и публикации, се појави и долгоподготвуваната илустрирана биографија на браќата Миладинови "Великаните од Струга" од авторот Петар Аврамоски. Оваа публикација излезе од печат во 2002 година како издание на издавачката куќа "Ирис" од Струга.

Петар Аврамоски е еден од најдобрите познавачи на делото на струшките браќа Миладинови и е автор на повеќе трудови з знаменитите струшки браќа. Ова дело претставува најголем прилог кон нашето масовно национално запознавање со животот, со делото и со разностраната преродбенска дејност на Миладинови - синоним на македонската национално-културна преродба.

БИОГРАФИЈА

Иницијално започната како илустрирана биографија на браќата Миладинови, всушност, оваа книга претставува еден капитален албум преку кој македонскиот реципиент најмасовно ќе кореспондира со Миладинови - како со нивната преродбенска и творечка актива, така и со нив како исклучително дејствени личности во процесот на македонското национално осознавање.

Животниот пат на тројцата за македонската преродба неодминливи Миладинови, нивните преродбенски акции и настанувањето на нивното дело, авторот Аврамоски најпрво ги претставил преку текстуалниот сегмент од многу пошироко замислената публикација односно преку тиесетина полижанровски (биографско-литературноисториски и есеистичко-белетристички) текстови, вели во предговорот на книгата, господинот Науме Радически. Сами за себе тие претставуваат една посебна книга за Миладинови, односно проза која би ги имала погоре споменатите жанровски карактеристики. Оваа "проза" започнува со состојбата во Македонија во времето на Миладинови, и со една афирмативна појава на Миладинови, а завршува со организирањето на Фестивалот "Струшките вечери на поезијата" по повод стогодишнината од нивната смрт.

Меѓу почетната и завршната биографско-литературноисториска епизода се следи животот на Димитрија, Наум и Константин Миладинови низ повеќе или помалку значајните случувања во нивните животи.

БОГАТ МАТЕРИЈАЛ

"Великаните од Струга" претставува впечатлива и несекојдневна појава првенствено со тоа што, како жанровски повеќестрана и богата публикација, покрај текстуалниот дел содржи уште неколку други, поинтересни и позначајни сегменти. Станува збор за богат и досега за многумина не доволно познат и не лесно достапен материјал од многу фотографии и факсимили, цитати и преводи на текстови, потоа од карти, прегледи на весници и други публикации во кои се говори за Миладинови, а уште и од истражувања на повеќето автори. Вака богатиот материјал е распореден со големо знаење и умешност и со тој распоред овие разнородни и богати материјали се хармонично вкомпонирани меѓу кориците од оваа книга. Книгата "Великаните од Струга" со сето тоа претставуава мал или голем, но секако вистински миладинолошки архив и трезор ставен меѓу корици и даден на користење на најширок круг на почитувачите на делото на браќата Миладинови.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"