Не стивнува бугарскиот шовинизам!
Најголем простор за прославата на 100-годишнината на Илинден во Бугарија,
издвои еден од најтиражните весници "Труд". На цела страница беше објавен
текстот посветен на состојбите во Македонија и 100-годишнината од Илинден од
македонскиот новинар Владимир Перев, познат по своите големобугарски позиции.
Владимир Перев пишува "најцрно" за Македонија. Така потенцира дека
Македонија се распаѓа, дека народот живее најбедно во Европа и дека сега
кога Македонците ја изгубиле војната од албанските терористи, државата се
распаѓа во сите сегменти и дека за Македонија е единствен спас
конфедерацијата со Бугарија.
Илинденски прослави во Србија
Во чест на Илинденските чествувања во Србија и Црна Гора, за прв пат
почна да се емитува радиопрограма на македонски јазик насловена како "Мак -
мостови". Прослава за Илинден организираше и Југословенско-македонското
друштво "Шар Планина" од Белград.
Синодот на МПЦ против негаторството на СПЦ
Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква, по повод
последното соопштение на Светиот архијерејски синод на СПЦ, изрази жалење
поради негаторскиот однос на СПЦ кон се што е македонско: и сегашност и
минато, и црковно и национално.
"Но, што може да се очекува друго од оние на кои присвојувањето и
одземањето туѓи манастири и светињи им е дамнешна навика", стои во
соопштението на МПЦ.
Земјотреси на Балканот
Три релативно силни земјотреси го погодија Балканот, но не предизвикаа
човечки жртви. Директорката на српскиот Републички сеизмолошки завод,
Славица Радовановиќ, неодамна предвиде дека на Балканот во следните три до
пет години може да се очекуваат разорни земјотреси.
Македонска амбасадорка во Албанија
Претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски, неодамна ја
прими во протоколарна посета Елеонора Каранфиловска Ратклиф пред нејзиното
заминувања на новата должност, ополномоштена амбасадорка во Албанија.
Спомен од солунските гемиџии
Огледалото што стоело во берберницата на гемиџиите во Солун сега се наоѓа
во домот на Киро Вангелов во Велес. Тоа го тврди сопственикот на куќата,
чија баба Рајна му била снаа на еден од солунските атентатори, Владо Пингов.
Неодамна, по истражувањето на Никифор Смилевски, Вангелов открил и
фотографија од Пингов за кого досега немало оставено документ.
Албанци печалат на црно во Македонија
Стотици сезонски печалбари од албанските погранични села и ова лето со
виза или илегално престојуваат во Македонија за да најдат работа и да
заработат некој денар. Кога ќе бидат откриени и протерани, тие повторно се
враќаат да работат за дневница од 8 до 10 евра.
Кога Македонија во Унијата?
Земјите од Западен Балкан, а во тие рамки и Македонија, сепак, на Самитот
во Солун прв пат "написмено" добија потврда дека и тие еден ден ќе бидат дел
од европското семејство. Нашата земја нема поднесено барање за членство во
Унијата, така што прашањето за статусот земја-кандидат е многу хипотетичен.
"Не треба да се концетрираме на датумот за влез, туку на процесот за
зачленување во ЕУ", порача вицепремиерката на Република
Македонија,РадмилаШеќе-ринска.
Албанци шверцувале 70 килограми хашиш
Грчката полиција во близина на островот Крф уапси двајца албански
државјани, кои се обидувале со чамец да пренесат 70 килограми хашиш во
Грција. Кога го забележале патролниот чамец на грчката полиција, шверцерите
тргнале кон албанските територијални води, но не успеале да побегнат.
Библиотека во Пустец
Неодамна во селото Пустец беше отворена библиотека која ќе го носи името
"Браќа Миладиновци". За потребите на нашите сонародници од Албанија во
библиотеката се донирани 2.400 книги на македонски јазик.
Вандализам на Олимпик бич во Грција
Во туристичкото место Олимпик Бич во Грција, непознати сторители ги
искршиле стаклата на два автомобили со македонски таблички, сопственост на
летувалци од Македонија.
Прилепчанецот Петар Караниколов, чиј автомобил марка "сузуки свифт" бил
цел на нападот, вели дека можната причина за инцидентот била меѓународната
ознака МК на задното стакло од неговиот автомобил. И пред неколку години во
истото место во Грција имаше сличен инцидент.
|