Честитки од Буш и Путин

Американскиот претседател Џорџ Буш, шефот на руската држава Владимир Путин и претседателот на Народна Република Кина, Ху Џинтао, упатија телеграми со честитки до македонскиот претседател Борис Трајковски, по повод едновековниот јубилеј, 100 години Илинден.

Мирко Христов со бомба и пиштол на Мечкин Камен

Бомба и пиштол биле најдени кај струмичанецот Мирко Христов непосредно пред одржувањето на големиот собир на Мечкин Камен во саботата. Портпаролката на МВР, Мирјана Контевска, го потврди настанот и додаде дека Христов бил приведен и дека му е одредена мерка притвор од триесет дена.

Резултати од Пописот во ноември

Државниот завод за статистика го заврши шифрирањето на пописните обрасци од 34 пописни реони и внесувањето податоци од 28, од вкупно 39 пописни реони.

Заводот очекува дека целосната обработка на пописниот материјал од Пописот на населението, домаќинствата и на становите во Република Македонија 2002 ќе заврши до почетокот на ноември.

Македонскиот јазик во "карантин"

Директорката на Хигиеноепидемиолошката служба во Тетово, Азизе Велиу, со македонските новинарите комуницира само на албански јазик и препорачува во иднина новинарите кај неа да доаѓаат со преведувачи.

Дезертерите од АРМ станаа резервисти

Граѓаните од 27 до 30 години кои не отслужиле воен рок се префрлуваат во резервниот состав на АРМ, соопшти Министерството за одбрана. Сите кои не се евидентирани во воена евиденција, а не се одзвале на повикот за служење воен рок, се самооддалечиле од единица или ја одбегнале воената обврска се должни во следните шест месеци да се јават во подрачните одделенија на Министерството за одбрана.

Засилено обезбедување го чека Бојку

Пред судењето на најпознатиот македонски макро Дилавер Бојку - Леку, судската палата во Битола е под засилено обезбедување. Битолчани ги одбегнуваат и контејнерите крај коритото на Драгор, плашејќи се приврзаниците на струшкиот макро Бојку да не поставиле експлозивни направи во нив.

Трајковски не го потпишува Указот

Претседателот Борис Трајковски нема да го потпише Указот за прогласување на Законот за изменување на Законот за радиодифузна дејност, донесен од Собранието на 23 јули годинава. Трајковски во писмото упатено до претседателот на Собранието, Никола Поповски, појаснувајќи ги причините за ваквата одлука, нагласува дека Парламентот треба повторно да ги разгледа предложените измени на Законот и да понуди посоодветно решение.

Бегајте од кучиња со опаднато крзно

Во здравствените установи во Скопје и во Штип деновиве се испитуваат неколку деца за кои постои сомневање дека се заболени од болеста "кала азар", која од кучињата на човекот може да ја пренесат мушички.

Продолжува изградбата на "Свети Илија" во Аеродром

По повод стогодишнината од Илинденското востание, минатиот викенд симболично беше означен стартот на продолжетокот на градбата на црквата "Свети Илија" со богослужба и културно-уметничка програма. Граѓаните можат да донираат доброволни средства со уплата на жиро сметка 300000001725084 МПЦ-"Свети Илија", населба Аеродром - Скопје.


Гостувањето на "Скрб и утеха" во САД не е дозволено

Поради долгата постапка за добивање дозвола за културен настап во САД, гостувањето на Културниот центар "Скрб и утеха" по повод 100-годишнината од Илинден 1903 во Детроит е одложено.

Иако домаќинот, Македонскиот културен центар од Детроит, црквата "Раѓање на пресвета Богородица" и Општината Стерлинг Хајтс гарантира дека ги покрива сите трошоци на гостувањето: патните трошоци, сместувањето и визите, за жал американската Амбасада во Република Македонија не им издаде визи на членовите на "Скрб и утеха", ни изјави Тихомир Стојановски, директор на “Скрб и утеха”.

Според него останува впечатокот дека културната размена меѓу Република Македонија и САД има само една насока. И фактот дека по втор пат на македонската заедница во Детроит не & се одобрува гостување на македонска култура. Првиот пат тоа беше во 2000 година на Ансамблот "Серенада" од Тетово. А еве сега и на "Скрб и утеха".

При разговорот за добивање визи, во Амбасадата на САД во Скопје, како што вели Стојановски, актерите имале третман како емигранти.

Беа барани одговори на апсурдни прашања: "Докажете дека 'Скрб и утеха' постои 15 години? Зошто си ти единствена актерка во театарот? Докажи дека си светло мајстор? Зошто не си женет? Докажи дека си гардероберка и шминкерка? - и слично, иако Министерството за култура на Р. Македонија упати писмена подршка за гостувањето на К.Ц. "Скрб и утеха" во Детроит, до Амбасадата на САД, коментираше Стојановски.

Најнакрај Амбасадата не сакала да им издаде ниту туристички визи на тројца преставници на "Скрб и утеха", кои по барање на домаќинот требало да присуствуваат како почесни гости на прославата во Детроит.

Несомнено, вели директорот на "Скрб и утеха", никој не & брани на американската култура да се претставува во Македонија, но изгледа истиот принцип не важи и за преставувањето на македонската култура во САД.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"