ЕКОНОМИЈА

Програма за стимулирање на инвестиции во Република Македонија

ЗА МОДЕРНО ОТВОРЕНО СТОПАНСТВО - ЗДРАВА ДЕЛОВНА СРЕДИНА

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • За да се стимулираат инвестициите, потребно е државата да се подготви за таква стимулација, велат странските инвеститори.
  • Владата на РМ стои цврсто на определбата да изгради економски систем кој ќе биде стимулативен за инвеститорите без разлика дали се домашни или странски, бидејќи свесни сме дека инвеститорите првенствено ги привлекува здравата деловна средина, потенцираше министерот за економија, Илија Филиповски.
  • Програмата за стимулирање на инвестициите во РМ ќе започне во октомври оваа година.

Неодамна беше презентиран нацрт-текстот на Програмата за стимулирање на инвестициите во Република Македонија, чија цел е преку анализа на постоечката клима за инвестирање во земјава, да се идентификуваат најразличните форми на рестрикции и пречки во економијата, правниот систем и политичкото окружување и врз основа на тоа да се предложат мерки, препораки и насоки за надминување на ваквите состојби и прилагодување на законската регулатива кон меѓународно прифатени стандарди.

Министерот за економија, Илија Филиповски, пред претставниците на приватниот сектор, на меѓународните финансиски институции, на науката и на државните органи одговорни за имплементација на мерките и активностите предвидени во Програмата, потенцираше дека Владата на РМ е свесна дека инвеститорите првенствено ги привлекува здравата деловна средина.

При изработката на Акциониот план во рамките на Програмата, како појдовна основа се користени анализите и препораките на Проектот за идентификување и елиминирање на административните бариери кој е реализиран во соработка со FIAS.

Свој придонес кон создавање на оваа Програма, покрај домашни експерти, дадоа и претставници на меѓународни организации како што се UNDP, USAID, MIGA, Светска Банка и други.

ИСКУСТВА

Оваа Програма за поттикнување на инвестициите во РМ произлезе од еден процес на консултации земајќи ги предвид потребите на домашни и меѓународни инвеститори како појдовна точка. За да биде успешна, во реализацијата на Програмата, покрај Министерството за економија, ќе треба активно вклучување и придонес на различни државни органи, приватниот сектор, граѓанското општество, како и пошироката меѓународна заедница, истакна министерот Филиповски, повикувајќи ги споменатите фактори да продолжат со партнерството во реализацијата на оваа реформа.

При изработката на оваа Програма согледани се и искуствата со странските директни инвестиции во земјите од Централна и Источна Европа, со цел преку компаративна анализа да се согледа и изнајде најефикасниот и најатрактивниот модел на стратегијата за поттикнување на инвестициите во Република Македонија.

КЛУЧНИ ПРЕПОРАКИ

Странските инвеститори ја поздравуваат Програмата за стимулирање на инвестиции во РМ, потенцирајќи дека Владата на РМ мора да создаде поволни услови за прилив на странски капитал.

Земјите во транзиција искусија прилично постојан раст на Директни странски инвестиции (ДСИ), бидејќи спроведоа пазарни реформи. Земајќи ги предвид четирите централно-европски земји плус трите балтички земји, движењето на ДСИ во 2001 беше четирипати поголемо од 1993 година. Спротивно на ова, земјите како Белорусија и Украина кои беа премногу бавни во иницирањето на пазарни реформи, имаа многу мал раст на ДСИ. Ова сугерира дека доколку економските состојби се стабилни и позитивни за инвеститорите, земјите од Југоисточна Европа (ЈИЕ) може да очекуваат дека ДСИ ќе пораснат со натамошно спроведување на реформи.

Нетранспарентните политики и административните практики ги зголемија инвестиционите трошоци во земјите на ЈИЕ. Потребата за распределба на човечки ресурси за да се разберат и да се спроведуваат нетранспарентни даночни политики и административни пристапи, зголемувајќи ги трошоците за Проектот, имаат тенденција да го обесхрабрат првичниот интерес на инвеститорот и постојаниот ангажман. Слични случаи можат да се најдат во други транзициони економии, каде постои доказ дека нетранспарентните и често неконзистентни државни политики и обструктивни или некомпетентни бирократии се најголемите иритирачки и деструктивни елементи на ДСИ.

Еден од најважните одлучувачки фактори на ДСИ во земјите на ЈИЕ, а многу често и најважен фактор е факторот ризик.

РЕСТРУКТУРИРАЊЕ

РМ постигна променлив напредок во реструктурирањето на својот политички и економски систем уште од почетокот на процесот на транзиција. Внатрешните фактори не помогнаа, меѓутоа, пошироката регионална политичка нестабилност влијаеше на имиџот на земјата. Сепак, Владата на Република Македонија прави напори за да се увери дека се одржува економски развој и дека животниот стандард се зголемува. Меѓународната заедница и приватните инвеститори се свесни за важноста на реформата која се спроведува.

Како последна активност на Владата на РМ, пред се во рамките на Министерството за економија, според државниот секретар во Министерството за економија, Ѓорѓи Петрушев, е пред се имплементацијата на стратегијата за финализација на процесот на приватизација преку Македонска берза. Петрушев, исто така, укажа на транспарентноста во процесот на издавање лиценци за увоз и ре-експорт иницирањето на програма за развој на мали и средни претпријатија, вклучувајќи нова агенција за имплементација формирана за да се стимулираат почетни бизниси и компании во развој.

Моменталната економска средина, а не помалку нивоата на невработеност бараат повторно да се размислува за политики на инвестирање, домашни или меѓународни, за да се забрза темпото на развој.

Сега кога процесот на приватизација се ближи кон крајот, нема лесни опции за стимулирање на инвестиции. Во исто време, итно е потребно подобрување на основите на вршење бизнис во оваа земја, за да се зголеми нашата привлечност, продуктивност и конкурентност наспроти нашите конкуренти во регионот на Југуисточна Европа и подалеку. Оваа Програма за стимулирање на Инвестициите во РМ произлезе од еден процес на консултации земајќи ги предвид потребите на домашни и меѓународни инвеститори како појдовна точка.

За да се преземат мерки за реформа, потребна е многу посилна агенда. Процесот треба да се координира од меѓународната заедница, но ќе треба активно вклучување и придонес за различни државни органи, приватниот сектор, граѓанското општество, како и пошироката меѓународна заедница, за да се постигне напредок.

Владата на РМ признава дека меѓународните инвеститори ги привлекува, најпрво здравата деловна средина. Во согласност со принципите кои треба да се изнесат во оваа Програма, а земајќи ги предвид очекувањата на инвеститорот, Владата и Парламентот се повикуваат да ги одобрат приоритетите на реформата кои се елаборирани поцелосно во преостанатиот дел на оваа програма за стимулирање на домашни како и на странски инвестиции.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"