ИНТЕРВЈУ

Теута Арифи, пратеничка во Собранието на Република Македонија

ПАРЛАМЕНТАРНАТА РАБОТА Е ПРЕДИЗВИК

Разговарала: Рената МАТЕСКА

  • Мислам дека мотивите на жената за да влезе во политиката се подобри од мотивите кај мажите. Сметам дека жените имаат појасни и пофокусирани мотиви.
  • Зад секоја политичка фигура која е многу видлива апсолутно е битно да има и една потпора која секогаш и не е толку видлива.

МС: Госпоѓо Арифи, што сте по професија, како се случи да запловите во политичките води и на која возраст?

АРИФИ: По професија јас сум професор, доцент на филолошкиот факултет и исто така професор на Штуловиот универзитет. Влегувањето во политиката се случи 2002 година по завршувањето на конфликтот и по првите планови за формирањето на партијата ДУИ. Јас бев една од членовите на Иницијативниот одбор за формирање на оваа партија и тоа се случи на мојата 34 годишна возраст. Јас секогаш сум била блиску до политичките настани, секогаш сум ги анализирала. Имам објавено повеќе текстови за работата на албанските политички партии. Со ДУИ дефинитивно одлучив да бидам дел од тоа што се вика активна политика.

МС: Кога е вистинскиот момент за жената активно да се вклучи на политичката сцена и какво е Вашето искуство?

АРИФИ: Жената треба секогаш да биде активна во политиката и тоа на разни нивоа на политичкиот живот. Не можете да дадете една генерална рамка. Тоа е еден склоп на околности кои тоа го предодредуваат. Жената треба секогаш да биде активна во политиката, затоа што преку политиката таа си донесува одлуки и за неа самата. Секако дека таа треба да бара поддршка и треба да влезе во политиката тогаш кога ќе оцени дека има доволна поддршка. Кога чувствува дека има доволна база која стои позади неа. Треба да влезе во моментот кога дефинитивно може да оствари влијание. Кога ќе ги има сите овие димензии, тогаш не е битно која е возраста на жената. Секоја возраст има што да понуди во политиката.

МС: Според Вас, колку жените се способни да бидат политички активни и дали цените дека жените може да се носат рамо до рамо со мажите во светот на политиката?

АРИФИ: За способноста на жените јас не сакам да дискутирам. Жените се способни политичарки. Тие тоа го докажуваат со одговорноста со која & приоѓаат на политиката. Со фактот дека имаат доволно познавања, доволно предзнаења, знаат да влезат во тој политички живот. Способноста јас никогаш не ја ставам под знак прашалник, затоа што жените се способни да бидат политичарки. Но, тоа што треба да се работи е да се создадат доволно предуслови за нивните способности да излезат на дело. Исто така, јас често велам дека политиката не е џентлменски свет. Тоа им го кажувам на жените кога ме канат да зборувам за политиката. Треба да имате идеи и треба да знаете како нив да ги реализирате. Конкуренцијата во политиката е многу голема и таму единствено нема џентлменство и таму самите треба да се изборите за тоа што мислите дека е вистинско, праведно и дека вреди. Во политиката треба да се инвестира дел од вашата личност.

МС: Каков е односот на Вашите колеги кон Вашата досегашна работа?

АРИФИ: Јас можам да кажам дека сум мошне почитувана од моите колеги. Апсолутно досега не сум дошла во состојба да бидам евентуално стопирана да реализирам некоја идеја. Во принцип мислам дека машките колеги треба да навикнуваат на присуството на жените во Парламентот. Исто така е битна настојчивоста во решавањето на тезите и идеите. Јас се трудам да бидам максимално колегијална затоа што сметам дека политиката е тимска работа. Тоа не е работа што можеме самите да ја направиме. Морам да се пофалам со добри односи со моите колеги.

МС: Покрај политичкиот ангажман, дали имате време и за Вашиот приватен живот, за Вашето семејство?

АРИФИ: Политичкиот ангажман Ви одзема многу време од аспект на работно време што го поминувате. Ви одзема доста време земајќи ги предвид контактите што треба да ги имате со избирачите, партиски состаноци, средби и слични обврски. Јас максимално се трудам да најдам време за приватен живот. Тоа е многу потребно, затоа што мора да имате место каде што можете да бидете релаксирани од секојдневните обврски. Затоа се обидувам секогаш да најдам максимално време за семејството, надвор од секојдневната пресија. Се обидувам саботите и неделите да имам што помалку активности и особено вечерните активности ги елиминирам. Се обидувам во рамките на вообичаените куртоазни посети излегувањето да биде заедно со мојот сопруг. Ние и двајцата сме преокупирани со секојдневните обврски и тоа ни е начин да бидеме заедно.

МС: Кои се најчестите мотиви за жената да заплива во политички води и какво е Вашето лично искуство?

АРИФИ: Мислам дека мотивите на жената за да влезе во политиката се подобри од мотивите кај мажите. Сметам дека жените имаат појасни и пофокусирани мотиви. Кога влегуваат во политиката жените влегуваат како реализирани личности на коишто не им треба политиката за да ги направи успешни, бидејќи тие веќе се успешни во некои свои сфери. Токму тие мотиви се многу попозитивни, се многу подобри и апсолутно ги помагаат демократските процеси, зашто на демократските процеси како такви им треба сила за напред. Жените кога влегуваат во политиката ги имаат предвид овие работи. Тие имаат многу позитивни мотиви.

МС: Жената од билошки аспект, пред се, е предодредена да биде мајка. Дали тоа, според Вас, претставува хендикеп во градењето на политичката кариера?

АРИФИ: Историски, социјално, па и митолошки ако сакате, жената ја платила цената на биологијата. Билошкото предодредување е причинителот кој жената ја направил таква, ја оставил надвор од влијанието во многу политички и развојни процеси. Јас сметам дека апсолутно биолошкиот фактор на жената не претставува хендикеп, туку напротив предност во политичката кариера. Каде е таа предност? Таа треба да знае да направи приоритет во работите. Треба да знае кои се навистина најзначајните приземни работи во политиката. Со семејните обврски нејзе & се дуплираат работите, но тука лежи и силата на жената. Жените истовремено можат да се бават со повеќе работи и да излезат на крај, што е повторно една предност плус.

МС: Дали Вашето семејство има разбирање и оправдување за Вашите чести политички ангажмани?

АРИФИ: Сметам дека не само за жените, туку и за мажите е важна поддршката од семејството. Без семејна поддршка тешко ќе можете да бидете успешен политичар. Поддршката од семејството, поддршката од вашиот семеен партнер е многу значајна, многу клучна во вашиот политички ангажман. Не само поради тоа што често не сте дома и имате долги собраниски седници или партиски состаноци, туку и поради тоа што во политиката понекогаш морате да носите тешки одлуки. При носењето на тешките одлуки повеќе поттик мора да имате од поддршката од дома. Јас сум многу задоволна што имам поддршка од сопругот и од најтесното семејство. Вие и првите политички гласови ги добивате од нив. Политичката борба знае да биде многу тврда, многу силна, при што може да се соочите со разни, понекогаш комплицирани состојби, за што поддршката од семејството Ви е неопходна.

МС: Обично се вели дека позади секој успешен маж стои жена, но дали според Вас би можеле да кажеме обратно - дека позади секоја успешна жена стои маж?

АРИФИ: Јас мислам дека може и така и така да кажеме. Сметам дека партнерството во животот е една многу важна работа. Во политичкиот живот е многу битно да имате едно вистинско партнерство. На пример, за многу политички дилеми јас често се консултирам со мојот сопруг и можам да кажам дека тоа ми помага за полесно да ги разрешам. Може и да не го слушам неговото мислење, меѓутоа сметам дека е многу полесно кога ќе ги размените мислењата и ставовите. Зад секоја политичка фигура која е многу видлива апсолутно е битно да има и една потпора која секогаш и не е толку видлива.

МС: Колку време, покрај кариерата и семејството, посветувате и на самата себеси, на својот изглед и стил?

АРИФИ: Мислам дека посветување внимание на самата себе, на изгледот, е дел од културата на една личност. Дел на културата на живеење. Значи, не треба да изгледате убаво за да Ве видат другите, туку пред се заради самата себе. Тоа секогаш ми беше принцип во животот, или култура на моето живеење. Во моментот кога сте повеќе експонирани во јавноста, тогаш мора да посветите поголемо внимание на себе. Морам да кажам дека посветувам внимание. Редовно посетувам козметичар, редовно посетувам фризер, внимавам на тоа што носам и во кои пригоди. Внимавам, бидејќи сметам дека треба да оставите впечаток дека знаете да се грижите за самата себе. Ако не можете да се грижите за себе, уште помалку ќе можете да водите сметка за другите.

МС: Повеќе од очигледно е дека жената е се повеќе застапена во Парламентот. На што се должи тоа и дали очекувате во иднина да дојдеме до 50 отсто застапеност на жените во оваа институција?

АРИФИ: Тоа што ние направивме еден позитивен скок во застапеноста на жената во Парламентот се должи на една нова законска регулатива каде што 30 отсто од кандидатите на листите мора да бидат жени. Тоа беше една многу добра работа за да го смениме бројот на жените во Парламентот во нагорна линија. Ние не стигнавме повеќе од бројката којашто ја имавме затоа што во рамките на политичките партии, некои повеќе некои помалку не успеаја жената да ја избуткаат погоре на листите. Затоа сметам дека за во иднина е битно да направиме, да излобираме и да издејствуваме уште една мала промена на изборниот закон. Да издејствуваме 30 отсто не само во листите, туку и во местата за бирање, на изборни позиции.

МС: Која би била Вашата порака до жените со амбиции да бидат идни парламентарки?

АРИФИ: Мојата порака би била: за да се кандидирате во Парламентот треба да го сакате тоа за што вреди да се обидете. Жените треба да имаат амбиции за политички ангажман, да ги претставуваат своите и интересите на другите граѓани. Тоа е една многу благородна работа, најпрво таа амбиција треба да ја имате, а втора работа е да работите. Треба да се дејствува во рамките на својата партија каде што треба да најдете поддршка. Жените најчесто поддршката ја наоѓаат кај другите жени, кај луѓето што се прогресивни во партијата. Следува делот на кампањата каде можат да се соочат со жестока кампања, но сметам дека тие можат тоа да го преживеат и да бидат ефективни и успешни парламентарки.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"