ПОЛИТИКА

Предавање и собирање на нелегалното огнено оружје во ноември и декември

КАЛАШЊИКОВОТ ЌЕ ЅВЕЦКА УШТЕ ДОЛГО?!

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Први ноември е солиден термин што овозможува доволен простор за подготовка и за интензивна медиумска кампања, но тоа укажува на обврската за квалитетна промоција на терен. Истовремено финишот на акцијата - 15 декември, се поклопува со завршување на мандатот на "Конкордија", потенцираше министерот за внатрешни работи, Хари Костов.
  • Методологијата за собирањето на оружјето ќе биде комплетно променета поради зимските услови доколку со акцијата се стартува на први ноември, забележа претставникот на УНДП, Јохан Бувалде, кој остана на првичниот став "жетвата" да се одложи за на пролет 2004 година.

Неодамна една девојка во близина на Штуловиот Универзитет во Тетово, без никаква вина настрада од залутан куршум. Во дворот на куќата на семејството Котевски во селото Доброште минатата недела експлодирала бомба "кашикара". Во тоа време дома биле сите петмина членови на семејството, но за среќа никој не настрадал. Полицијата извршила увид на местото на настанот и трага по сторителите.

За жал вакви и слични црни хроники слушаме безмалку секојдневно. Граѓаните на РМ веќе на глас прашуваат до кога ќе го слушаат ѕвекотот на оружјето и до кога ќе страдаат невини жртви?

Официјално, предавањето на нелегалното оружје ќе почне на први ноември и ќе трае 45 дена, односно до 15 декември, едногласно реши Координативното тело за доброволно предавање и собирање на огнено оружје, муниција и експлозивни материи, на својата неодамнешна седница, и покрај сугестиите на меѓународната заедница за одлагање на терминот за први март 2004 година. Со тоа фактички и официјално стапи во сила Националната програма за зголемување на општата сигурност преку акцијата за доброволно разоружување на граѓаните од огнено оружје, муниција и експлозивни материи. Постапката за легализација на оружјето од приватните арсенали стартува веднаш, со поднесување барања.

СПРОТИВНИ МИСЛЕЊА

Имаше дилеми и спротивставени мислења за тајмингот на акцијата. При последните консултации меѓу МВР и меѓународните претставници се погледнаа сите аргументи, а преку разгледување на прашањата поврзани со концептот оружје за развој на локалната самоуправа и организирање донаторска конференција, излеговме со став дека нема потреба од одлагање за шест месеци. Први ноември е солиден термин што овозможува доволен простор за подготовка и за интензивна медиумска кампања, но тоа укажува на обврската за квалитетна промоција на терен. Успешноста на акцијата многу ќе зависи од поддршката на меѓународната заедница, потенцираше на седницата на Координативното тело министерот за внатрешни работи, Хари Костов.
Членот на Координативното тело, Тито Петковски, од СДСМ, беше категоричен дека датумот на акцијата не треба да се поврзува за мандатот на мисијата "Конкордија".

Методологијата за собирањето на оружјето ќе биде комплетно променета поради зимските услови доколку со акцијата се стартува на први ноември, забележа претставникот на УНДП, Јохан Бувалде, кој остана на првичниот став "жетвата" да се одложи за на пролет 2004 година.

Во расправата, Савка Тодоровска, како претставник на невладиниот сектор во Координативното тело, нагласи дека кога и да се одржи акцијата, секогаш ќе биде и рано и доцна, односно нема гаранција за целосен резултат. Според Тодоровска, најважно е да се работи на довербата кај граѓаните, а за успешна демилитаризација е потребна заедничка работа на Владата и на меѓународната заедница.

Работната група на Координативното тело пред усвојување на конечната верзија на Националната програма го прочисти текстот на документот во кој беа вметнати предлозите на УНДП.

ОТСТАПКИ

Власта во Македонија на почетокот не отстапуваше од термините први или 15 октомври, предвидени како алтернативни, за почеток на акцијата за разоружување на граѓаните кои поседуваат нелегални арсенали. Министрите за внатрешни работи и за одбрана решително се спротивставија на идејата на меѓународната заедница која сугерира поместување на акцијата за идната пролет. Според Хари Костов и Владо Бучковски, за подготовка на успешна "жетва" на оружје, што е предуслов за стабилизирање на безбедносната состојба во државата, има доволно време за добра медиумска кампања. Јавноста според нивното мислење е предолго подготвувана, а времето е прекусо за спектакуларни промени.

Со одлагање на акцијата за на пролет ништо не добиваме, освен што во тој период, поради нелегално користење оружје, може да се случат значаен број жртви, истакна министерот за внатрешни работи Костов предочувајќи дека речиси секојдневно се пука и има убиства.

Дали ќе успееме со шест месеци подолга кампања да ја подигнеме јавната свест и да ги урнеме традициите, праша министерот за одбрана Бучковски, кој укажа и на податоците на МВР дека во Македонија во моментов има 155.000 парчиња оружје од лесен калибар со дозвола што преставува енормно количество што само потврдува дека секој десетти граѓанин, или секое трето домаќинство го поседува.

Претставникот на УНДП, Јохан Бувалда, сугерираше собирањето на оружјето и неговата легализација да не бидат во ист временски процес, односно легализацијата да се случи пред доброволното предавање. Тој ја поддржа сугестијата на меѓународната заедница за одлагање на акцијата во пролетта 2004.
Тито Петковски, пратеник на СДСМ и член на Координативното тело, укажа на тоа дека од психолошки аспект е битно кога ќе се стартува со акцијата, што според негово кажување ќе послужи како алиби за меѓународната заедница дека власта не може да ја реализира акцијата за разоружување. Иако Петковски кажа дека идејата на меѓународната заедница заслужува внимание, сепак на жетвата на оружје тој гледа и низ призмата на безбедносната и политичката состојба, но и преку Законот во кој се предвидени строги санкции, од една до 10 години, за оние што нема да го предадат оружјето доброволно.

Останува да се види до крајот на годинава дали граѓаните во РМ конечно ќе можат да бидат порелаксирани во однос на постојаните експлозии од бомби и разно-разни пукатници од чиј залутан куршум некој може - ни крив, ни должен - да настрада?!


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"