зурпацијата на патните исправи (пасоши)
издадени од македонското Министерство за надворешни работи одамна е позната
работа која никој од поранешните министри не сакаше да ја среди, освен што
повремено во интерес на сопствената позиција или за потребите на партијата,
оваа тема беше предмет за поткусурување со опозицијата и со политичките
противници.
Затоа не не изненадува соодветниот одговор на ресорното Министерство во
врска со прашањето на пратеникот Никола Апостоловски, кое беше упатено до
министерката д-р Илинка Митрева на дваесет и седмата седница на Парламентот.
Тој укажува дека многу лица кои сосема случајно влетале во дипломатијата ја
узурпирале својата позиција за лична корист при што се уште ги немаат
вратено дипломатските пасоши или исправи. Колку тоа оди на штета на
Република Македонија одамна знаеме, бидејќи резултатите од дипломатската
активност на македонските претставници во странство се поразителни. Тие
доволно говорат за неукоста и неспособноста на кадрите што влетаа во
дипломатските претставништва.
Со истата болка се соочува и амбициозната министерка Митрева која во
последниве осум месеци успеа само да пополни неколку испразнети амбасадорски
места, без да се даде одговор колку е трошено во странство и дали лицата ќе
бидат соодветно казнети. Ова мошне сериозно прашање ќе дојде подоцна на
дневен ред, но дали нема да биде задоцнето?!
РЕВИЗИЈА
Министерството за надворешни работи во периодот од први јануари 1999
година до 31 декември 2002 издало вкупно 2.579 патни исправи, од кои 1.452
дипломатски и 1.127 службени исправи, се вели во одговорот на прашањето на
пратеникот Апостоловски. Според истиот, но краток извештај, поголемиот дел
од корисниците на овие патни исправи по престанување на функцијата не ги
вратиле пасошите, иако во меѓувреме го загубиле нивното право на користење
или пак нивното важење истекло.
Досега се вратени само 197 дипломатски и 115 службени пасоши, се посочува
во одговорот. Се потенцира дека во вкупната бројка на издадени дипломатски и
службени патни исправи влегуваат сите документи што се издадени на
целокупниот број дипломатски или административни работници во
амбасадорсктата и конзуларната мрежа на МНР. Во овој број се вклучени и
исправите на претставниците во разни меѓународни организации и на
функционерите во државниотапарат. На вториот дел од пратеничкото прашање,
МНР одговара дека без оглед дали патната исправа е вратена или не, таа не
може да се користи по истекот на дипломатската, односно службената виза која
е со ограничено траење од три месеци до една година, со исклучок на мал број
функционери носители на највисоки функции, чија виза е со подолг рок на
важење. Во случајов станува збор за лична неодговорност на поранешните
функционери. Иако повеќе не можат да ги користат пасошите, тие не наоѓаат
потреба да ги вратат во Министерството", е коментарот на заменикот на
министерот за надворешни работи, Фуад Хасановиќ.
Според него, во моментов постои строга процедура за издавање дипломатски
и службени патни исправи. Тој вели дека на овој начин се заштитува и
дигнитетот на државата, бидејќи со интензивната употреба дипломатските
пасоши го губат значењето, а не станува збор за никаква привилегија на
одредени службеници, туку за потреба.Инаку, во одговорот околу оваа
исклучително затечена, но сериозна работа, се вели дека Министерството за
надворешни работи, по направената ревизија во документацијата на Одделението
за визи и прелети, од 20 декември минатата година континуирано со дописи се
обраќа до сите владини ресори и други институции, самостојни органи на
државната управа (дирекции, агенции и комисии), со барање за итна реакција
од нивна страна и напор да се соберат и вратат сите дипломатски и службени
патни исправи кои биле дадени на поранешни носители на одговорни функции.
Меѓутоа, одзивот е слаб, иако МНР потсетува дека во согласност со Членот 20
од "Упатството за издавање и користење на дипломатски и службени исправи и
визи" тие по престанокот на мандатот на функционерите мораат да се вратат
заради поништување. Но, кој ги слуша апелите на ресорното Министерство? Не е
во прашање човековиот инает, туку тешко дека некој сака да се откаже од
благодетите што ги нудат дипломатските пасоши и слични исправи.
Инаку, во првата категорија корисници на дипломатските исправи влегуваат
највисоките државни претставници, членовите на Владата, Собранието и на
Кабинетот на Претседателот на државата. Службените патни исправи ги добиваат
државнитеслужбеници за време на престој во странство како претставници на
државата, но министерот има дискреционо право врз чија основа може да им
издава патни исправи и на уметници, научници, експерти од разни области за
нивно патување во странство. Одредени аналитичари велат дека со оглед на
структурата и на бројот на луѓето кои влегуваат во овие категории многу
лесно може да се заклучи дека дипломатските пасоши им биле делени и на лица
кои не влегуваат во ниту една категорија корисници на дипломатски и службени
патни исправи.
ЈАЛОВОСТ
Најголем број дипломатски пасоши биле издадени во 2002 година - 479, а
претходната 2001, со македонски дипломатски пасош низ светот се шетале
вкупно 384 лица. Според бројот на издадени службени патни исправи,
произлегува дека нашите државни службеници најголема активност имале во 2000
и 2001 година. Државниот советник во МНР, Љупчо Арсовски, за "Утрински" вели
дека бројот на издадените службени и дипломатски пасоши треба да одговара на
интензитетот на работата на државата. Тој потенцира дека секогаш постои
некаква основа за издавање на овие патни исправи, бидејќи нив ги користат и
спортисти, уметници, научници, експерти од разни области итн.
Истиот извор укажува дека откако тој е на чело на Секторот за конзуларни
работи во МНР, од август минатата година, драстично е намален бројот на
издадени дипломатски пасоши и дека многу одговорно се пристапува кон таа
работа. Од друга страна, според Арсовски, иако има дискреционо право да
издава вакви патни исправи, актуелната министерка за надворешни работи,
Илинка Митрева, од кога е на функцијата, ниту еднаш не го искористила тоа
право.
Сепак, останува неодгатнато прашањето кој се користел дипломатски пасош
во овој период, бидејќи неговата употреба може да се искористи за лични цели,
иако важноста можеби е помината. Затоа јалови се настојувањата и апелите на
Министерството за надворешни работи да бидат вратени дипломатските пасоши.
Тие треба да преземат многу поригорозни казнени мерки кои ќе придонесат кон
средување на оваа алармантна ситуација. Тие би требало да послужат како
пример за другите кои ќе се обидат да ја излажат државата, или ќе се обидат
својата функционерска позиција да ја искористат за други цели. Оттаму секој
нареден чекор мора да оди во прилог на подобрување на општата рентгенска
слика во дипломатијата. Таа има многу други поприоритетни прашања,
вклучувајќи го местото и улогата на македонските претставници во странство.
Досега имавме многу примери за недостојно и непримерно однесување на
македонските амбасадори. Тие во последниве две и повеќе години на повеќе
пати беа критикувани оти недолично се однесувале, биле пијани или не
работеле според строгите правила за амбасадорите и дипломатските
претставници во странските земји. Затоа досега Македонија беше паметена по
казнените експедиции во Швајцарија и во Њујорк и во расипничкото однесување
во Берлин или на други места. Ако досега амасадорите на другите земји, кои
имаат далеку побогати конта на располагање, се однесуваа врз принципот на
балканскиот менталитет, сигурно нивните држави ќе пропаднеа.
Но, ете, за жал, тоа ним не им се случува, туку тоа само нам ни припаѓа.
Срамот е поголем од сите забележителни и задоцнети потези што во меѓувреме
можат да се направат или да ги научат на памет и на дипломатски манири
идните македонски дипломати. Затоа залудни се сите добронамерни одлуки ако и
натаму продолжиме лошо да се однесуваме дури и да се расправаме за банални
работи како што се враќањето на дипломатските пасоши и исправи.