ПОЛИТИКА

Безбедноста во регионот соочена со бран инциденти и екстремистички најави

ЗАКАНИТЕ ОД ГОЛЕМОАЛБАНСКАТА ИЛУЗИЈА НЕ СТИВНУВААТ

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Терористите од УЧК, ОНА и АНА ќе бидат заменети со "кобри", а според командант Чакала, Али Ахмети и Бранко Црвенковски се први на нивната црна листа.
  • Портпаролката на МВР, Мирјана Контевска, потврди дека во Липковско има униформирани и вооружени лица, додека според портпаролот на Министерството за одбрана состојбата е стабилна и безбедна.

Командант Чакала се заканува со "кобри", нова група од триесетина уни-формирани и вооружени лица уфрлена во реонот на кумановското село Стрима, гласеше минатонеделната информацијата на дневниот весник "Дневник", повторно внесувајќи вознемиреност кај македонските граѓани. Само пред некоја недела по Конгресот на ДПА јавноста имаше можност, исто така, да биде вознемирена од најавата за нов фанатички курс на "џаферистите". Нејсе, на заканите и инцидентите во име на големоалбанската идеја им нема крај. Дали Македонците конечно станаа дебелокошци и отрпнаа на злокобните проалбански умотворби?Триесетина униформирани и вооружени лица од Косово ја преминале границата меѓу Македонија и Србија и Црна Гора во реонот на кумановското село Стрима. Разузнавачки извори тврдат дека оваа група се распоредила во неколку импровизирани кампови. Според изворите, во изминативе неколку недели од Косово во Македонија биле внесени нови количества оружје, а околу 200 униформирани и добро вооружени лица веќе неколку месеци се распоредени во планинските предели над селото Липково. Повеќето од нив се локални жители, но има и граѓани од други делови на земјава, како и дојденци од Косово. По којзнае кој пат и којзнае до кога ќе не притискаат ваквите шизофренични најави кои, за жал, се потврдени и од страна на МВР.

Точно е дека такви групи се движат во кумановско-липковскиот реон, а преку стариот пат Куманово - Скопје се доближуваат и до скопскиот реон. Тие влегуваат во селата, го малтретираат, го ограбуваат и го заплашуваат населението. Лицата се униформирани и вооружени. МВР работи на целосно разоткривање на нивниот идентитет, по што ќе преземе активности против нив, изјави Мирјана Контевска, портпаролката на МВР.

ЗАКАНА

Наспроти потврдите за постоење вооружени формации во Кумановско, Марјан Ѓуровски, портпарол на Министерството за одбрана, тврди дека безбедносната состојба е стабилна.
Граничните патроли немаат забележано влегување на униформирани и вооружени групи, ниту нивно присуство на теренот. Состојбата е стабилна и безбедна, изјави Ѓуровски.Според информациите во медиумите, еден од главните предводници на вооружените групи во Кумановско бил арачиновецот Авдула Јакупи, познат како командант Чакала. Чакала е човекот што пред неколку месеци јавно се закануваше дека поранешни припадници на ОНА ќе почнат нова војна во Македонија, ако државата не биде прогласена за протекторат. Тој за "Дневник" тврди дека на теренот се присутни добро вооружени и организирани борбени единици на специјалниот одред "кобра" кои многу наскоро ќе бидат активирани.

Нема веќе враќање назад. Што е почнато мора да се заврши и ние сме свесни за тоа. Не сме задоволни од војната, а Али Ахмети и Бранко Црвенковски почнаа акција за ликвидација на незадоволниците оти се плашат за своите позиции. Веќе убија тројца. Ридван Незири - Оџа во "Чаирчанка", арачиновецот Неџмедин Демири во Синѓелиќ и Војса Гргурица. Имаат листа на уште 150 поранешни припадници на ОНА. Затоа повторно се активираме, а Али Ахмети и Бранко Црвенковски се први на нашата црна листа, изјави Јакупи.

Непознати униформирани лица, минатата недела околу 17 часот, на влезот од скопското село Арачиново со автоматско оружје нападнале полициска патрола. Благодарение на присебноста на еден од полицајците кој го возел автомобилот, патролата успеала да се оддалечи од местото на инцидентот. За нападот била известена и полицијата која извршила увид и трага по униформираните вооружени напаѓачи. Автомобил БМВ во кој биле униформирани лица, му го попречил патот на автомобилот "пежо" во кој биле полицајците, со намера да ги принудат да застанат. Откако полициското возило ја намалило брзината, од паркираното БМВ излегле напаѓачите и од автоматско оружје отвориле жесток оган кон полицајците. Во тој момент полицаецот кој го управувал службениот автомобил ја зголемил брзината, успеал да избега и се упатил кон соседното село Инџиково. Засега полицијата не располага со сознанија за тоа кој стои зад најновиот напад врз полицајците во Арачиново. Се уште не е утврден ниту идентитетот на лицата кои учествувале во заложничката драма во полициската станица во Арачиново од пред еден месец. Тогаш неколкучлена униформирана група напаѓачи, користејќи го ликвидирањето на еден криминалец во Ченто, киднапираа па ослободија неколку полицајци од станицата во селото. По сите најави, закани и случувања на реонот во Тетовско и Кумановско забележано е зголемено присуство на полициски сили, како и борбени возила кои се присутни особено ноќе.

НОВИ ВОЕНИ ОПЕРАЦИИ

За жал и странците не не оставаат рамнодушни од можното ново повампирување на војната.

Европската унија и НАТО сметаат дека нивната задача во Западниот Балкан се уште не е завршена и во можните мерки за негово политичко и безбедносно стабилизирање не исклучуваат и нови воени операции. Во документот што го објавија, како заеднички план за справување со кризата во овој регион, НАТО и ЕУ оценуваат дека се уште има многу нерешени прашања, па се уште има потреба од присуство на воен кризен менаџмент за да се спречат идни дестабилизации. Според нивната оцена, Западниот Балкан и натаму го карактеризираат меѓуетнички тензии со прекуграничен ефект, економиите во земјите бавно закрепнуваат, а на реформите им треба поттурнување. Тие оценуваат, исто така, дека политичката сцена во регионот и државните структури внатре се уште се под одредено владение на аспирациите на криминалците и на екстремистите, за што како илустрација го даваат атентатот на премиерот Зоран Ѓинѓиќ. Мора да се направи уште многу за земјите од регионот да ги реализираат нивните амбиции за интегрирање во Европската унија и во НАТО, стои во документот во кој се повикуваат на реформа на одбранбените и безбедносни сектори како клучни во тој правец. Притоа, од петте балкански земји, меѓу кои е и Македонија, ЕУ и НАТО бараат ургентно да се фокусираат на прашањата од ресорот на правдата и внатрешните работи, односно да го зајакнат владеењето на правото и независноста на судскиот систем, како и да се справат со организираниот криминал, корупцијата, илегалната миграција и трговијата со луѓе, категоризирајќи го новото очекувано судство како робусно, а полициските сили како ефективни со пресметлива одговорност. Во тој контекст, ЕУ и НАТО инсистираат и на воспоставување соодветни инструменти кои ќе се пресметаат со корупцијата и криминалот во највисоките нивоа на државите. Како свој прилог, Унијата и НАТО се обврзуваат на заедничка акција во регионот и на конкретна асистенција во сите овие маркирани области, вклучувајќи го и лоцирањето и елиминирањето на илегалното оружје и запирањето на неговата илегална продажба низ Западен Балкан.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"