|
ЈУБИЛЕЈ
Достојно одбележување на јубилејот
ИЛИНДЕНСКО СПЛОТУВАЊЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ
Подготвила: Ружица ГОЧЕВСКА
- Драги Стојковски, водителот на свеченостите, ги потсети присутните
дека не смееме да дозволиме да ја истоветуваме 100-годишнината од
Илинденското востание со 100-години македонска државност, бидејќи
македонската државност почнува пред 27 века со првиот македонски цар Каран.
Н а втори и трети август 2003,
Торонто, Канада - македонскиот празник над празниц-ите, величествениот
Илинден, свечено беше прославен во Торонто и цела Канада. Продолжувајќи по
востановената традиција, чествувањата беа организирани од страна на
најголемата македонска национална организација во Канада и светот,
Организацијата "Обединети Македонци", под чие раководство веќе 44 години по
ред се одржуваат Илинденските прослави.
Овогодишните прослави почнаа утрото на втори август со Заупокоена света
богослужба во сите македонски верски храмови во Канада, со централната
служба во МПЦ "Свети Климент Охридски" во Торонто, каде што службата во чест
на паднатите борци за слободата на Македонија и Канада беше
чиноначалствувана од Неговото Високопреосвештенство, г. Кирил и
свештенослужителите Јован Босеовски и Илија Донев.
СВЕЧЕНА БЕСЕДА
По службата во присуство на голем број присутни, Организацијата "Обединети
Македонци", македонската Амбасада од Отава и Конзулатот од Торонто,
македонските православни црковни општини како и разни здруженија, положија
венци пред споменикот на паднатите борци за слободата на Македонија и Канада.
Пригодна беседа одржа Владиката Кирил, додека поздравни говори со честитки
по повод празникот дадоа генералниот конзул на Република Македонија во
Торонто, Стефан Николовски, вршителот на должноста амбасадор на Република
Македонија во Отава, Звонко Муцунски, претседателот на Леринското околиско
здружение, Ристо Стефов и претседателот на "Обединети Македонци", Борис
Мангов.
Истата вечер, со почеток во 19,30 часот, во Гоцевата сала при МПЦ "СветиКлимент
Охридски", "Обединети Македонци" приредија Свечен прием на кој беше
претставена изложбата "100 години Илинден", која беше испратена од страна на
Агенцијата за иселеништво на Република Македонија и која истовремено се
прикажуваше во сто градови низ цел свет. На приемот присуствуваа
дипломатските претставници од Македонија во Канада, Владиката Кирил со сите
македонски свештенослужители во Јужно Онтарио, видни дејци од Македонската
заедница во Канада, претседателот на Сојузот на Канадско-турските здруженија,
господинот Демир Делен со сопругата, додека дипломатскиот кор во Торонто
беше претставен од Конзулот на Руската федерација, господин Александар
Иванов со сопругата и заменик конзулот на Сојузна Република Германија,
госпоѓа Мариан Бат со сопругот.
ИЛИНДЕНСКИ ПИКНИК
На трети август уште од раните утрински часови Илинденските прослави
продолжија на "Илинденскиот парк", кој е сопственост на Организацијата "Обединети
Македонци", со традиционалниот Илинденски пикник, каде што за време целиот
ден неколкуте илјади посетители беа забавувани со прекрасни македонски песни
и ора во изведба на оркестарот "Децата од Буф", додека за најмладите имаше
целодневна разонода.
Свечениот дел од Илинденската програма започна во 15 часот со поменот за
паднатите борци за слободата на Македонија и Канада во чиноначалствување на
Владиката Кирил и сите македонски свештенослужители од Јужно Онтарио. И во
оваа прилика, Владиката Кирил одржа Илинденска беседа со која на негов
својствен начин, духовно и национално ги вдахнови присутните. Поздравни
говори одржаа вршителот на должноста амбасадор на Република Македонија во
Отава, Звонко Муцунски и Генералниот конзул на Република Македонија во
Торонто, Стефан Николовски.Драги Стојковски, водителот на свеченостите, ги
потсети присутните дека не смееме да дозволиме да ја истоветуваме
стогодишнината од Илинденското востание со сто години македонска државност,
бидејќи македонската државност почнува пред 27 века со првиот македонски цар
Каран. Водителот ја прочита посебната честитка од градоначалникот на Торонто,
Мел Ластмен, упатена до Организацијата "Обединети Македонци" и до сите
Македонци по повод 100 години Илинден. Потоа, за военото значење и
достигнување на Илинденското востание зборуваше Никола Делов.
На крајот поздравен говор одржа претседателот на Организацијата Обединети
Македонци, Борис Мангов, кој на присутните им го честита големиот празник и
им се заблагодари за присуството иако временските прилики непрестано се
закануваа да го расипат веселото расположение.
Во приквечерните часови беше одржан избор за убавица на "Обединети
Македонци - 2003". Во учество на дваесетина девојки, победничка беше дваесет
и една годишната Џесика Митревска, со потекло од Мариовско. За прв пат
Организацијата одржа и избор на најзгодно македонско момче. Во учество на
исто така дваесетина момчиња, прв победник беше Љупчо Петковски.
Одбележувањето на стогодишнината од Илинденското востание ќе продолжи со
разни други настани во текот на целата година.
Чествувања во Пиринска Македонија
Македонците од Бугарија свечено ја одбележаа 100-годишнината од
Илинденското востание. Претседателот на ОМО "Илинден" Пирин, Иван
Сингартиски, истакна дека за нив Илинден е најголем празник и истиот
побудува спомени за славното македонско минато. Македонците од Гоцеделчевско
по повод празникот го одржаа и собирот во Мосомишки Ливади, а Македонците од
Петричко се собраа кај Самуиловата тврдина, непосредно до градот.
Илинденска прослава во Долна Преспа
Во манастирот "Света Марина" во Туминец на 30 јули во Пустец, Долна
Преспа, се одржа традиционалната илинденска прослава на Македонците од Долна
Преспа, во организација на Организацијата за заштита на правата на
Македонците во Република Албанија "Друштво Преспа" од Пустец. На народниот
собир присуствуваа околу 2.000 Македонци од Долна Преспа, и од другите
делови на Република Албанија, Голо Брдо, Гора и Тирана, како и Македонци од
Република Македонија и Егејскиот дел на Македонија. Македонците во Долна
Преспа на црковниот празник "Света Марина" и на народниот празник Илинден ги
поздравија претседателот на Заедницата на Македонците во Албанија, Цветан
Мазнику, и амбасадорот Ристо Никовски од Министерството за надворешни работи
на Македонија. Здружението за есперанто од Битола на Македонците во Мала
Преспа и село Врбник им подари донација од стотина книги на македонски јазик.
Пред народниот собир се обрати и претседателот на Организацијата за заштита
на правата на Македонците во Република Албанија "Друштво Преспа", Едмонд
Темелко, кој во името на Организацијата ја соопшти и одлуката на Управниот
комитет за учество на "Друштво Преспа" на претстојните есенски локални
избори.
Светска македонска иселеничка средба во Трново
По повод Илинденските чествувања во дворот на црквата "Успение на
Пресвета Богородица" во битолското село Трново, се одржа традиционалната
триесет и втора Светска македонска иселеничка средба. Утрото на втори август
во црквата "Успение на Пресвета Богородица", со благослов на Митрополитот
австралиски и администратор преспанско-пелагониски, Неговото
Високопреосвештенство г. Петар, епархиски свештеници одржаа панихида за сите
загинати, убиени и упокоени знајни и незнајни јунаци и борци за Македонија.
Средбата ја отвори и присутните ги поздрави претседателот на Матицата на
иселениците од Битола, Божидар Рајковски, кој нагласи дека македонското
иселеништво е старо повеќе од 100 години. Во името на Владата на Република
Македонија народниот собир го поздрави министерот за локална самоуправа,
Александар Гештаковски, кој ја нагласи грижата на државата за Македонците во
соседните земји и иселениците од Македонија.
Во културната програма настапија Културно-уметничкото друштво "Гоце
Делчев" од Скопје со сплет на македонски ора, женската пејачка група од
Пустец, Долна Преспа и пејачите Ванчо Тарабунов и Круме Спасовски. Артистот
Петре Темелковски настапи со монологот "Да се биде Македонец".
|