о петокот на први август беше
одржана Свечена академија во просториите на мошне убавиот ресторан Ред Рос
во квартот Рогдејл, а во организација на Македонското културно-уметничко
друштво "Илинден" кое го прославува својот 37-ми роденден и Фудбалскиот клуб
"Илинден" својот 34-ти роденден, а под покровителство на Македонската
православна црковна општина "Св. Петка".
Покрај поздравните говори, едноминутното молчење за сите загинати синови
и ќерки за слободата на македонската земја и интонирањето на македонската и
австралиската химна беше прочитан мошне содржаен реферат посветен токму на
големиот Илинден во кој покрај другото се вели:
"Македонија како балканска и европска крстосница и како библиска земја,
од која пред повеќе од две илјади години апостолот Павле тргнал да го
проповеда христијанството по светот, овие дена, ги прославува трите Илиндени
во ова столетие. Го прославува Илинденското востание и Крушевската Република,
АСНОМ-ска Македонија во 1944 година и ја прославува и 1991 година, кога
конечно беше остварен сонот и идеалот на многу генерации Македонци, кога
Република Македонија стана самостојна, суверена земја и стана членка на
асамблејата на Обединетите нации.
Точно пред еден век, на втори август 1903 година, со биењето на камбаните
и со развеаното алово знаме на кое пишувало 'Смрт или слобода', македонскиот
народ го крена славното Илинденско востание.
БЕСМРТНА ЕПОПЕЈА
По 517 години под чизмата на Отоманската империја дојде време да се стави
крај на толку долгото ропство и конечно по двете балкански и двете светски
војни, делбите и парчењето на Македонија, дојде денот на конечната слобода,
правда и вистина.
Не случајно во познатиот Крушевски манифест со кого целиот народ се
повикува да се крене против зулумите, неправдите и окупаторите, уште во
далечната 1903 стои запишано и ова на самиот крај: 'Господ нека ја
благослојт светата борба за правото на слобода. Нека се живи борците за
слободата и сите чесни и добри македонски синој. Ура, за автономна
Македонија'.
Илинденското востание организирано во почетокот од македонската
интелигенција и договорено на познатиот Смилевски конгрес, подоцна
прераснува во вистинско масовно народно движење, за кое големиот македонски
син и идеологот Гоце Делчев рекол: 'Ослободувањето на Македонија, треба да
биде дело на македонскиот народ'. Оваа Гоцева максима, но и визија, се
оствари на Вториот Илинден во 1944 година кога народот на Македонија се
избори за своја држава, но во рамките на друга држава, за конечно со
Референдумот во 1991 година, Република Македонија како што рековме, најпосле,
да го оствари сонот и борбата на стотици илјади патриоти, сејмени, комити,
сирми војводи, херои и бранители, станувајќи суверена држава во модерна
Европа.
Во предвечерието на нашиот Светоден Илинден, на Втори август 1903 година,
одекнаа камбаните на сите цркви. Одекнаа топовите. Грмеа планините. Трештеа
кубурите и маликерите. Се пукаше од сите страни. Востаниците, тие храбри
македонски синови и ќерки се накачија по коријата низ густите шуми и го
зазедоа Крушево.
Се крена Битолското. Прилепското. Кај Пирин планина. Во Леринското. Се
крена на нозе Македонија. Се кренаа на востание Македонците. Светот беше
вчудовиден од големото срце и храброста на овие синови на својата татковина.
Востаниците го растераа окупаторот. Ги прогонија Турците и по цели пет и
кусур векови, Крушево осамна слободно. Интелектуалците ја формираа и
познатата Крушевска Република, прва на Балканскиот Полуостров.
Светот беше вчудоневиден. Не можеше да поверува дека им е зададен таков
удар на Турците и дека дванаесет дена ќе преживее Републиката која беше
ѕверски и во крв и оган задушена и уништена. Крушево запалено, а неговите
жители ја поминаа најтешката голгота која ја памети историјата. На Мечкин
камен паднаа до еден ама живи не им се предадоа на непријателите храбрите
македонски синови. Таа епопеја на храброста го восхити светот.
ДОСТОЈНИ МАКЕДОНЦИ
Државните атрибути го чинат Илинден 1903 автентичен и автономен историски
настан со високи вредности во ткивото за идентитетот на современата
Република Македонија. Го одбележи и овековечи опстојувањето на Македонецот
кој имајќи толеранција за соживот со сите етникуми што живеат во Македонија,
успеа да се сочува и да опстои и покрај силните апетити кои никогаш не
престанаа од соседите на Македонија.
Не, не престанаа апетитите ниту до денешни дни. Кога еве, во суверена, во
самостојната македонска држава, Српската црква не можејќи да се помири со
тоа дека веќе не може да става рака врз македонскиот народ и црква,
назначува некакви си српски владици во нашата татковина, што е надвор од
здравиот разум и надвор од сите канони на 21 век.
За жал, одделни делби и проблеми уште до ден денешен го разјадуваат
духовното македонско ткиво и тука во Австралија, поради неразумните и
апсурдни потези и апетити на владици и апатриди, ама веќе се тие прочитана
книга и ним никој нема да им верува и да ги следи во нивната разорна цел.
Но, денес ни е празник на сите нас Македонците. Овој светол и свет ден
Илинден, нека биде наша гордост и наша иднина. Младите генерации треба да
знаат од каде им се корените и каде е родната земја на нивните родители и
предци. Ние постарите генерации, ние австралиските граѓани кои сме горди и
на нашата втора австралиска татковина, мора да сториме се за да го
афирмираме македонското име и вистина и да покажеме и докажеме кои сме, што
сме, од каде сме, колку сме. А многу сме и овде на овој континент. Доселени
од сите делови на македонската земја ние остануваме горди Македонци, но и
горди Австралијанци.
За љубовта, разбирањето, толеранцијата и за интернационализмот нема
граници. Тие се општочовечки и општосветски вредности и дострели.
Македонците каде и да се се мирољубив, вреден и човекољубив народ. Но, народ
кој не трпи навреди, неправди и терор.
Да живее гордиот македонски народ. Да живее Република Македонија, нашата
прва татковина".
Во културно-уметничката програма од ова чествување настапија
фолклористите на друштвото Илинден кое работи во доменот на Македонската
православна црковна општина "Св. Петка", а хумористите Димче Мешковски,
Катерина Крстева, Билјан Стојановски и Виданка Георгиевска ги воодушевија
присутните. Свеченоста траеше до раните утрински часови.