ЈУБИЛЕЈ

Свечено одбележана стогодишнината од Илинден

МАКЕДОНИЈА ГОРДО СЛАВЕШЕ

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Програмата на Мечкин Камен ја збогатија и стоте коњаници кои неколку дена пред тоа тргнаа од повеќе места во земјава за да пристигнат во историското Крушево, минувајќи по илинденските патеки.
  • На македонската државна делегација не & беше овозможено да го одбележи втори август во манастирот "Св. Прохор Пчински" во спомен на Првото заседание на АСНОМ, одржано во 1944 година.
  • Во ОУ "Свети Климент Охридски", гимназијата "ММ Брицо" и во ОУ "Ванчо Прке" во Делчево за време на прославата на Илинден не се вееше никакво знаме и немаше никаква прослава. Во Кратово, јубилејот беше заборавен.

И покрај сите перипетии околу подготовките и непланираните, но очекувани скандали, Македонија и Македонците свечено, како што доликува, ја одбележаа стогодишнината од Илинденското востание.

Централната манифестација беше на Мечкин Камен, каде во говорот на претседателот Борис Трајковски беше искажана вистината за големината на Илинден. Стремежот за создавање на своја држава, прва Република на Балканот, беше пред 100-години водечкиот мотив за кој загинаа голем број Илинденци - Македонци. Но, во исто време, Крушевската Република е симбол на сонот на сите балкански народи за она што тогаш и денес се нарекува европски стремеж. Овде во Крушево, макар и за само десет дена, на дело беше остварен македонскиот републиканизам, инспириран од големите идеи на либералната демократија, кој подразбира еднаквост, братство и слобода за сите граѓани. За разлика од тогашната балканска политичка реалност, во која монархизмот значеше создавање еднонационални држави, македонскиот републиканизам, деклариран во Крушевскиот манифест, се бореше за општочовечки вредности.

Говорејќи за иднината на македонската држава, Трајковски порача дека таа е држава на сите кои живеат во неа. Разликите треба да не спојуваат, а не да не раздвојуваат. Да се свртиме кон она од што се живее и да не се затвораме во надживеани и од целиот напреден свет отфрлени концепти. Програмата на Мечкин Камен ја збогатија и стоте коњаници кои неколку дена пред тоа тргнаа од повеќе места во земјава за да пристигнат во историското Крушево, минувајќи по илинденските патеки. Присутните имаа можност да ги пречекаат и маратонците кои изутрината ја почнаа долгата трка од 40 км од историското Смилево до Мечкин Камен. Инаку, вечерта беше свечено отворена Манифестацијата "Десет дена Крушевска Република" на која настапија познати македонски естрадни ѕвезди.

ЧЕСТВУВАЊЕ ВО КАРАУЛА

Скандал или омаловажување е она што & се случи на македонската делегација која беше во манастирот "Св. Прохор Пчински", односно во негова близина. На македонската државна делегација не & беше овозможено да го одбележи втори август во манастирот "Св. Прохор Пчински" во спомен на Првото заседание на АСНОМ одржано во 1944 година. Место во манастирот, делегацијата положи венци на караулата "Прохор Пчински" на 200 метри од манастирот, каде што српската Влада препорача да се одржи чествувањето. Речиси до последен момент не се знаеше за одлуката на српската Влада. Додека поголем број македонски граѓани пристигнуваа со автобуси до манастирот, а новинарските екипи чекаа да почне настанот, во манастирскиот комплекс се појавија момчиња облечени во црни маици со ликот на Радован Караџиќ, кои кружеа околу главната манастирска зграда во која богослужба одржуваше расчинетиот владика Јован, алијас ЗоранВранишковски.

Властите на СПЦ не дозволија да се врати плочата на манастирот каде што порано стоеше. Во договор со нашите домаќини ги замоливме да одредат место каде што ќе го положиме венецот и заедно да поразговараме. Им благодарам на домаќините за високиот пречек, изјави шефот на македонската делегација, Никола Поповски, на прашањето од новинарите зошто е променето местото на чествувањето.

Неговиот домаќин, претседателот на Сојузното собрание на Србија и Црна Гора, Драгољуб Миќуновиќ, рече дека прашањето за односите на нивната влада и СПЦ ќе биде решено со внатрешни разговори.

Ќе настојуваме да ги браниме договорите што државата ги склучила, а еден од нив е да се знае местото на кое ќе се одбележува Илинден, изјави Драгољуб Миќуновиќ по разговорите со македонската делегација.

Миќуновиќ најави дека е усогласено потпишување договор за овозможување премин на српски свештеници низ Македонија. Не поврзувала историјата, не сврзува сегашноста, ќе не сврзува и иднината. Овие две држави имаат заеднички демократски вредности. Сакаме да ги прославиме заедно минатото, сегашноста и иднината, сакаме да чекориме кон демократија, кон почитување на човековите права, кон евроатлантските структури, рече претседателот на македонското Собрание, Никола Поповски.

Во македонската делегација беа и министерката за надворешни работи, Илинка Митрева, министерот за култура, Благоја Стефановски, и парламентарците Слободан Чашуле и Телат Џафери.
Миќуновиќ им го честита на македонските официјални претставници празникот и изјави дека односите меѓу двете држави се во подем. Спомен-плочите од заседанието на АСНОМ насилно беа тргнати во 1998 година од страна на српскиот радикал Воислав Шешељ. Српскиот владика Пахомие на прес-конференцијата одржана во манастирот "Св. Прохор Пчински", заедно со Зоран Вранишковски кој во српската црква ја има титулата егзарх на српскиот патријарх Павле, изјави дека е задоволен што српската Влада ја почитувала одлуката на Синодот на СПЦ македонскиот национален празник да не се празнува во манастирот.

ЗАБОРАВЕНИ

Стогодишнината од Илинденското востание беше одбележана во неколку делови од земјава. За жал прославата некаде беше подзаборавена.

Во ОУ "Свети Климент Охридски", гимназијата "ММ Брицо" и во ОУ "Ванчо Прке" во Делчево за време на прославата на Илинден не се вееше никакво знаме и немаше никаква прослава.

Во Кратово, јубилејот беше заборавен. Никој не се сети ниту на Павел Шатев. На ниту една јавна установа немало истакнати државни знамиња. За да биде срамот поголем, не било положено цвеќе на единствената биста во Македонија на единствениот преживеан гемиџија Павел Шатев.

Охриѓани положија цвеќе пред спомен-бистите на учесниците во Илинденското востание Методи Патчев и Христо Узунов, како и пред бистата на паднатите борци во НОВ. На Фестивалот "Охридско лето" Македонскиот народен театар премиерно ја изведе претставата "Магдо, љубов моја", според текст на Сашко Насев, а во режија на Димитар Станковски. Концерт одржаа Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ, а настапи и Каролина Гочева. Во чест на стоте години од востанието и од убиството на Дамјан Стојков Стојкоски од селото Слатино, неговите потомци го обновиле споменикот во непристапната месност Селце, над селото. Плаошкиот и дебарско-кичевски Митрополит, г. Тимотеј, пред повеќе стотини верници од Кичевско и околината, во манастирот "Св. пречиста Богородица" ги освети новоизградените конаци. На чинот на осветувањето присуствуваше и Поглаварот на МПЦ, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан. Во Музејот на Западна Македонија во НОБ во Кичево беше отворена изложба на фотографии и документи "Кичево и Кичевско за време на двата Илиндена 1903 - 1944 година".
Во долнопреспанското село Љубојно беа промовирани книгите "Илинден 1903 - 2003" од Славе Николовски - Катин и "Муабети" од Јосиф Брезовски. Професорката Вера Стојчевска - Антиќ одржа почесен говор пред спомен-плочата на Илинденците. Во селото Кривеник беше пуштен во употреба водовод, чија изградба беше финансирана од Фондот за неразвиени подрачја. Во тетовската општина Брвеница на народен собир им беше оддадена почит на сите што го дале животот за слободата на Македонија. На прославата во дворот на црквата "Св. Атанасиј" аплаузи добија младите играорци од Основното училиште "Кочо Рацин" и пејачките групи со патриотски и роднокрајски песни.

Делегација на локалната самоуправа на Прилеп и претставници на боречката организација положија цвеќе на споменикот на првиот претседател на македонската држава, Методија Андонов - Ченто. Тие го посетија и Паркот на Револуцијата и спомен - собата на Петтата македонско-народноослободителна ударна бригада т.н. "Прилепска", во гарнизонот "Мирче Ацев".


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"