оа што не смееше и не можеше да
го направи Премиерот, го направија македонските иселеници, бизнисмени, да
седнат карши Али Ахмети, и директно без вообичаени заобиколувања, да
поразговараат, може ли овој албански лидер на партија (ДУИ) во власта, да
гарантира минимум услови за максимум вложувања, таму на подрачје кај што се
- мисли дека е - трусно?
Меѓутоа, ние не би биле Македонци ако и во најдобрите намери не згрешиме
на наша штета. Зошто бизнисмените иселеници до Али Ахмети не го седнаа и
Бранко Црвенковски?
Причината е проста како плетенката на едно убаво девојче: гаранциите за
безбедност на инвестициите; за нивно евентуално "преселување"; за судбината
на профитот; за слободно движење на капиталот се подеднакво актуелни и во
Западна и во Источна, и во Јужна и во Северна Македонија, кај што раката на
срце, од ова што ни се случува, а ни се случува многу неизвесност, никој
нема никаква сигурност!
Лето е, и повеќе наши бизнисмени од дијаспората во Македонија доаѓаат
најмногу од носталгија, а најмалку за - бизнис?! Што да се прави, таков сме
ние народ: чувството за татковината, пред чувството за бизнис... Кога ќе
преовладува чувството за интерес, тогаш почнува вистинскиот процес на
создавање услови за сериозна, одговорна и исплатлива работа.
Читате вие што се изјавуваат нашите иселеници: овде е се убаво, поубаво
никаде не може ни да биде, ама несигурно е, направедно е, криминално е,
поткупиливо е... Првата надеж на вложувањето е да добиеш! А, што ќе добиеш
денес во Македонија ако вложиш: нервоза, неправда, долги судски процеси,
неизвесност, горчина. Тоа во што можат да вложат нашите иселеници бизнисмени,
овдешната политика и политичарите не можат ни да сонуваат. Иновациониот
спектар кај капиталот е неограничено широк. Сме се научиле само на плачење
по старите, неатрактивни и веќе отпишани од пазарот фабрики. Заборавивме
колку можат нови и атрактивни капацитети да се изградат, со далеку поголема
ефикасност и продорност на домашниот и странските пазари.
Не го гледав Илинденскиот концерт во Сиднеј, но ми раскажуваат најубави
импресии. Не е тоа случајно. Ние овде сме многу самобендисани, ние што
знаеме никој друг не знае, а нашите иселеници во светот секој ден учат,
купуваат, се воспитуваат на најубавите вредности од другите народи и култури.
Кога ќе дојдат во Македонија ние се уште во нив гледаме "работници со
исчадени лица во некоја австралиска железара", или "борачи со памук", или "келнери
и слуги во туѓи ресторани". Би бил многу среќен да направиме спектакл како -
сиднејскиот. За жал ние и на најголемата, најсветата, најзначајната прослава,
некои од нас ќе се најдат, не знам какви и од кои побуди, да фрлаат со јајца
на Премиерот, да подготват атентат на претседателот и да ја "исфлекаат"
најчистата страница од нашата историја правејќи им услуга на сите српски (
црковни и други), бугарски, грчки и албански националисти, да ликуваат врз
нашиот простотилук.
За се има време, и начин, и средства да се искаже незадоволството, кое
никој не крие дека постои. Им се воодушевувам на паметните незадоволници од
другите земји и народи кои ненасилно ги силат политичарите и државниците да
си ја извршуваат работата како што треба.
Искрено, заситен сум од информации со кои ме "клукаат" сите информативни
средства за катадневното присуство на политичари кои рутински си ја
извршуваат својата должност. Каде е нашиот успешен, деловен човек,
универзитески професор на Јел, добриот иноватор Македонец од Дајмлер Бенц...
Каде е тимот на менаџери од загребска "Плива", бизнисмените од "Волво",
стручњаците од "Томпсон"? Нам на ТВ екраните и весниковите страници повеќе
ни требаат тие што знаат нешто да ни кажат, отколку оние што знаат да -
крадат. Доста со Амдиовци, со Војовци, со Соњи и министри во тренерки... Што
си велат оние случајни дојденци на кои им пласираме секој вечер по некоја
крими-приказна од нашиот веќе пребогат арамиски фолклор? Па овие овде во
Македонија и не знаат друго освен за - крадење!
Интересен е екстремниот страв на поединци кои секогаш како да се "покриени"
од сенките на прастарата "Пилатова правда". Тие изгледа не се "наши"?!