ИНТЕРВЈУ

Катерина Трајкова - Нурџиева, секретарка на Методија Андонов - Ченто и внука на Делчев

ИМ ПРОШТАВАМ НА СИТЕ ШТО МИ ЗГРЕШИЈА

Разговарал: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Ченто беше единствениот човек кој имаше храброст на Тито да му каже: "Другар Тито, остави не за малку време сами да управуваме со Македонија. Немој да ни го земаш афионот, ни оризот, ни волната. Ние ќе се обидеме да бидеме самостојни". Тој рече дури и "ќесето" да ни биде одделно. "Дај ни малку време секој да се докаже кој што е. Ако не не бидува, тогаш готово е, нека биде што сака, во заедница или во друга форма" - му рече Ченто на Тито.
  • Само двапати во мојот живот сум била толку радосна и среќна. Прв пат на свадбата на мојот внук и втор пат кога во салонот на МНТ и на главната прослава на Мечкин Камен во Крушево видов многу среќни и насмеани лица кои сакаа со мене да се поздрават.

Секретарката на Методија Андонов - Ченто, внуката на Гоце Делчев, Катерина Трајкова - Нурџиева, по подолго време поминато во исчекување успеа да ја дочека својата правда по која трагаше повеќе децении. Владата на Република Македонија ја покани на прославата од 100 годишнината на Илинденското востание. Таа се заложи дека во иднина секој месец ќе & доделува извесен паричен надомест, а ќе работи и на тоа Трајкова – Нурџиева да ги добие заслужените бенефиции од државата како учесник на НОВ и како секретарка на Методија Андонов -Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ.

МС: Госпоѓо Трајкова - Нурџиева, малку се знае за Вашиот живот и за роднинската врска со нашиот најголем деец и револуционер - Гоце Делчев?

ТРАЈКОВА - НУРЏИЕВА: Родена сум на 18 октомври 1922 година во Благоевград, поранешна Горна Џумаја, во Бугарија. Во овој град моите родители се дојдени како бегалци, а претходно бевме сместени во Солун. Татко ми знаеше шест странски јазици. Тој често пати ми кажуваше дека со чичко ми Гоце Делчев зборувале на француски јазик. Според кажувањата на татко ми, тие многу се сакале како да се родени браќа. Мајка ми дури подоцна доаѓа во Благоевград, но благодарение на Црвениот крст успеале да се сретнат со татко ми. Нашето семејство е многубројно, но за жал двајцата браќа ни се починати. Едниот го носеше името Методиј кој го добил по името на солунските браќа Кирил и Методиј, додека вториот го носеше името на братот на Султана (мајка на Гоце Делчев) кој се викаше Иван. Основното образование го завршив во Благоевград, а потоа сестрите кои беа мажени во Софија ме зедоа таму да се дошколувам за учителка. Го посетував и американскиот лицеум. Основната дејност ми беше учителка за деца од предучилишна возраст.

МС: Вашата роднинска врска со Гоце Делчев?

ТРАЈКОВА - НУРЏИЕВА: Мајката на Гоце, Султана, и мојот дедо се брат и сестра. Значи, Гоце и татко ми се деца од брат и сестра. Мојот татко повеќе беше наклонет кон учителската функција, а Гоце прво завршил воено училиште во Књажево и дури подоцна станува учител. Кога доаѓа во градот Банско започнува неговата револуционерна дејност. Од тогаш потекнува една мошне интересна приказна која е поврзана со судбината на Гоце и неговата лојалност кон борбата за Македонија за која ми раскажуваше татко ми. Имено, побогатите луѓе од градот кои често директно го одбегнувале учеството во подготвувањето на македонскиот народ за ослободување од отоманското ропство, му рекле на Гоце: "Учителе, восокот на кој ни мирисаш ќе ни го запали Банско!" Но, тој мудро им одговорил: "Е, мои луѓе, кога ќе дојде времето за палење вие сами ќе ја понесете гламната за да го запалите огнот на борбата". По ова тој доаѓа во Штип. Таму веќе се претставил како оформен идеен револуционер за македонската кауза.

УЧИТЕЛКА

МС: Често тврдите дека судбината на Гоце има заеднички допирни точки со Вашата животна патека. Што ве поврзува?

ТРАЈКОВА - НУРЏИЕВА: Гоце Делчев на 22 години станува учител во Штип. Мене исто така на 22 години ме пуштија да бидам учителка. Во истото место каде што бил Гоце, во штипско Ново Село. Не велат џабе дека крвта вода не бидува, ама по се изгледа и во паметта сме биле исти. Кога постарите лица разбраа дека сум внука на Гоце Делчев ќе станеа од клупите за да ме поздрават, а мене ми беше срам, бидејќи бев многу помлада од нив. Јас тогаш се сретнав и со газдарицата кај која спиел мојот чичко Гоце. Таа мене ме изненади: "Ќерко, ти многу ми личиш на Гоце!". Со тие зборови ми се обрати. Просто, да ви кажам, се скаменив од тие зборови. Солзи ми навираа на очите.

МС: Дали пред Вашето доаѓање во Штип имавте контакти со комунистичките движења во регионот?

ТРАЈКОВА - НУРЏИЕВА: Уште на 16 години се приклучив кон работничкиот младински сојуз. Со нив претходно се консултурав дали да дојдам во Штип, бидејќи се плашев да не ме наречат дека сум прифатила да работам за бугарските фашисти во т.н. ослободени територии. За мене оние кои работеа за окупаторот беа "апаши" и беа дојдени со фашистите да пљачкаат и да се збогатат. Јас дојдов во Штип да бидам учителка во 1943 година. Народот убаво ме прифати, со отворено срце, и никогаш нема да ги заборавам, бидејќи навистина кон мене беа многу добри. Но, за жал, не можев многу да ги образовам, бидејќи набргу бев прераспоредена во Комесарството за набавка на облека и храна.

МС: Колку време таму работевте?

ТРАЈКОВА - НУРЏИЕВА: Многу малку, бидејќи по убиството на генерал Луков целата штипска интелигенција, вклучувајќи ме и мене, бевме уапсени. Со мене тогаш во затвор беше адвокатот Диме Кантарџиев кој подоцна стана судија на Врховниот суд. Од него имам изјава дека заедно сме биле во затворот. Но, за мене уште во Благоевград бугарските фашисти ги собрале сите информации. Од таму барале да ме стават во затвор. Во затворот во Штип бев во јули 1944 година. Во ќелијата секогаш спиевме секој на друга страна за да не бидеме компромитирани и да не не поврзат. Затоа кога доцна во ноќта ме испрашуваа за илегалната дејност на комунистите во градот мене, така да речам, ми беше лесно да им одговарам на тие што ме испрашуваа дека јас никого не познавам. "Ги знам само моите ученици од градот", велев на испрашувањата. Фашистите уште пред моето доаѓање во градот се организираа да ме следат низ Штип. Секогаш знаев дека по некоја моја ученичка ме следи.

МС: Колку време бевте во затворот?

ТРАЈКОВА - НУРЏИЕВА: Повеќе од два месеца. Но, право да ви кажам за една ноќ косата ми се "вапца" од црна во бела. Нека замислат сега луѓето што значи за една девојка од 22 години преку ноќ косата да & побелее. Таму тешко се разболев од "секирации"- нервоза и малтретирања. Се сеќавам имаше еден млад бугарски полицаец кој се сожали на мене и разгласи меѓу народот дека сум тешко болна. Тој ноќе со оцет се обидуваше да ми ја симне температурата и грозницата. Во меѓувреме додека лежев во штипскиот затвор не знаев дека сестра му на Гоце која беше снаа на тогашниот министер за внатрешни работи, професор Станишев, му пишала писмо дека негова блиска роднина се наоѓа во затвор и дека е тешко болна легната во постела. Подоцна дознав дека тоа писмо или телеграма на некој начин ми го спаси животот. По таа реакција ме повикаа во началството. Се сеќавам дека беше ден. Инаку, обично по 12 часот, по полноќ, не земаа од ќелиите и онака раскопчани и распашани полицајците ќе ни ги ставеа своите усмрдени нозе и чизми на градите и ќе не мачеа за да кажеме и да ги откриеме имињата на револуционерите. Цел живот ќе го паметам началникот на полицијата Борис Жуглов кој ме мачеше. Тој велеше: "Мамката ти македонска. Ако знае министерот дека има таква роднина, прв ќе се откаже од тебе". Всушност, писмото или телеграмата не ни знаев дека постои, но ми текна на мајка ми која многу беше умна, и си реков дека род роднина не храни, но тешко на оној што ја нема. Сметам дека токму таа реакција, тоа писмо ме спаси во тој момент од затворот.

МС: Што се случи потоа со Вас? Ве пуштија ли од затворот?

ТРАЈКОВА - НУРЏИЕВА: Ми рекоа за два часа да ме нема од Штип и дека морам да одам на островот Тасос. Им нарачав од затворот на моите пријателки кои знаеја која сум да ми донесат нешто од моите преостанати работи во Штип. Облеката на два пати ја префрлив околу мене од тоа што толку ослабев во штипскиот затвор. Бев коска и кожа, но духот ме одржа во живот. Тој внатрешен порив е многу важен во еден човеков живот, а камоли за еден борец. Слава на Бога кој ми даде дух. Ако не ми дал друго, тогаш навистина ми подарил нешто непроценливо што многу пати ме извлече од тешките моменти во мојот живот. Од таму во придружба со полицајци пристигнав во Кавала. Од овој град со бродче ме упатија на островот Тасос. Таму веќе ми беше многу лошо. Ми падна духот.

МС: Зошто таму Ве однесоа?

ТРАЈКОВА - НУРЏИЕВА: Во прогонство бев испратена. Но, еден Македонец веќе бил интерниран во градот Лимен на островот, а јас бев сместена во другиот за да не контактираме меѓу себе. На Тасос имаше бугарска окупациска војска во која за среќа со едно одделение раководеше еден Македонец, инженер од Скопје, кој беше братучед на една моја учителка од Благоевград. Тој ми помогна да лежам во амбулантата и да имам медицинска помош. Тоа мене ме спаси. Потоа тој како ерген ми го отстапи неговиот стан. Тој живееше кај едни луѓе кои немаа деца. Тие се викаа Антон и Марија кои дури ми носеа специјална храна која ми помогна да застанам на здрави нозе.

МС: Колку време останавте на островот Тасос?

ТРАЈКОВА - НУРЏИЕВА: Долго време во 1944 година се очекуваше Англичаните да го отворат вториот фронт. Барем така сакаше кметот кој повеќе беше англофил отколку фашист. Тој многу беше добар со мене, иако јас бев интернирана и опасна за неговиот живот. Тој ми велеше дека јас сум за почитување, а бугарските фашисти се плашеле од мене и затоа ме донеле на островот. Но, како времето одминуваше надежта дека ќе се отвори вториот фронт се намалуваше. На шести септември скопјанецот кој беше ерген и многу ме сакаше ми подари фиктивна бурма направена од српски динари за да можам на таков начин да се извлечам од Тасос. Тој ми рече да ја ставам на раката, а потоа ме однесе кај военото раководство во Кавала. Им рече дека сум му жена и дека мора да заминам за Бугарија со некој транспортен конвој. Тоа беше времето кога Германците се повлекуваа од Грција, а се насетуваше дека и бугарските војски исто така ќе треба да си заминат од тие простори. Военото раководство му поверува и тоа ми дозволи да си заминам. Од таму стигнав во Софија кај мојата сестра која веднаш штом пристигнав ми рече дека во офицерскиот дом се формира 12-та Македонска народноослободителна бригада. Се запишав во таа бригада, а за ова постои документ кој подоцна го извлеков од бугарскиот архив каде ме водат дека сум македонски борец. Јас бев борец на таа бригада на која беше командир Пецо Трајков, а во неа беше и Павел Шатев - гемиџијата. Бригадата подоцна дојде во Штип кога градот се ослободуваше. Во овој град дојде наредба од Белград, поточно од Светозар Вукмановиќ - Темпо, нашата бригада да биде претворена во Струмичко-брегалнички корпус и да оди на Сремскиот фронт. За овој податок подоцна дознав од Ченто. Но, бригадата замина за Струмица каде во една битка со Германците многумина од борците загинаа. Додека бев во Штип, дојде наредба дека мора училиштата во градот да проработат. Затоа мене ме земаа да ја организирам наставата во градот. До крајот на декември 1944 заедно со неколку селски учители направивме курс за учителки кои требаше да го организираат образованието. Првите учители на Македонија од Штип се мои ученици. Тие го понесоа целиот товар на почетокот на образованието во Република Македонија. Во Штип останав се до 30 декември 1944 година.

УДБАШИ

МС: Што стана потоа со Вас?

ТРАЈКОВА - НУРЏИЕВА: Уште следниот ден се јавив во зградата на Главниот Штаб на НОВ во Скопје. Истиот ден Павел Шатев му препорача на Ченто дека јас би можела да ја вршам секретарската работа кај него. Тогаш Ченто, убаво се сеќавам, рече: "Јас нема да прашам која е внука на Гоце Делчев. Јас ја гледам". Го запрашав: "Кој ти кажа за мене?". Тој ми одговори дека чичко Павле ме знаел оти сум чесно и работливо дете. Павел Шатев ме знаел уште од македонскиот дом во Софија, од 1941 година.

На 2/3 јануари 1945 година станав секретарка на Методија Андонов -Ченто, претседателот на АСНОМ. Со него немаше проблеми. Немам лоши зборови за Ченто да кажам. Неговата канцеларија беше во Собранието од страната на сегашниот кабинет на Претседателот. Тој беше многу скромен човек. Тој беше единствениот човек кој имаше храброст на Тито да му каже: "Другар Тито, остави не за малку време сами да управуваме со Македонија. Немој да ни го земаш афионот, ни оризот, ни волната. Ние ќе се обидеме да бидеме самостојни". Тој рече дека дури "ќесето" да ни биде одделно. "Дај ни малку време секој да се докаже кој што е. Ако не не бидува, тогаш готово е, нека биде што сака, во заедница или во друга форма" - му рече Ченто на Тито.

Тој беше единствен човек кој не се правеше важен и за него немаше работно време. Ченто беше човек кој не возеше автомобил и кого не го возеа со автомобил до работа. Човек кој немаше привилегии за храна и за други работи. Човек кој секого го примаше, се разбира кој ќе го побараше во неговиот кабинет. Тој одеше на работа пеш. И секогаш беше чист и уреден, испеглан, дотеран и скромен човек. Се сеќавам на еден момент од мојот живот кој многу ми остави впечаток. Дојде една група луѓе меѓу кои и еден нивни роднина кој не бил добар и бил политички извалкан и пријавен. Тие се плашеа да не бидат казнети и да не одговараат пред народниот суд. Ченто им рече: "Одете си дома. Ние нема да казнуваме невини луѓе. Секој нека одговара за своите дела. Ние нема да ги казнуваме оние само затоа што вие или другите сте му брат или жена на грешниот човек. Одете си слободно, никој нема право да ве држи или да ве заплашува". Тоа јас не го видов, туку го чув од луѓето што излегоа од неговиот кабинет. Неговата мисла и збор за мене беше закон. Јас никогаш не влегував во неговата работна соба. Тој излегуваше и ми даваше работни обврски.

МС: Како Ченто беше "тргнат" од функцијата претседател на Президиумот на АСНОМ?

ТРАЈКОВА - НУРЏИЕВА: УДБА ги направи сите тие гнасни работи. Тие дури и мене ме следеа. На секој чекор имав одреден шпион. Јас за ова му се пожалив на Димитар Влахов. Но, тој никогаш во животот не бил чесен човек. Во Солун истото го правел.

МС: Кога го тргнаа Ченто?

ТРАЈКОВА - НУРЏИЕВА: Во 1946 година, некаде пролетта, Ченто даде оставка на функцијата што ја извршуваше. Тој не можеше да го издржи притисокот што му го правеа. Тој стискаше во себе да не заплаче. Него на седниците го клеветеа дека, наводно, не е прав, дека не ги сфаќа работите итн.

МС: Што бараше тој?

ТРАЈКОВА - НУРЏИЕВА: Бараше правда и чесност и секогаш се бореше за македонскиот народ. Во мојот дом се уште за инает на соседите стои мислата на Ченто: "Не мислев дека и Македонци ќе ме судат". Тој е суден од Срби, србомани. Тепан е од сите. Но, кога човек ќе ги каже тие зборови, тоа значи дека му дошло од се преку глава. Очајнички да се бори за својот македонски народ, а тој народ да не го штити, па дури и некои од неговиот народ да му судат. Зошто спиеше неговиот народ? Што беше незадоволен народот од него, па да дозволи една група "удбаши" дојдени да прават овде кариера, да му судат на Ченто? Кога отидов кај Димитар Влахов и го запрашав - зошто на еден чекор позади мене одат двајца "удбаши", односно "Што сторив, што згрешив? Зошто ме отпуштија од работа", ми одговори дека ме сметаат за Бугарка која ја загрозува безбедноста на Македонија. Јас ако сакав да ја загрозувам Македонија ќе бев член на сите фашистички организации. Немаше да дојдам да работам за доброто на мојата земја без пари. Јас се хранев заедно со обичните војници во Скопје.

МС: Значи Ченто си даде оставка во 1946 година. Што стана со Вас?

ТРАЈКОВА - НУРЏИЕВА: По неговата оставка мене не ме забележуваа, дури не ме сметаа ни за човек. Ме игнорираа. Тоа го правеше секретарката на Лазар Колишевски, но и Лазар Мојсов. Срам да му е. Ние го негиравме тоа. Него го сметавме дека е сиромашко дете, а тој ја добиваше најголемата стипендија на цар Борис за тоа што студираше на Правниот факултет. Лазар Колишевски подоцна го запознав. Него го донесе Борис Спиров кој му ја криеше опашката.

МС: Кога Ве избркаа од Македонија?

ТРАЈКОВА - НУРЏИЕВА: Кога сфатив дека нема да го вратат Ченто, а често си мислев дека ќе тропне на вратата, ама него го немаше, доживував страшни сцени. Ме викаа Бугарка. Велеа: "Еве ја Бугарката. Прашајте ја Бугарката". Често се прашував зошто ми го правеа тоа, ама одговорот го немаше. Затоа напишав цели четири страници оставка. Јас дојдов во Македонија да бидам корисна. Јас не сум окупатор. Јас ја дадов мојата душа за мојата земја - Македонија. Мојата оставка можат сите да ја најдат во Архивот. Тогаш во градот имаше градинка кој не беше чепната од војната. Таму затекнав една служителка која станала учителка. Отидов кај Просветниот обор и поднесов молба за да работам во градинката, бидејќи бев учителка за предучилишна возраст. Но, не кажував која сум и дека сум внука на Гоце Делчев. Се нафатив да ги создадам првите кадри за воспитување на децата. Но, уште на курсот на кој предавав имаше "удбаши". Постојано ме следеа. Тој притисок не успеав да го издржам. Некаде есента, без пари, без леб, без работа, без облека ме натераа повторно да размислувам да се вратам во Благоевград. Во исто време, од Бугарија дојде бугарската репатрициона комисија која си ги бараше своите граѓани. Но, мојата лична карта ја предадов во бугарската Амбасада во Белград за да барам дозвола за да ја минам границата и ја немав кај мене. Тие во Амбасадата си правеа ќефови. Немав никаков одговор. Така гладна и боса го искористив моментот кога на мојата врата чукна еден млад бугарски офицер и него го натерав лажно да се претставува како мој вереник за да можам да заминам кон бугарската граница. Едноставно, го "злоупотребив" истиот начин со кој успеав да се извлечам од островот Тасос каде претходно бев интернирана од бугарските фашисти. Тогашните ју-граничари ми велеа дека бугарските граничари нема да ме пуштат, бидејќи немав документи. Но, јас бев упорна и сакав да заминам. Им реков дека нема да си го испуштам вереникот за да се ожени за некоја друга. Тие ме пуштија, но на бугарската границата веќе ме чекаше полицијата. Оттаму заминав во Софија во централната полиција каде, за среќа, се реши моето прашање. Ете така се случи моето патешествие во Македонија.

Сега сум тука во Македонија на прославата од јубилејот за Илинден. Им благодарам на сите што ме поканија за јубилејот, за гостопримството и за честа што ми ја укажаа. Само двапати во мојот живот сум била толку радосна и среќна. Прв пат на свадбата на мојот внук и втор пат кога во салонот на МНТ и на главната прослава на Мечкин Камен во Крушево видов многу среќни и насмеани лица кои сакаа со мене да се поздрават. Им благодарам на сите, а и покрај се, смогнувам сили да им простам на оние кои ми згрешија и ми нанесоа голема неправда во мојот живот.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"