ште еден "јубилеј". 10 август
1913 - 10 август 2003-та. 90 години од Букурешкиот договор, 90 години од
поделбата на Македонија. Кобен датум за македонскиот народ. Најтрагичната
судбина со далекусежни последици што ја доживеа Македонија и македонскиот
народ е токму нејзината етничка и географска поделба во 1913 година. По
својата трагика овој настан е неспоредлив дури и со пет ипол вековното
турско ропство.
Македонија беше распарчена на четири дела и подложена на четирикратно
ропство со еден квалитативно нов и поопасен момент - асимилација со невиден
притисок и терор. Откажувањето на Бугарија од прелиминарниот Санстефански
договор и одлуката на Македонија да & се даде автономија по протерувањето на
турската војска од Балканот биле главни причини македонскиот народ да се
вклучува во балканските војни без оглед на тоа под чија команда ќе се бори.
Од друга страна, токму тие две одлуки биле пресудни за српската и бугарската
пропаганда да извршат одредено влијание врз македонското население. Всушност,
ни српската ни бугарската влада не помислувале на македонскиот народ (чија
националност не ја признавале) да му дадат автономија, туку со истата
спогодба била предвидена поделбата на Македонија без оглед на етничкиот
состав на населението и без размислување за последиците што ќе настанат по
нејзината поделба.
Претставниците на македонскиот народ, организирани во македонската
колонија во Санкт Петербург, со меморандуми и апели се обраќале до владите
на големите сили и балканските држави и до европската јавност со барања да
се спречи поделбата на Македонија и таа да се конституира како слободна и
независна држава во нејзините етногеографски граници. Но, резултатите од тоа
се мошне добро познати. Ваквите апели и барања на македонскиот народ и на
неговите политички претставници не биле земени предвид од страна на
меѓународните фактори.
НАЈГОЛЕМАТА ИЗМАМА
Со распарчувањето во Букурешт, Македонија од централен и најзначаен дел
на Балканот станала периферија и провинција на балканските земји. Веднаш
потоа започнало асимилирањето на македонското население во Јужни Срби,
Бугари, Славофони Грци и Албанци. Дури и во пребројувањето на жртвите и
загубите од Втората балканска војна македонското име не се споменувало, иако
војната главно се водела во Македонија.
Букурешкиот мировен договор претставува единствен меѓународен договор што
не го потпишале сите големи сили и што бил во голема мера против нивните
интереси. Исто така, големите сили не ги зеле предвид барањата на
македонскиот народ, кој од повеќе асоцијации, особено од Русија и од
Швајцарија, интервенирал да се зачува идентитетот на македонскиот народ и
единството и целината на македонската територија. Единствениот принцип врз
кој се одредувале и се поставувале границите било правото на посилниот,
односно оружјето. Со таа поделба, македонскиот народ ја доживеал најголемата
измама и ја загубил довербата во своите соседи, што имало негативни
последици не само во Првата и во Втората светска војна, туку за подолго
време. На тој начин раскинувањето на македонското национално ткиво започнало
со поделбите во Внатрешната македонска организација, потоа почнале да не
делат соседите и на крајот сето тоа го санкционирале големите сили. На
Париската мировна конференција во 1919 година, и покрај поедини предлози на
Италија и Велика Британија за автономија на Македонија, дошле до израз
интересите на балканските држави и големите сили. Македонското прашање било
третирано како малцинско прашање и била извршена нова поделба на Македонија
помеѓу Кралството на СХС (Југославија), Грција и Бугарија. Историјата се
повтори.
Поделбата на Македонија претставува големо злосторство досега невидено во
историјата на човештвото. Таа е поделена и распарчена на четири дела, иако
со ништо никому не му згрешила. Поминаа девет декади од грабежот на
македонската земја. Република Македонија се уште е во процес на меѓународно
признавање, но признавање на само еден нејзин дел, вардарскиот.
Преостанатите две третини од Македонија се уште се окупирани и заборавени,
тие живеат живот еднаков на оној од времето на најцрниот колонијанизам.
И кого треба да обвинуваме денес за ситуацијата во која се наоѓаме?!
Лесно е да се префрли вината на други и да се растовариме од сопствената
вина, но најмногу од сите други самите како нација ја сносиме вината што
земјата се уште е поделена, распарчена и на маргините со силна и незапирлива
тенденција наполно да исчезне од овие простори. Соседите, како и сите други
колонизатори, ја тераат работата кон целта. Сведоци сме како во дваесеттиот
век сите континенти еден по друг се ослободуваа од доминацијата на
европските колонијалисти. На крајот, ние Македонците останавме меѓу малкуте
народи во светот што се уште им веруваме на белосветските патници дека ќе ни
обезбедат и ќе ни гарантираат подобро утре. Но, вината не е во нив, вината е
во нас што дозволивме разни македонски изроди да манипулираат со нашата
свест и потсвест.
Македонската историја е полна со светли примери што можат да ни ја
повратат вербата во самите себе. Проучувајќи ја македонската историја секој
ќе биде горд на своето македонско потекло. Има ли простор и можности да се
издејствува ревизија на Букурешкиот договор од пред 90 години чиј рок на
важење истече пред точно пет години, во 1998 година? Има ли сили и луѓе кои
ќе се решат на еден таков подвиг како оние во 98-та на Плоштадот во Скопје
кои тргнаа по светските асамблеи да ја побараат вистината, правдата и
законитоста од понижувачките договори кои ни ги наметнуваа големите сили и
нивните регионални сателити и експозитури? Членот 73 од Декларацијата за
несамоуправни територии од Повелбата на Обединетите нации вели: "Членките на
Обединетите Нации, кои се одговорни или кои примаат на себе одговорност за
управување територии, чии народи уште не постигнале потполна самоуправа, го
признаваат начелото на првенство на интересите на населението на тие
територии и ја прифаќаат како света должност обврската да работат во
најголема мера, во рамките на системот на меѓународниот мир и безбедност
установени со оваа Повелба, на развивањето на благосостојбата на населението
на тие територии". Се придржува ли светската организација на ова сопствено
начело? По Балканските војни, барајќи го обединувањето на Македонија, со
меморандуми, Македонците го бараат и обновувањето на Охридската
архиепископија. Духот е традицијата, историјата, корените. А духот на
македонскиот народ се согледува преку црквеното општење, преку нашата
Македонска православна црква. Таа никогаш не го решила својот статус. Како
државноста така и црквата секогаш поминувала низ премрежјата поставени од
злите сили. Тоа ни се повторувало со векови, се повторува и денес, остро
како никогаш досега. Духот на нашата света православна вера, духот на нашиот
јазик македонски и на нашите традиции и обичаи, се нераскинливите врски
помеѓу сите Македонци, како за нас во земјава наша, така исто и на сите што
се наоѓаат на другите континенти и во западно-европските земји, во другите
балкански држави и во целиот свет. Нашата Света Црква била вистински
предводник во животот на македонскиот народ. Така било, така и ќе остане.
ОТПОРОТ И ДОСТОИНСТВОТО
И денес по 90 години од раскинувањето на македонската земја стоиме пред
истите, но уште поопасни предизвици. Преостана ова парче македонската земја,
но лакомите по туѓите нешта не престануваат да го бараат она што со
поколенија наназад го сонувале. Се доведовме во ситуација да не можеме да ги
додржиме и овие триесетина проценти од македонската земја на Балканот колку
што ни преостанаа. Спас бараме и за овој дел од Македонија, а правиме напори
да ја вратиме во своите етнички граници. Класични небулози и утопии. Значи
ли тоа дека немаме моќ и способност да ја чуваме македонската земја? Значи
ли тоа дека таа е проклета и секогаш ќе остане проклета без да го види
белиот ден и светлината на вистината? Секој се граба околу срцевината, околу
јадрото и тоа на сите нам ни е јасно. И кога лубеницата ќе ја расцепиш по
средината секој гледа да го вкуси најслаткото, она што е внатре. Така и
Македонија е во срцето на Балканот и секој сака да ја има, да ја поседува
знаејќи ја нејзината цена и благодети што ги има. За да можеме побрзо да
дојдеме до целта, ќе мора да расчистиме со многу заблуди во кои слепо се
верува. Србизмот, грцизмот, славјанизмот, југословенизмот, бугаризмот и
нивните сурогати се последици на нашите трауми од минатото останати врежани
во македонските души и ден денес. Наместо во нив, ќе треба да веруваме во
Македонизмот. Сите ние треба да веруваме како еден кога е во прашање
Македонија. Македонија е единствената цел со која можеме да се обединиме и
како народ. Да тргнеме по стапките на Александар Македонски, Самоил, Делчев,
Сандански, Мисирков. Со тоа да ги насочиме и нашите идни поколенија да
чекорат горди по стапките на нашите дејци. Уште многу договори ќе & се
наметнуваат на оваа земја и на овој народ налик на оние од 1913-та и од
2001-та. Историјата се повторува, но тоа не значи дека при секој нов
предизвик треба пасивно да се однесуваме и само да ги набљудуваме нештата
кои ни се натураат од страна. Минатото не поучило да бидеме имуни на
внатрешните и регионалните девијации, да опстоиме и да не бидеме погазени
пред посилниот и повозвишениот. Отпорот и достоинството кои не краселе со
векови наназад не зачувале на овој проклет Балкан. Овие два белега по малку
ни недостасуваат. Достоинството е најдрагоценото и најсилното нешто што еден
народ го поседува. Доколку го имаме, никакви договори, поделби и
разграничувања нема да можат да ја поколебаат свеста на Македонецот и
неговата иднина на македонското парче земја. И по поделбите повторно сме
тука, како феникс од тврдата земја изникнуваме и ги побиваме тезите на
несреќниците дека не постоиме и дека сме лабораториски произведени.
А фениксот никогаш не умира!