Папата ја благослови Македонија
Папата Јован Павле Втори по повод 100-годишнината од Илинден упати
телеграма со желби и благослов за Македонија и македонскиот народ до
претседателот Борис Трајковски.
По повод јубилејот, Трајковски доби честитки и од својот германски колега
Јоханес Рау, во која тој го изразува задоволството што земјава дава значаен
придонес за траен мир и стабилност во регионот.
Грчки визи за Македонците без место на раѓање
Грчките конзуларни власти ќе воведат "олеснета процедура" за издавање
визи за некогашните деца - бегалци од Егејска Македонија. По барање на сите
оние кои од 10 август до 30 октомври ќе сакаат да патуваат во Грција, визи
во траење од 20 дена ќе им се издаваат по скратена процедура - уште истиот
ден.
Сепак, и покрај ваквата "олеснителна околност", визи ќе можат да добијат
само оние протерани Македонци од Егејска Македонија кои ќе го заменат
постојниот пасош со друг на којшто нема да го пишува родното место со
македонска топонимија. Очигледно е дека таканаречените "олеснителни
околности" се само фарса на грчката дискриминаторска политика кон
Македонците!
Писателите бараат Батлер да се извини
Друштвото на писателите на Македонија упати отворено писмо во кое бараат
амбасадорот Батлер да им се извини на граѓаните на Република Македонија за
скандалот што го стори во Велешта кога побара неговиот говор да не се
преведува на македонски јазик.
"Господине Батлер ние имаме достоинство да го браниме она што единствено
го имаме, Македонија и македонскиот јазик", стои во обраќањето на
македонските писатели.
"Волците" заробиле тројца Ирачани
Во детално испланирана акција, на која & претходеле и квалитетни
разузнавачки информации, деновиве армиските специјалци од македонскиот
контингент во Ирак успеале да заробат десетина Ирачани, од кои тројца се
наоѓале на црната листа на Американците. Оваа акција наедно била и причина
припадниците на македонскиот контингент во Ирак да добие посебна пофалба од
генерал Мајлс, командант на 4. пешадиска дивизија во чии рамки дејствува
нашата мала единица.
Заклетва за лојалност пред државјанство
Лицата што во иднина ќе го стекнат правото да добијат македонско
државјанство ќе мора да дадат свечена заклетва, но во моментов се уште не е
утврдено каде и пред кого таа ќе се положува.
Разоружувањето ќе почне со медиумска кампања
Програмата за доброволно предавање на оружјето што граѓаните го
поседуваат нелегално започна од 6 август со медиумска кампања која ќе трае
до 15 декември. Доброволното предавање на оружјето ќе се врши на пунктови од
први ноември до 15 декември.
Ригорозни казни за нелегално оружје
Од први август стапија во сила измените на Законите за набавување,
поседување и носење оружје со кои за прекршителите на законските одредби се
предвидува одземање на оружјето и поднесување прекршочна пријава.
Вратница и Јегуновце ќе бидат македонски
Македонците од тетовските општини Јегуновце и Вратница нема да дозволат
со новата територијална поделба да бидат припоени кон други општини во кои
Албанците се мнозинство. Градоначалниците од овие општини бараат општините
да останат самостојни и најавуваат референдум ако Владата нема слух за
нивното барање.
Македонија со 60 општини
Експертскиот тим на Владата смета дека во државата можат да опстанат 60
општини што е преполовување на постојните 123, но не е исклучено бројот да
биде нешто поголем доколку за тоа се понудат доволно силни аргументи,
изјави за "Утрински весник" министерот за
локална самоуправа, Александар Гештаковски. Консултациите меѓу власта и
опозицијата за просторната шема продолжуваат во август.
Поддршка од дијаспората за МПЦ
Состојбите во Македонската православна црква, проблемите со кои таа се
соочува во односите со Српската православна црква, како и напорите за
зближување и обединување на Македонците од сите страни на светот, биле
главните теми на разговорите на претставници на организациите на
македонските иселеници од Австралија, САД и Канада со Поглаварот на МПЦ, г.г.
Стефан.
Македонија нема податоци за бројот на иселеници
Државните институции во Македонија немаат точна бројка за македонските
иселеници во дијаспората, а не постои прецизна евиденција ниту за вложените
инвестиции во државава. Неофицијална бројка за бројот на македонските
иселеници имаат само друштвата за македонско пријателство.
Наезда од дрвокрадци во Битолско
Пензионери, рекреативци и планинари што секој ден шетаат на ридовите
околу Битола тврдат дека дрвокрадците масовно ги сечат костеновите,
багремовите и дабовите дрвца. Само над месноста Калина Чешма биле исечени
повеќе од илјада костени, а во лавчанската корија тоа дрво повеќе го нема,
велат битолските планинари.
|