СПОРТ

Поигрувања со македонското пливање

ОХРИДСКИОТ МАРАТОН ПОД ЗНАК ПРАШАЛНИК

Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ

  • Според имињата кои го сочинуваат овој Организациски одбор за организација на маратонот можеме да бидеме уверени дека ќе се направи се за оваа манифестација која континуирано најавува шампиони и врвни пливачи да се одржи.
  • Ваквото поигрување со една реномирана манифестација како што е Охридскиот маратон не смее да се дозволи од едноставна причина што досега зад себе овој маратон има навистина богата историја.

Состојбите во македонското пливање никако да навлезат во помирни води. По скандалот со две пливачки репрезентации, двајца селектори на едно исто првенство, сега најновата вест која го разниша не само македонското пливање, туку и секој искрен вљубеник во спортот во Македонија е тоа дека одржувањето на Охридскиот маратон е доведено под знак прашање.

Имено, одржувањето на Охридскиот маратон, најреномираната спортска манифестација во Македонија, годинава е доведена под знак прашалник! Комитетот за маратонско пливање пред извесен период излезе со соопштение дека се откажува од организацијата на овогодишниот Охридски маратон поради двојството кое се појави во пливањето во Македонија. Ваквата информација, првично примена со сомнеж во спортската јавност, ги алармираше сите надлежни институции за да се преземат сите мерки овој маратон, кој и оваа година е влезен во календарот на ФИНА и трките од Светскиот куп, сепак да се одржи.

ОРГАНИЗАЦИСКИ ОДБОР

Токму поради одржувањето на континуитетот на оваа реномирана манифестација од највисок спортски ранг во нашава земја, пливачката Федерација на Македонија, на чело со Перица Ивановски, под итно формираше Организациски одбор кој ќе биде задолжен за организација на Маратонот. Според имињата кои го сочинуваат овој Одбор за организација на маратонот можеме да бидеме уверени дека ќе се направи се оваа манифестација која континуирано најавува шампиони и врвни пливачи да се одржи. Организацискиот одбор составен од пливачки легенди и врвни спортски работници предводени од Нико Нестор, Дики Бојаџи, Александар Радиќ, Соња Тумбалова и Димитар Миладинов, најави дека иако досега не е контактирано со ниеден маратонец, сепак дека ќе се направат вонредни напори до почетокот на Маратонот да се комуницира со маратонците кои и досега учествувале на овој маратон и се надеваат дека сепак на крајот во Охрид ќе настапат врвни пливачки имиња.

НАДЕЖ

Инаку, овогодишниот маратон е закажан за 30 август, а генерален покровител ќе биде претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски. Наградниот фонд на маратонот ќе изнесува вкупно 30.000 долари од кои за првопласираниот ќе има по 3.000 илјади долари, за второпласираниот по 2.000 илјади долари, додека третите на целта ќе освојат 1.000 долари.

Целата финансиска конструкција за организација на маратонот пак е проценета на 70.000 евра. Но, она што е загрижувачко покрај тоа што се доцни со подготовките и контактите за маратонот е и фактот што досега за организација на маратонот се изнајдени само 1.000 евра. Тоа сепак е премалку за една манифестација која е реномирана и препознатлива во светот. Надежта дека со пронаоѓање на еден или повеќе спонзори ќе се реши прашањето на финансиската конструкција, виси во воздух. Ова е неизвесно не дека нема луѓе кои сакаат да се организира маратонот и кои фактори ќе дадат пари, туку од едноставна причина дека се се почнува предоцна. Ваквото поигрување со една реномирана манифестација како што е Охридскиот маратон не смее да се дозволи од едноставна причина што досега зад себе овој маратон има навистина богата историја, која ја испишувале маратонци повеќе од 32 земји, кои зад себе оставиле печат и приказни на најразлични човечки судбини.

Се надеваме дека Организацискиот комитет ќе собере сила, знаење и умешност и оваа година да се одржи Охридскиот маратон затоа што во спротивно Македонија како земја и Охрид како град многу ќе загубат.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"