ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Мудри размисли и Божји совети

ПОУКА КОН ЕПИСКОПИТЕ И ПОПОВИТЕ

Подготвил: Драган ЗАФИРОВ

  • "Вистинската задача на Светата Црква е: да не приближува до Бога, да не усовршува во доброто, да не соединува со Бога и да ни ја осигура вечната радост во рајот".
  • "Светата Црква не треба само да ги чека луѓето да & се приближат; таа е должна да ги бара, да оди кај нив, да им се приближува".

На епископот и на попот му прилега да ги поучува и да ги упатува луѓето што му се доверени. А тој самиот прв да се оттргнува од секакво зло, како што наредува Павле, а уште повеќе Христос. Оти е кажано дека епископот треба да е беспорочен, како Божји пратеник, да не си угодува себеси, ниту да се гневи, да не е пијаница и злобен, да не е лаком на дарови, но да е гостољубив и справедлив, да им помага на тие што му се доверени, поучувајќи ги со зборови. Да биде моќен утешител, во здрава наука, да ги изобличува противниците на верата, самиот во се да дава пример со добро дело.

Послушајте пастири, оти вам ви се упатени овие зборови! Послушајте, сите што го држите словото Божјо. Послушајте го гласот на старешината на пастирите на великиот Христа, којшто рекол дека добриот пастир душата си ја дава за овците, а тој што е наемник, а не пастир, овците се негови, па ако догледа волк како иде, ќе ги остави и ќе избега, а нив ќе ги избрка.

А од каде излегуваат лошите пци на еретичката наука? Да не се од мрзеливоста или од грубоста пастирска? А од каде се разбојниците и крадците, што чинат гревови и неправди? Од ненакажаноста епископска и свештеничка. Оти, како сакаат тие да го проповедаат словото Божјо кога се губи, не го познаваат законот, не ја знаат мерката за законодателите, и многу сакаат дарови, а тое е второто идолопоклонство.

И пак Ви велам, послушајте, о пастири, и чувајте го стадото што ви е поверено, поучувајќи го со кроткост и упатувајќи го на љубов, да не се исполни на вас тоа што е кажано: Тешко вам, слепи водачи, дека го затворате царството небеско пред луѓето, ниту самите влегувате, ниту на други давате да влезат. Послушајте го пастирскиот старешина: без почин учете ги луѓето што ви се доверени!

(Од книгата: Житија, слова, поуки, стр.95-96, Скопје 1974)


Духовни искри

Никаква тешкотија не може да не победи. Ако сме со Бога. Он ќе не заштитува од секое зло.

***

Гревот нема никаква сила над оние кои потполно Му се предале на Господа Исуса Христа.

***

Секогаш треба да се трудиме да Му угодуваме на Бога, да ги извршуваме Неговите свети заповеди. Божјата благодет ги укрепува нашите духовни слабости и она што ни се чини неможно го прави можно.

***

Да ја избегнуваме духовната мрзеливост. Таа е најголемата пречка за нашето освестување и самопознавање.

***

Вистинското покајание не е само чувство на жалење за гревот што сме го направиле; тоа е акт на целата личност, во која личност се радува што се ослободува од силата на злото, на кое му робува.

***

Да го искорнуваме од нашето срце секое зло и да всадуваме во него секоја добродетел.

(Извадок од книгата "Духовни искри"

од Блаженоупокоениот г.г. Михаил,

Архиепископ Охридски и Македонски)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"