ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Свети пророк Илија и Света преподобна маченица Параскева

ПРЕДВЕСНИК НА ХРИСТОВАТА ПРАВДА И ВИСТИНА

Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА

  • Во манастирот Св. Георги Хозевитски (во Светата Земја), има пештера посветена на Св. пророк Илија и икона со неговиот лик и гавранот. Поклониците Му оддаваат почит на Бога на тоа место.
  • Младата Христова Невеста, Св. преподобна маченица Параскева, смело пострада за Христа во 2 век.

Наречениот "ангел во тело, столб на пророците, втор претеча на Христовото доаѓање ", Св. пророк Илија, кој живеел 900 години пред Исус Христос, ги објавува Божјите чудеса и спасението од Него, Божјата сила, правда и вистина низ сите векови. Роден е во 816 година пред новата ера во градот Тесвит. По потекло е од племето Ароново. Бог му подарил огнени сили и пламен карактер. Младоста ја поминал во молитви кон Бога, во пустина. Безбожниот израилски цар Јеровоам го проширил идолопоклонството, подигнал храмови со вештачки богови, на кои луѓето им се поклонувале.

Св. Илија ги гледал беззаконијата во Израил од страна на царевите, старешините и народот, гледал како безбожниците ги принесуваат своите синови и ќерки како жртви на демоните, ги гледал убиствата на праведниците, и поради тоа душевно страдал. Тој ги изобличил нивните беззаконија и со зборови силни како оган, го проповедал Божјото слово за да ги извлече од ѓаволот и да ги врати кон Бога. Го молел Бог да ги казни безбожните Израилци за да се покајат.

ПОБОРНИК

Ревнителот на верата Божја, чудотворецот Св. пророк Илија, имал судир со Израилскиот цар Ахав и жена му Језавела, кои го принудувале народот да се поклонува на идолите. Цар Ахав изградил храм на сирискиот лажен бог - идол Ваал. Св. пророк Илија ја изобличил неговата заблуда, но тој останал незнабожец. Тогаш, тој пред царот Ахав ја најавил Божјата казна и со молитва кон Бога "он го затвори небото и не падна дожд три години и шест месеци ". Настанала суша и глад. Бог му јавил на својот верен слуга: "... сокриј се при потокот Хорат, кој е спроти Јордан: од тој поток ќе пиеш, а на гавраните сум заповедал да те хранат таму ". Во манастирот Св. Георги Хозевитски (во Светата Земја) има пештера посветена на Св. пророк Илија и икона со неговиот лик и гавранот. Поклониците Му оддаваат почит на Бога на тоа место.

Св. Илија ја докажа силата Божја. Бог му испратил оган од небото и ја запалил во присуство на многу луѓе жртвата што Му ја принел на Бог. По молитвите на Светецот, Бог испратил дожд од небото. Св. Илија го умножил брашното и маслото во куќата на вдовицата во Сарепта Сидонска, а и го воскреснал нејзиниот умрен син. Боговидецот Св. Илија на гората Хорив (близу гората Синај), разговарал со Бог и "слушна глас Божји во тивкото светло ветре". Му прорекол за страшната смрт на Ахав и неговата жена. Пророкот со својата наметка удрил по реката Јордан и по неа, со пророкот Елисеј (неговиот наследник), поминале како по суво. Но, "ненадејно се појави огнена кола и огнени коњи и ги раздели, при што Илија се понесе во виорот кон небото" - се вознел на небото со телото. Затоа на светите икони се насликува во огнени коли. Светата Црква не учи дека Св. пророк Илија повторно ќе дојде на земјата пред второто Христово доаѓање, за да ја уништи антихристовата сила. Силниот пророк се слави на втори август.

УБАВИНА И МУДРОСТ

Св. преподобна маченица Параскева живеела во времето на римскиот цар Антонин Пиј, кој царувал од 138 до 161 година. Се родила во Рим, во петок, па затоа го добила името Параскева - Петка. По смртта на нејзините родители, христијани, Агатон и Политија, таа го раздала својот имот на сиромашни. Се замонашила и "со поголем жар на ревност ја проповедаше Христовата вера". Некои Евреи ја обвиниле Св. Параскева кај царот Антонин "заради проповедта на забранетата вера". Царот бил воодушевен од нејзината убавина и мудрост.

"...Боговите кои не го создадоа небото и земјата ќе се истребат од земјата", му рекла на царот без страв. По наредба на царот, на главата & ставиле железен вжештен шлем, па ја фрлиле во голем казан со врело масло и смола, но Бог ја спасил чудесно. Била жестоко мачена од кнезовите Асклипиј и Тарасие. Најпосле бездушниот тиранин Тарасие ја посекол со меч нејзината чесна глава. Младата Христова Невеста, Св. преподобна маченица Параскева, смело пострада за Христа во 2 век. Бог ја примил нејзината света и победоносна душа. Се слави на осми август.

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот европски, г. Горазд


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"