СВЕДОШТВА

Историјата не е само минато

Житијата на сите досега познати македонски светители (13)

АПОСТОЛИ НА МАКЕДОНСКОТО ПИСМО

Пишува: Александар ДОНСКИ

  • Светите браќа Кирил и Методија се едни од најпознатите македонски светители!
  • Обајцата браќа биле подготвени да се жртвуваат во име на христијанството!

Продолжуваме со жити-јата на свети Константин - Кирил (827 - 869 година) и неговиот брат свети Методија (825 - 885 година). Нивниот празник се слави на 11 мај (стар стил), т.е. на 24 мај (нов стил). За овие без сомнение најпознати македонски светители досега се напишани огромен број трудови од разни области кај нас и во светот. Заради тоа овде ќе наведеме само краток преглед на најзначајните настани од нивното житие и неколку коментари во врска со тоа.

Светите браќа биле родени во Солун во семејството на богатиот подстратег (висок византиски службеник) Лав. Неговата сопруга се викала Марија и исто така потекнувала од старо солунско семејство. Методија прво бил на служба во војската, а откако византискиот цар видел дека е добар војник го поставил за војвода во една покраина во Македонија на границата со Бугарија. Таму Методија поминал десет години, а потоа заминал на планината Олимп каде се замонашил. Неговиот брат Константин бил две години помлад и уште како дете се истакнувал со љубов кон книгата. Речиси не излегувал од дома и постојано читал книги со научни теми, посебно восхитувајќи се од духовната литература. Омилено дело му било учењето на свети Григорие Богослов. Таткото Лав починал кога Константин имал четиринаесет години.

Во тоа време на престолот во Византија дошол малолетниот цар Михаил, заедно со својата мајка Теодора. На Михаил му биле доделени тројца воспитувачи. Едниот од нив (по име Дром) бил пријател со родителите на светите браќа и знаејќи го Константин како паметно дете, го повикал во Цариград да се школува заедно со младиот цар. Во Цариград Константин живеел во домот на воспитувачот, но често престојувал и во царскиот дворец. За кратко време ги изучил граматиката, филозофијата, геометријата, дијалектиката, како и делата на Хомер. Исто така ги учел и реториката, аритметиката, астрономијата и музиката. Добро го знаел грчкиот, латинскиот и сирискиот јазик. Поради големиот интерес и познавање на филозофијата, бил наречен Константин Филозоф.

Воспитувачот Дром на секој начин се трудел да го задржи Константин во Цариград. Му ја понудил раката на една убава девојка која била негова духовна ќерка, а му понудил и титули, но Константин сето тоа го одбил со зборовите дека нему најголемо богатство му е стекнувањето знаења. По ваквиот одговор Дром отишол кај царицата Теодора и & предложил да го ракоположат Константин во свештенички чин и да го вработат во Цариградската библиотека само за да го задржат во Цариград. Така и се случило. Но, и на должноста библиотекар Константин не останал долго. Еден ден побегнал во некој манастир и таму се подвизувал. Дром одвај успеал да го најде по шест месеци барање. Констанин му рекол дека не може повторно да ја прими должноста библиотекар, но дека може да биде учител по филозофија во Цариградското училиште.

МИСИЈАТА КАЈ САРАЦЕНИТЕ

Во тоа време се случила и војна на Сарацените против Византија. Сарацените испратиле писмо до византискиот цар во кое се потсмевале на христијанското учење и барале да им се испрати некој мудрец кој ќе им го објасни сето тоа. Царот и патријархот го повикале Константин и му предложиле да оди во мисија кај Сарацените. Тој со задоволство го прифатил овој предлог, изјавувајќи дека е подготвен да умре за Христовата вера. Тогаш му одредиле двајца писари да го придружуваат и тој заминал кај Сарацените. Кога стигнал во нивното престојувалиште видел како Сарацените ги навредуваат и им се потсмеваат на христијаните кои останале под нивна власт. На секоја христијанска куќа на надворешната врата бил нацртан ѓавол. Некои од Сарацените, сакајќи да го испровоцираат, го прашале Константин што значат овие слики за него. Константин мудро им одговорил дека тие слики значеле оти во тие куќи живеат вистински верници христијани од кои ѓаволот се плаши, па затоа избегал зад надворешната врата, додека за оние куќи каде немало на надворешните врати нацртано ѓавол, рекол дека ѓаволот живеел внатре во пријателство со луѓето од тие куќи. По овие зборови Сарацените замолкнале. Потоа Константин бил повикан кај кнезот. За време на ручекот таму седеле неколку сараценски мудреци и почнале да разговараат со Констанина. Но, тој успеал да ги надзборува за сите теми во врска со вистинската вера и да им даде убедливи одговори на кои тие ништо не можеле да забележат. Кога се вратил во Цариград, царот и патријархот со големо задоволство го слушнале извештајот за неговата посета кај Сарацените. Потоа Константин заминал кај својот брат Методија на Олимп, каде заедно се подвизувале. Во тоа време кај царот Михаил дошле пратеници од народот Козари (кои Грците ги нарекувале Хазари). Тие побарале од царот да им испрати некој учен човек што ќе го штити христијанството среде нивниот народ затоа што мнозина од нив веќе почнале да преминуваат во јудаизмот и во исламот заради дејствувањето на еврејските и на муслиманските емисари. Царот Михаил му предложил на Константин да појде и во оваа мисија. Константин, сакајќи со сето срце да пострада за Христа, со радост ја примил оваа вест и набргу заминал кај Козарите. Со себе го повикал и својот брат Методија, кој исто така со радост му се придружил. Кога стигнале кај Козарите виделе дека тие зборуваат словенски, но дека почнале да го прифаќаат и еврејскиот јазик заради јудаизмот што се повеќе се ширел среде нив. И таму Константин секогаш успевал да ги надзборува еврејските емисари. Потоа успеал и да ослободи од заробеништво двесте византиски војници, кои ги вратил во Цариград. По патот се задржале во земјата на фулскиот народ, чии припадници биле пагани, но Константин успеал да покрсти мнозина од нив. Во Цариград биле пречекани со големи почести од царот и од патријархот. Потоа Методија заминал во бугарската држава каде покрстил многу народ, откако бугарскиот кнез Борис решил да го прими христијанството. Тогаш до византискиот цар стигнало писмо од моравскиот кнез Ростислав во кое го молел да му испрати христијански учители на јазикот што го разбираат тамошните Словени. Царот Михаил ги повикал Константин и Методија и им кажал за молбата на Ростислав. Константин одговорил дека нивната мисија ќе успее, но само доколку на тамошниот народ му однесат книги на јазикот што го разбираат. Потоа се консултирал со свети Методија и одржал четириесетдневен пост. Така Бог ги послушал неговите молитви и со помош на Светиот Дух, Константин создал азбука со триесет и осум букви. Следувала интензивна преведувачка дејност од грчки на словенски (македонски, з.н.) во која им помагале и нивните ученици. Откако превеле неколку значајни црковни книги, заминале за Моравија. Кога стигнале во оваа земја биле дочекани со сите почести. Ростислав им ги дал сите услови за работа, а им доделил и млади ученици за да ги учат на словенскиот писмен јазик. Под раководство на светите браќа Ростислав почнал да гради и цркви. Но, тамошните германски свештеници, кога виделе дека народот со радост ги прифаќа книгите на словенски, почнале да се бунат против мисијата на Константин и Методија. Тие зборувале дека постојат само три јазика на кои Библијата може да се пишува: еврејски, грчки и латински. На тоа светите браќа одговориле дека Бог на сите им испраќа дожд подеднакво и сите сонцето ги грее подеднакво. Светите браќа останале во Моравија четириесет месеци, при што посетиле многу места, проповедајќи го Божјото Слово на словенски јазик. Истовремено таму стекнале и многу свои ученици.

СВЕТИТЕ БРАЌА ВО РИМ

За нивната мисија разбрал и папата Никола во Рим и ги поканил да дојдат кај него. На патот кон Рим тие се задржале и во Панонија кај кнезот Коцел, кој ги замолил и него да го научат на писмениот словенски јазик. Освен тоа им доделил педесет ученици да ги научат да пишуваат на овој јазик. За возврат им ветил скапи дарови, но тие само побарале да ги ослободи византиските заробеници. Во меѓувреме починал папата Никола, а новиот папа Адријан исто така изразил желба да се сретне со нив. Кога стигнале во Рим папата ги пречекал со сите почести и ги осветил преведените книги. Потоа папата дозволил во тамошните цркви да се изврши богослужба на словенски (македонски) јазик. Набргу Константин во Рим се разболел заради тешките подвизи и долгите патувања и имал видение дека набргу ќе замине кај Христа. Тогаш го добил монашкото име Кирил. Неговата болест се оддолжила уште педесет дена. Пред да се претстави на Бога му рекол на Методија да го продолжи нивното дело и да не се враќа на Олимп. Недолго потоа Константин (свети Кирил) заминал на небесата. Папата посакал да организира величествен погреб, но свети Методија му рекол дека нивната мајка им оставила завет да бидат погребани на Олимп. Папата се согласил, но потоа римските епископи го убедиле сепак погребот да биде во Рим. Така свети Кирил бил погребан во овој град.

По неговата смрт кај папата дошла молба од кнезот Коцел да дозволи Методија да замине кај него. Папата се согласил и со радост го испратил Методија во Панонија, каде бил примен со голема почест. Потоа Коцел го замолил папата да дозволи поставување на Методија за епископ во Панонија.

Но, германските епископи направиле заговор против свети Методија и му забраниле да проповеда во областа во која и тие проповедале. Во меѓувреме Ростислав бил заменет со кнезот Светополк кој отпрвин бил наклонет кон Германците. Така Методија бил затворен во Швабија, каде одлежал две ипол години. Кога разбрал за ова новиот папа Јован (кој го заменил Адријан) фрлил анатема врз германските епископи и наредил Методија веднаш да биде ослободен. Така тој се нашол на слобода, но германските епископи му се заканиле на Коцел дека нема да служат кај него ако не го отстрани од својата земја. Во тоа време народот во Моравија се побунил против германските епископи и тие биле избркани од државата. Тогаш на Методија му биле доверени сите цркви и духовништвото во словенските градови во Моравија. За свештеници биле поставени домородни Словени и христијанството почнало бргу да се шири затоа што народот го разбирал јазикот на богослужбата. Но, германските свештеници не мирувале. Почнале повторно да доаѓаат во Моравија и да го клеветат Методија на кнезот Светополк. Тогаш до Методија стигнало писмо од византискиот цар кој сакал да се види со него. Методија заминал за Цариград каде со голема радост бил примен од царот и од патријархот. Потоа свети Методија ја продолжил преведувачката дејност со своите ученици. И унгарскиот крал посакал да се сретне со него и го поканил во својата земја. Свети Методија заминал и таму, каде исто така бил примен и испратен со големи почести. Но, дошло време и Методија да се претстави на Христа. Тоа се случило во 885 година. Многу народ излегол на неговиот погреб. Сите со солзи го испратиле христијанскиот учител.

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"