ИСТОРИЈА

Билет во еден правец": Истражувања од областа на националната историја на Македонија - кои и како ја режираа судбината за геноцидот над Македонците под Грција од 1945 до 1949 (8)

РЕПАТРИЈАЦИЈА НА ГРЧКИТЕ ДЕЦА

Подготвила: Жаклина МИТЕВСКА

  • Ако еден од основните национални атрибути е јазикот, тогаш како можеле организациите НОФ и АФЖ, по т.н. "Братство единство" (1946), да се "откажат" од националниот идентитет.
  • Дали тие Македонци во единиците на ДАГ кои беа рагрутирани и испратени во длабината на Грција можеа да зборуваат македонски? Тие таму беа предупредувани дека: "Името и презимето, нужно треба да бидат на грчки, а треба да се говори само грчкиот јазик".

Авторот на книгата "Билет во еден правец", Стојан Кочов, пишува дека грчката Влада употребила силна и решителна фразеологија во критиката на одземањето и иселувањето на децата од страна на КПГ и ДАГ. На третото Генерално Собрание на Обединените нации, во ноември 1948 година, прашањето на грчките деца се одлучило да се разгледа посебно од севкупните прашања на Грција. По долгото траење на прелиминарните разговори за проблемот во Грција, за наводите на Првата Комисија за (политика и безбедност) пред четирите сили: Кина, Франција, Велика Британија и САД, се предложил и план на резолуција за наводната надворешната помош, што ја добивале грчките партизани од соседните земји. По ова, претставникот на Грција предложил дополнение на таа резолуција, додавајќи го барањето за враќање на сите одземени Грчиња - деца (тука не се одвојуваа Македончињата) во Грција. Белгискиот претставник, кој бил претседател, дискутирал и рекол дека ова барање ќе треба да се измени (модифицира и дополни) со додавка: "кога таквите деца ќе ги побараат нивните родители".

ДИСКУСИИ

По извесни дебатирања, пишува Кочов, белгискиот претседател изјавил (на 9 ноември 1948 година) и пројавил усилби за постигнување согласност по прашањето за репатријација на грчките деца и од таква гледна точка се предложило да се испита ова прашање од аспект на чисто човечки погледи, на една одделна седница, сосема независно од политиката, со решение на четирите сили.

По многу долги дискусии, се побара од претседателот да одреди план резолуција за една наредна седница и тоа беше прифатено. Сега на Првата Комисија (во изменета форма) на 11 ноември 1948 година, белгискиот предлог почнуваше со следниот параграф: "Генералното Собрание го препорачува (одобрува) враќањето во Грција на грчките деца кои се наоѓаат сега далеку од своите домови, кога ќе побараат таткото или мајката - родителите, но ако тие се отсутни, тоа можат да го сторат луѓето кои им се блиски роднини и кои ќе покажат желба и грижа за тие деца", потенцира Кочов.

Југословенскиот претставник имал забелешка на тие зборови - "... ако родителите им се отсутни, тогаш кој е тој што ја зема грижата за тие деца?". Тој истакнал дека грчката Влада ќе мора да ги одреди таквите луѓе кои би имале таква намера и да оцени дека не биле спротивставени со намерите на нивните родители.

Оваа безизлезност се решила, конечно, со австралискиот предлог со кој Генералното Собрание реши: "Го препорачува (одобрува) враќањето во Грција на сите Грчиња (не прави разлика на Македончиња и Грциња) кои се наоѓаат сега далеку од своите домови, кога тие деца ќе бидат побарани од таткото и мајката, но ако тие се отсутни, тогаш тоа може да го стори овластен нивен роднина, ако изјави таква желба за тоа". Во таква форма се изгласа Резолуцијата и се одобри со 45 гласа за, а против немаше ниту еден. Таквиот предмет се "дистрибуира" и се инсистираше на тоа дека треба сите држави да си ги преземат неопходните мерки за да се остварат целите на резолуцијата и "даваше упатства "на генералниот секретар да побара од заинтересираните држави да ги известат носителите кои беа одговорни за таквата резолуција, исто така да побараат и помош од Меѓународниот Црвен Крст, пишува Кочов.

Грчкиот Црвен Крст ја објавил веднаш веста за резолуцијата на Обединетите Нации и почнал со работа за примање молби за репатријација на децата. На 11 јануари 1949 година, Trygve Lie, генерален секретар на Обединетите нации, побарал официјално од Меѓународната комисија на Црвениот Крст и од здружението и подружниците на Црвениот Крст во Женева да ги воспостават неопходните врски директно со грчката Влада и со Грчкиот Црвен Крст и начелно со владите и со здруженијата во нивните земји, т.е. во чии земји се наоѓаат грчките деца, и да ги испитаат можностите за реализација на резолуцијата која едногласно ја одобри Генаралното собрание на Обединетите нации на 28 ноември 1948 година. Резолуцијата им ја препорачувал на државите и владите и не ги делел децата на Грци и Македонци, туку станувало збор за репатрирање на сите деца од Грција.

Првиор чекор на Црвениот Крст бил тоа што испратил една мисија во Грција. Господинот R.W. Roth ја претставувал меѓународната мисија, а господинот Гаиле Галуб го претставувал здружението на Црвениот Крст.

ЈАЗИКОТ

Во комуникацијата со високото раководство на КПГ и ДАГ, македонскиот јазик, како што пишува Кочов, воопшто не се употребувал.

Навистина, грижливо во истражувањето, барав документ на македонски јазик, каков било, испратен до некое високо партиско тело на КПГ или воен штаб на ДАГ, со кој на македонски би покажале дека НОФ како воено-политички фактор стоел до тој македонски став и така им се обраќал (барем во нашата историја НОФ е така нарекувана). Но, за жал нема ни траг, бидејќи целата кореспонденција или каква било комуникација е водена на грчки јазик. Барав документ кој го третираше и проблемот на одземените деца, но нема. Зошто?!! Зарем за НОФ и АФЖ, јазикот не беше политичко стратешко прашање? Ако еден од основните национални атрибути е јазикот, тогаш како можеле организациите НОФ и АФЖ, по т. н. "Братство единство" (1946), да се "откажат" од националниот идентитет и да ги прифатат таквите услови од КПМ/КПЈ и КПГ (а во нашата историографија се вели дека биле договорени сите услови меѓу НОФ и КПГ), или можеби сега се правеа таквите отстапки за атар на Комунистите. Но, по овој чин на "Единство" настапи копмплетната разузнавачка мрежа која беше добро организирана од КПГ и која сите нофити и афежитки (поранешни еласитки) ги поминуваше по најситното идеолошко сито, со цел да им ја одреди вината и казната за гревовите од минатото. На нашите нофити и афежитки, мачно беше да им се гледаат бесрамните додворувања кон раководителите на КПГ и ДАГ, посакувајќи да им се избрише вината за непокорноста кон КПГ, ЕЛАС и ЕАМ. Ете, по овој чин многу лефтерно ја прифативме грчката асимилација, но сега по познатата комунистичка теза: во интерес на партијата, државата и мнозинскиот народ. Значи, нечујно се вклучивме во процесот на елинизацијата, но сега без никаков отпор, а за што до вчера најмногу се бореше македонскиот народ и страдаше од грчките власти, коментира Кочов.

За правда, објаснува авторот, треба да се каже, дека во т. н "Слободна Грција" (Котурско и дел Леринско и Грамос), луѓето можеле да зборуваат колку што сакале, но скоро во селата ги немало, сите биле мобилизирани и ставени во единиците на ДАГ.

Но, дали тие Македонци во единиците на ДАГ кои беа регрутирани и испратени во длабината на Грција можеа да зборуваат македонски? Тие таму беа предупредувани дека: "Името и презимето, нужно треба да бидат на грчки, а треба да се говори само грчкиот јазик", зашто грчките борци ќе помислат дека вие сте: Бугари или Југословени. И, следеа оправдувања дека: "КПГ нема сторено доволно објаснување на грчкиот народ, за да знаат Грците кои сте вие Славомакедонците...". Но, едно е вистина – дека сите регрутирани Македонци во ДАГ, по насилните мобилизации што следеа во (1947 - 1949) беа заведени со грчки имиња и презимиња, а тоа се правеше (ги покануваа преку одборите на НОФ и АФЖ) според книгата на родените. Таквите книги беа воведени од грчките поранешни влади на Атина. Најверојатно, сите овие прашања беа оставени за по слободата, како и многу витални други прашања во интерес на Македонците кои гинеа во името на КПГ, коментира Кочов.

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"