о последното поглавје авторот ја
испитува природата на односите помеѓу Република Македонија и нејзините
балкански соседи во првата половина на деведесеттите, а посебно теориите во
врска со централната позиција на Македонија во можната идна балканска војна.
За таа цел тој се фокусира на Србија, Бугарија, Грција и Албанија, како и на
Турција.
Бидејќи САД во последно време се значаен елемент во балканските настани,
авторот го разгледува развојот на односите помеѓу САД и Македонија, пред, за
време и по грчкото ембарго и значењата коишто тие односи главно ги имаат.
СТАРИ АМБИЦИИ
"Со разгледувањето на спорот помеѓу Македонија и Грција можеме да се
стекнеме со разбирање и за некои други балкански прашање поврзани со
Македонија. Разгледувањето на меѓународните искуства на новата нација ни
дава контекст за разбирање на нејзините непосредни соседи и ставовите на
Обединетите нации и САД. Инволвираноста на Америка претставува точка од
значаен интерес, бидејќи САД не сакаа да испратат мировници во Босна, но
сепак учествуваа во праќањето контингент како дел од првиот обид на ОН за
спречување на војна. Ова можеби е така затоа што Америка проценила дека
силите во и околу Македонија можат да предизвикаат европска војна многу
поголема од онаа во Босна.
Прашањата што испровоцираа реакција од Грците најверојатно нема сами да
си заминат во блиската иднина. Македонците најверојатно нема да се согласат
да се откажат од името, иако можеби би биле подготвени да користат ново име,
како што е 'Нова Македонија'. Сепак, во моментов Грција инсистира на тоа
ниедно име да не го содржи зборот 'Македонија'. Но, ова е само еден спор од
многуте. Како и грчките аргументи, она што е видливо на површината може да
открие само дел од општата агенда. Силата на старите амбиции допрва треба да
се види. Се играат многу поголеми приказни и најверојатно Грција учествува
во поголемиот дел од нив. Тоа е она што го прави овој случај фасцинантен".
Пишувајќи ја книгата "Македонија и Грција - битката за дефинирање нова
балканска нација", Џон Шеј во анализата на односите меѓу Македонија и
нејзините соседи претпоставувал дека постои искра за нова балканска војна,
што значи конфликтот помеѓу албанското малцинство и етничките Македонци, би
можел да доведе до војна во којашто сите четири главни соседи - Србија,
Грција, Албанија и Бугарија - најверојатно би биле вклучени. Но, тој не
можел ни да замисли што & се случи на Македонија во последниот конфликт
2000/01 година, во која загинаа многу невини луѓе. Тој се уште трае, а "ние"
се уште не можеме да ја дефинираме оваа состојба. Во секој случај доколку
нашите политичари барем малку ја познаваа балканската историја и доколку ги
следеа анализите кои ги правеа домашните и странските историчари, можеби ќе
успееја да ја одбегнат војната.
Џон Шеј, како непристрасен и независен автор од надвор, направил
комплетна слика на етничките односи во Македонија.
"Демографската стапка на пораст на Албаниците во Македонија е една од
највисоките во светот со скоро 3,5 проценти. Бројот на Албанците исто така е
надуен и со бројот на неофицијални доселеници коишто живеат во Македонија.
Албанските Македонци се чувствуваат исклучени од учеството во јавните работи
во Македонија заради нивното упорно верување дека тие се побројни од она што
го покажуваат бројките во Пописот. Постои забележлива поделеност во
Македонија, бидејќи Албанците безрезервно не гледаат за себе иднина во
обединета Македонија, а етничките Македонци не ги гледаат нив како
доброволни учесници во новата република".
Анализата на потенцијалните територијални конфликти ја води Македонија
кон тотално пропаѓање и запоседнување од страна на нејзините соседи.
"Србија би сакала да ја преземе Македонија затоа што во 19 век главниот
град на српската империја бил лоциран во Скопје. Српските националисти го
искажаа нивниот интерес за донесување на Македонија под српска закрила во
доцниот 18 век, па воведоа и стратегија - праќање на колонисти во таа област
- што беше применувано дури и во 20 век. Во 1989 година, Милошевиќ одржа
разговори со грчкиот премиер Мицотакис за поделба на Македонија помеѓу
Грција и Србија. Бугарија може да сака да ја земе контролата врз Македонија
затоа што Македонија била дел од првата бугарска империја во деветтиот век и
дури ако "бугарската" империја којашто следувала била всушност македонска
империја, бидејќи била контролирана од Охрид, од Самоил. Албанија може да
посака да ја заземе Македонија затоа што Албанците се сметаат себеси за
вистински потомци на илирските племиња кои ја контролирале горна Македонија
- главно истите простори кои ја сочинуваат денешната Република Македонија -
за време на Александар Македонски. Иако односите со Грција се докажале како
најтешки меѓу сите нејзини балкански односи, во моментов Македонија треба
најмалку да се плаши во однос на унилатерална инвазија од Грција, отколу од
другите балкански нации".
СОСЕДИТЕ
НА МАКЕДОНИЈА
Овие гледни точки упатуваат на моментално придавање важности на
концептите за Голема Србија, Голема Бугарија, Голема Албанија, па дури и
Голема Грција.
"Ако Србите се решат да ја нападнат Македонија, најверојатно би можеле да
го направат тоа со многу мало локално спротивставување. Србија можеше да се
додржи во Македонија и да ја задржи под закрила на Југославија со многу
малку напор доколку сакаше. Ризикот во тоа време ќе беше развивањето на
вооружен отпор вклучувајќи сојуз помеѓу словенските и албанските Македонци,
како што се случило во Втората светска војна против Бугарите и Германците.
Ваков отпор многу лесно би можел да соработува со вооружен албански отпор на
Косово што би создало значителен притисок врз Србија.
Веројатно Србија одлучи во 1991 дека други облици на интеграција со
Македонија би можеле да им одговараат на српските потреби".
Одредени македонски аналитичари тврдат дека грчко-српските планови за
Македонија се добро познати, односно дека Грција не ја сака македонската
држава и дека планира да го спречи турското влијание и интереси на Балканот
и да го поврати поранешното влијание во областа. Кон овој став е и анализата
на Џон Шеј.
"Грција долго играла на картата на етнички конфликти во Македонија
трудејќи се да провоцира конфликти меѓу македонските страни. Една од
последиците на ваквите конфликти може да биде грчко присуство во Македонија.
И покрај сите негирања, Македонците веруваат дека Грција има територијални
претензии кон Македонија кои ги вклучуваат териториите јужно од линијата
која се протега од Дојранското до Охридското Езеро, вклучувајќи ги градовите
Битола, Крушево и Струмица и кон Албанија, особено Северен Епир. Грција
давала поддршка на ваквиот пристап примарно преку економски мерки за
дестабилизација на Македонија, планирајќи директни чекори на воена
дестабилизација во иднина. Според ова сценарио, на Романија се гледа како на
грчки најслаб непријател, а на Белград како на нејзин најмоќен и најдоверлив
сојузник. Во најмала рака, официјалниот грчки став се чини дека вклучува
инвазија на Македонија во случај на избивање војна на Косово".
Што се однесува на опасноста од Албанија, Џон Шеј тврди дека доколку
Македонија би можела да стане појака воено и доколку инволвирањето на САД се
зголеми, веројатноста за директен напад од Албанија станува се помала, иако
во почетокот на 1995 година, македонските новинари тврдеа дека постои
присуство на план за предизвикување немир во Македонија, при што беше
цитиран и таен документ на ЦИА како извор на оваа идеја. А кога станува збор
за Бугарија, авторот вели дека и покрај протестите направени на меѓународно
поле, идејата за "Голема Бугарија" се уште останува блиска до срцата на
Бугарите од сите нивоа на власт. "Постарите членови на бугарската Влада
јавно го изнеле мислењето дека Македонците се Бугари, одделени од својот
сопствен народ пред еден век со махинациите на големите европски сили од тоа
време - Англија, Франција, Австро-Унгарија и Русија. Сепак, изгледа дека
оваа земја има најмала веројатност од сите соседи на Македонија за
разгледување на опцијата за инвазија. Во раните деведесетти таа стекна углед
во Европа како сила за стабилност и мир, голема спротивност од времето не
толку одамна кога оваа земја беше најслепиот следбеник на Советскиот Сојуз
во Европа и од порано во овој век, кога направи инвазија на Македонија во
неколку прилики".
(Крај)