ТУРИЗАМ

Македонските убавини чекаат на милоста на туристите

АГОНИЈА НА ПРЕСПАНСКОТО КРАЈБРЕЖЈЕ

Пишува: Ружица ГОЧЕВСКА

  • На Преспанско Езеро му се заканува еколошка катастрофа поради појавата на огромно количество сино-зелени алги од видот глеотрихија натанс и микроцистис аерогиноза, кои во 1988 година беа причина за еко-геноцидот на Дојранско Езеро.
  • Туристите можат да бираат сместување во изградени туристички капацитети на источниот и западниот брег од Преспанското Езеро.

Повеќе нема оптимизам меѓу туристичките и угостителските работници во Македонија дека годишнава сезона ќе биде спасена и дека сепак ќе се доближи до ланските релативно просечни биланси. Шпицот на сезоната врви забрзано, а пополнетоста на хотелските капацитети и приватното сместување не го надминува процентот од 50 отсто.

Со оваа бројка можат да се пофалат само десетина хотели на охридско-струшкото крајбрежје, додека другите не мрднуваат од просечната пополнетост од 30 до 40 отсто. Најхрабрите угостители повеќе не кријат ништо и го потенцираат црниот биланс на сезоната. Другите се согласуваат со констатацијата, но се уште не сакаат да ја искажат јавно.

Летово плажите останаа темна точка во нашата туристичка понуда. Не само што ништо не се подобрува, туку со години поголемиот број од нив се во се полоша кондиција. За жал, и Преспанското Езеро не е исклучок.

НЕГРИЖА

Дека преспанското крајбрежје е се помалку атрактивно за туристите, доказ е и малиот број гости кои во моментов таму летуваат. Причината за минималната посетеност, освен повлекувањето на Езерото, се и лошите хигиенски услови на плажите, ако воопшто и така можат да се наречат. Отпадоци, расфрлани насекаде, а и огромни треви, во ниту еден случај не се привлечни. Единствено место, каде сепак нешто е направено, со исклучок на селото Стење, е плажата во Претор.

Благодарение на летувалците во детското одморалиште "Мите Богоевски" годинава на мал дел во должина од околу дваесетина метри е истурен ситен песок, што освен децата го користат и гостите сместени во околните туристички населби на Преспанското Езеро.

На Преспанско Езеро му се заканува еколошка катастрофа поради појавата на огромно количество сино-зелени алги од видот глеотрихија натанс и микроцистис аерогиноза, кои во 1988 година беа причина за еко-геноцидот на Дојранско Езеро. Доказ за забрзаното загадување на преспанските води е и појавата на мил и купишта изумрени школки на брегот од Езерото. Преспанско Езеро по многу елементи личи на еутрофно езеро какво што беше Дојранско. За да се спречи понатамошно загадување, итно треба да се постават најмалку три пречистувачки станици на Езерото. Оваа болна констатација е секако последица од негрижата на македонските, но и соседните власти кои со својата небрежност ги уништуваат природните богатства кои се од витално значење за опстојот на туризмот.

ВЕКОВНА ТРАДИЦИЈА

На светот ретко постојат убавини кои се духовно, културно и природно сплотени во една грандиозна целина, која побудува восхит и почит. Тоа е нашата земја. Македонија е сплот на убавото, возвишеното, античкото. Она што ја прави посебна и единствена е несомнено вековната опстојба. Најдобар доказ се природните богатства кои се ненадминливи и во големината и во значењето. Природните и културните богатства се нашето најсвето обележје. Преспа и нејзината котлина се несомнен сегмент од природниот колоритет на Македонија. Таа е живописен предел кој овозможува пријатен престој во сите годишни времиња.

Секој намерник, посетител или пак странец би се восхитувал на природните, културните и историските придобивки на Преспа. И најпробирливите летувалци во Преспа ќе си го најдат своето катче за пријатен одмор.

Туристите можат да бираат сместување во изградени туристички капацитети на источниот и западниот брег од Преспанското Езеро. Отешево е туристичка населба на западниот брег со најстара традиција и изградени сместувачки капацитети од висока Б категорија. Хотелот "Европа"е најрепрезентативниот објект на Преспанското Езеро. Преостанати сместувачки капацитети во туристичката населба Отешево се: Хотелот "Југославија" со 20 легла, "Козара"со 75 легла, "Пеликан" и "Скопје" со вкупно 108 легла, автокамп со 250 камперски единици и 15 вили-бунгалови. На падините на Галичица постои и скијачки центар на надморска висина од 1.450 – 2.140м, со жичара и три ски-лифтови, што овозможуваат пријатен зимски одмор.

Заради чистиот планински воздух, без аерозагадувања, без магливи денови во зима, во Отешево има услови и за здравствен туризам.

Сместувањето е овозможено и во крајбрежните населби Асамати и Стење, Брајчино каде има можност за приватно сместување.

Културата во Преспа има долга традиција. Првите форми на културното живеење ги среќаваме уште на почетокот на владеењето на Цар Самоил на островот Ахил, каде постоеле голем број цркви со врвен фрескоживопис за тоа време. Натписот на надгробната плоча на родителите на цар Самоил и братот Давид од 993 година зборува дека постоела писменост и глаголицата била во употреба во тоа време, 70 години по смртта на Св. Климент.

Црквата "Свети Ѓорги" во Курбиново исто така од тој период е сведок на културно живеење на овие простори.

Она на што се посебно горди жителите на Преспа е долгогодишната керамичка традиција. Секоја година во Отешево се одржува "Летната меѓународна керамичка колонија" со учество на еминентни уметници -керамичари од Македонија и од целиот свет.

И покрај сите проблеми со кои се соочува преспанскиот брег, на сите љубители на природата им препорачуваме да ја посетат Преспа и нејзините убавини. Преспанското Езеро е наше природно, културно, но и историско богатство. Ако ние не се грижиме за нашите природни реликти, несомнено некој друг истите ќе ги злоупотребува и користи за сопствени цели. Единствени губитници ќе бидеме ние, и на историски и на духовен план.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"