Според мене, не постои
некое посебно правило со кое би била утврдена потребната возраст за активно
вклучување на жената во политиката. Јас мислам дека одредена возраст не е
предуслов за успешноста на жената во политиката. Како и за секоја професија,
и за политиката битно е да се сака тоа што се работи, да се верува во
политичката опција за која сте се определиле и да се дава се од себе за
остварување на програмските определби на таа опција. Важен предуслов за
активно вклучување на жената во политиката е и нејзината претходна политичка
едукација, нејзината подготвеност активно да учествува во креирањето на
амбиентот во државата. Ваквиот мој поглед кон ова прашање произлегува од
досегашното мое искуство.
МС: Која е Вашата професија и како се случи да запловите во политичките
води и на која возраст?
ИВАНОВА: По професија сум дипломиран правник со правосуден и нотарски
испит, со над дваесетгодишно работно искуство. Моето работно искуство е
стекнато скоро во сите области од правото. Сум работела како раководител на
правен сектор во стопанство и како заменик јавен правобранител на Република
Македонија. Ова мое, според мене, респектибилно работно искуство доста ми
помага полесно да се справувам со предизвиците на мојата сегашна професија.
Политички сум активна уште од мојата младост. Во времето на еднопартискиот
систем бев доста општествено-политички активна. Во еден мандат бев и делегат
на тогашниот Собор на здружен труд при Собрание на Општина Струмица. Во
времето на преминот од еднопартискиот систем во повеќепартиски мојата
политичка активност во континуитет продолжи во СКМ - ПДП, односно СДСМ. Во
партијата на општинско ниво сум извршувала повеќе функции.
МС: Дали цените дека жените може да се носат рамо до рамо со мажите во
светот на политиката?
ИВАНОВА: Мој став од секогаш бил дека нема работа или професија која
исклучиво е резервирана за мажите. Тој мој став се однесува и на политиката.
Тоа што можат мажите во политиката, се повеќе се потврдува дека можат и
жените. Досегашната мала застапеност на жената во политиката посебно на
клучни позиции, не значеше дека жената не е еднакво способна како мажот да
се носи со овие проблеми. Потребна беше нејзина организираност за промена на
свеста кон ова прашање, што се случи на последните парламентарни избори.
Резултатот од тоа е 22 парламентарни места за жените. Во изминатиов период
од нашето парламентарно дејствување внесовме позитивен тренд во работењето,
повеќе толеранција во меѓусебното комуницирање и поинаков приод кон
решавањето на проблемите и донесувањето на одлуките, со што веќе докажавме
дека доста добро им парираме на мажите во светот на политиката.
МС: Колку досега имавте проблем со фактот дека сте жена во светот на
мажите како што обично се вели за политиката?
ИВАНОВА: Јас лично немам ваков проблем, бидејќи сметам дека
политиката е свет и на двата пола. Можеби кај мене ова чувство произлегува
од фактот што во мојата политичка партија посебно се води сметка за половата
рамноправност. Ова не е само декларативно. Жената во нашата политичка
партија е рамноправен партнер со мажот. Во прилог на тоа е и аргументот што
во партијата на двете подпретседателски места се жени. Во извршната власт
има исто така доста жени. Во Парламентот имаме најголем процент на жени -
парламентарки. Од работните собраниски тела, кои според распределбата му
припаднаа на СДСМ, на две претседателски места се жени. Сето тоа зборува за
сериозниот и респектабилен однос на моите колеги од спротивниот пол кон нас
жените. Ваков проблем јас сум немала ниту во мојот досегашен професионален
ангажман. Од вкупното мое досегашно работно искуство, околу дваесет години
сум била раководител и мои соработници претежно биле мажи, но секогаш од
нивна страна сум била почитувана како личност и како професионалец.
МС: Дали жените - парламентарки имаат време и за своето семејство?
ИВАНОВА: Совесно вршење на професијата пратеник бара доста време и
ангажман. Да се биде пратеник не значи само да се учествува на пленарните
седници на Собранието. Сите ние пратениците сме ангажирани и во работата на
постојаните собраниски тела. Јас сум и претседател на Законодавно-правната
комисија. Како претседател на Законодавно-правната комисија сум доста
ангажирана, затоа што според обемот и делокругот на работа оваа комисија
претставува собрание во мало. Ако се земе предвид и фактот што постојано
одржувам контакт со моите избирачи, не е тешко да се претпостави дека
останува многу малку слободно време. Ова време целосно го посветувам за
дружење и контакт со моето семејство од каде што црпам енергија за
извршување на обврските што ми претстојат.
МС: Како е да се биде мајка - парламентарка?
ИВАНОВА: Јас сум мајка на две деца кои веќе се полнолетни. Едниот син
има 24 години и пред година ипол дипломира бизнис-администрација на
Американскиот колеџ во Солун. Другиот син е апсолвент на Економски факултет
- насока осигурување. Јас сум горда на моите два сина и сметам дека досега
успешно ја извршив обврската и привилегијата - мајка. Кај нив е завршен
воспитниот и образовниот процес. И сега целосно можам да се оддадам на
мојата сегашна професија - пратеник.
МС: Жената, пред се, е предодредена да биде мајка. Дали тоа според Вас
претставува хендикеп во градењето на политичката кариера?
ИВАНОВА: Предодреденоста на жената пред се да биде мајка, воопшто не
треба да се смета како хендикеп во градењето на политичката кариера.
Напротив, тоа треба да биде нејзин предизвик. Активно учествувајќи во
политиката, таа ќе креира амбиент за подобра иднина за своето потомство во
сопствената држава. Ова, според мене, е и обврска на жената мајка -
политичарка, затоа што на тој начин ќе го спречи заминувањето на потомството
во странство.
МС: Колку и дали Вашето семејство има разбирање и оправдување за Вашите
чести политички ангажмани?
ИВАНОВА: Како што претходно кажав, моите деца се веќе возрасни и
академски граѓани. Тие ми се најголемата потпора и поттик да издржам во
работата којашто сега ја работам. Често пати и ме поучуваат како да постапам
во одредени ситуации, особено по прашањата кои се од интерес за денешната
младина. Но, не е помала поддршката што ја добивам и од мојот сопруг, кој
секогаш е подготвен да даде се од себе успешно да ја вршам оваа не така
лесна и одговорна работа.
МС: Која беше причината поради која се вклучивте во политиката и дали
сметате дека може да се биде успешен и во политичката кариера и во градењето
хармонично семејство?
ИВАНОВА: Отсекогаш мој став бил дека човек за да постигне нешто, мора
да биде организиран. Од мојата младост јас дејствувам општествено и
политички. Во моментот кога нашата држава се најде во криза во сите сегменти
на нејзиното живеење, а имајќи предвид дека моите деца се веќе самостојни и
изградени личности, почувствував дека сега е моментот кога можам да дадам
скромен придонес во подобрување на состојбата во државата. Овој мој ангажман
воопшто не пречи на веќе воспоставените хармонични односи во семејството.
МС: Дали покрај сите обврски наоѓате време и за самата себе за нега и
одржување на изгледот?
ИВАНОВА: Секој човек треба да води сметка за својот изглед. Ние сме
јавни личности и од нас јавноста очекува да бидеме достојни и со изгледот и
со сопственото однесување на функцијата која ни е доверена. Иако имам многу
малку слободно време, дел од тоа време посветувам на одржување на на мојот
физички изглед, но поголем дел посветувам на нега на мојата душа.
МС: Повеќе од очигледно е дека жената е се повеќе застапена во
Парламентот. На што се должи тоа и дали очекувате во иднина да дојдеме до 50
отсто застапеност на жените во оваа институција?
ИВАНОВА: Поголемата наша застапеност во Парламентот се должи на
нашето организирано будење на свеста дека жената може да го креира амбиентот
во државата еднакво успешно како и мажот. Продолжуваме со ова мото и сигурна
сум дека ќе добиеме толку колку што заслужуваме.
МС: Која би била Вашата порака до жените со амбиции да бидат идни
парламентарки?
ИВАНОВА: Стрпливо да се едуцираат и да се подготвуваат за големиот
предизвик - да се освои место повеќе во пратеничките клупи кои подеднакво им
припаѓаат на мажите и на жените. Таму можат да дадат свој придонес за
добробит на својот народ.