Традиционална илинденска прослава
На 30 јули 2003 година во манастирот "Света Марина" во Туминец, се одржа
традиционалната илинденска прослава на Македонците од Долна Преспа, во
организација на Организацијата за заштита на правата на Македонците во
Република Албанија "Друштво Преспа" од Пустец.
На народниот собир присуствуваа 1.500 - 2.000 Македонци од Долна Преспа и
од другите делови на Република Албанија, Голо Брдо, Гора и Тирана, како и
Македонци од Република Македонија и од Егејскиот дел на Македонија.
Македонците на народниот собир ги забавуваа културно-уметнички друштва од
долнопреспанските села, како и Гоце Арнаудов и ансамблот на Стефче
Стојковски од Република Македонија.
Поинтензивна соработка меѓу Скопје и Истанбул
Скопје и Истанбул треба поинтензивно да соработуваат во локалната
самоуправа, економијата и во реставрација и заштита на културно-историските
споменици. Тоа е порака од средбата меѓу градоначалниците од двата града,
Ристо Пенов и Али Муфит Ѓуртуна.
Македонија на второ место по илегални преминувања
Како што истакнал министерот за внатрешни работи на Словенија, Радо
Бохинц, по средбата со неговиот македонски колега Хари Костов, македонските
државјани се на второ место според бројот на илегални преминувања во
Словенија. Во текот на 2002 година имало вкупно 1.031 обид на наши државјани
нелегално да ја поминат словенечката граница.
Македонско - албанска средба
На средбата во Охрид меѓу директорот на Царинската управа, Љубомир
Михајловски, и директорот на албанската царина, Татјана Конголи, беа
договорени активности за подобрување на размената на информации и заемна
помош со цел понатамошно осовремување и подобрување во работењето.
Србија реагира на апсењето на Вранишковски
Министерството за верски прашања на Србија упатило остар протест до
Амбасадата на Македонија во Белград поради апсењето на Јован и поради
спречување на влегување на свештениците на СПЦ во Македонија. Во протестот
Министерството бара од македонската Влада да прекине секаква
дискриминаторска постапка кон припадниците на СПЦ, да спроведе истрага за
досегашните дискриминаторски постапки и најитно да го ослободи од притвор
Јован. Со овој непријатен гест повторно се заладија односите помеѓу СПЦ и
МПЦ, но сепак по неколку дена од овој протест Јован е ослободен од притвор.
Србија нема да дозволи независно Косово
Српската Влада ја претставила својата платформа за Косово, во која е
предвидено Белград да дозволи Косово да добие широка автономија, но не и
независност.
Косовските Роми во Скопје
Над 700 косовски Роми кои од 18 мај се сместени во импровизиран камп на
граничниот премин Меџитлија најверојатно ќе се преселат во прифатен
колективен центар во околината на Скопје. Ваквата завршница доаѓа по
средбата што бегалците ја оствариле со претставници на Советот на Европа, ЕУ,
ОБСЕ и УНХЦР.
Бугарските аранжмани се купуваат во последен момент
Туристичките работници што нудат аранжмани за Бугарија се жалат дека
годинава имале слаб почеток. Македонските годишноодморци се интересираат за
летување во Бугарија во последен момент откако не ќе можат да извадат виза
за Грција или пак ако не можат да најдат слободно место за друга дестинација.
Европска одлука за балканските земји
Европската комисија донела одлука во петте земји од Западен Балкан,
Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора и Хрватска да
спроведе пакет од шест регионални КАРДС проекти финансирани од средствата
доделени за 2002-2003 година со цел да се обезбеди детална концепциска и
стратешка рамка во сите главни области на правдата и внатрешните работи.
Западен Балкан има потреба од ЕУ и НАТО
Европската унија и НАТО сметаат дека нивната задача во Западен Балкан се
уште не е завршена и во можните мерки за негово политичко и безбедносно
стабилизирање не исклучуваат и нови воени операции. НАТО и ЕУ оценуваат дека
се уште има многу нерешени прашања, па поради тоа има потреба од присуство
на воен кризен менаџмент за да се спречат идни дестабилизации.
Финецот Халкери нов шеф на УНМИК
Поранешниот фински премиер Хари Халкери е именуван за нов шеф на
меѓународната мисија на Косово, УНМИК. Генералниот секретар на Обединетите
нации, Кофи Анан, испитал десетина кандидати и се одлучил финецот Холкери,
кој досега немал учествувано во дипломатска или државничка мисија на
Балканот.
Се очекуваат разорни земјотреси на Балканот
Според тврдењето на директорката на српскиот Републички сеизмолошки завод,
Славица Радовановиќ, на Балканот во следните три до пет години може да се
очекуваат низа разорни земјотреси во дел од Јадранското Море, на Копаоник и
во Панонската низина. Србија во моментот е зафатена од бран земјотреси кои
се регистрирани во Лесковац, во Крагуевац и два на Копаоник.
|