Кој ја измисли бесмислената парола "Сто години македонска државност"?

Со ова писмо давам целосна поддршка на реагирањата на поедини новинари во врска со избегнувањето на спомнувањето на Илинден во некои од документите на годинашниве официјални прослави. Наместо да се споменува Илинден, се повеќе ја слушаме бесмислената и нелогична парола "Сто години македонска државност". Не е првпат во Македонија некому да му текне нешто, а другите некритички да го прифаќаат и до бескрај папагалски да го преповторуваат без да размислат дали има логика во сето тоа. Но, да ја разгледаме толку повторуваната парола "Сто години македонска државност" (која, не знам заради какви побуди, веројатно е измислена како "замена" за логичната парола "Сто години од Илинденското востание").

Каква е таа "стогодишна државност" на Македонија? Се знае дека Крушевската република траела само десетина дена. Потоа Македонија пак потонала во ропство, се до 1944/45 година кога е создадена македонска држава (иако прилично лимитирана во рамките на југословенската федерација и иако само на дел од македонската етничка територија). Значи, од Крушевската република до денес, не постои континуирана независна македонска држава, за да можеме денес да славиме "Сто години македонска државност". Доколку, пак, со оваа парола се сака да се каже дека Крушевската република била "прв облик на македонската државност", па сега славиме сто години од нејзината појава, тогаш таквото размислување не само што не одговара на историската вистина, туку тоа има елементи и на странска анти-македонска пропаганда. Ако Крушевската република била "прв облик на државност на Македонците", што било тогаш Самуиловото Царство? Или што била славната античка Македонија, но и некои други повремени блесоци на македонската државност? Зарем овие артикулации не биле слободни држави на Македонците? Практично паролата "Сто години македонска државност" најсоодветна ќе биде за 2091 година кога и навистина ќе се слави стогодишнина од континуирано постоење на обновената независна македонска држава (1991 - 2091). Вака, оваа парола по ниту една основа не одговара на она што годинава се слави.

И уште нешто. Крајно време е да престанеме да се лажеме себеси и другите дека Крушевската Република била "прва Република на Балканот". (На ова ме поттикна една новинарка на МТВ која вака ја претстави пред еден странски историчар). Ако тоа била "прва Република на Балканот" што била тогаш средновековната Дубровничка република?

Александар Донски

 

Недоличен однос на Латас

На водителот Драган Павловиќ - Латас, водител на ТВ Сител, на 25 јули 2003 година, како Македонец не му препорачувам да изведува навредливи тиради во врска со црешовото топче, кое како историска вредност се чува во националниот музеј во Турција.

Ако имаше доблест водителот во ТВ вестите од 21.00 часот ќе се извинеше.

Коле Мангов

Во Крушево напукнаа вековните пранги и прозрачи слободата!

Слава и чест на паднатите борци за Божјата правда и вистина, за народна и духовна слобода во Македонија!

Возљубени чеда во Господа,

Во нашиот живот на земјава треба да се исполнува секоја Божја правда. За тоа живееше и старозаветниот пророк свети Илија, кој е светол пример и за нас како треба да го збогатуваме својот духовен живот. Ако имаме силна вера во Господа, тогаш животот ќе го разбереме како исполнување на своите свети должности - прославување на Бога и наследување на Неговото вечно царство. Та и Богочовекот Христос дојде на земјата - да ја задоволи правдата и да ја исполни волјата на Отецот Небесен.

Значи, Бог ја дава слободата за сите луѓе во поднебески свод, па затоа сите сме должни постојано да се грижиме за неа и будно да ја чуваме!

Возљубени празникољубци,

Нашите дедовци, токму во името на таа слбоода, на празникот Илинден, пред едно столетие - се кренаа на сенародно востание, за да се изборат за правда и слобода. Ете, токму врз нивната саможртва воскреснаа нашата древна Држава и Црква.

Во славното Крушево се создаде првата Република на Балканот, која беше најава за воскреснувањето на Македонија! Тогаш напукнаа вековните пранги и прозрачи слободата! Навистина, таа слобода траеше кратко, а Илинденското востание беше задушено во крв, но со него беше посеана решителноста за борба до конечно ослбодување. Оттаму Илинден 1903, е основата на нашата возобновена државотворност во денешнава суверена и меѓународно призната наша Татковина - Републка Македонија, во која слободно може да делотвори и нашата света Македонска Православна Црква.

Но, тоа нашиот народ го плати скапо - дарувајќи ги животите на недоброј свои синови и ќерки! Ние, пак, денес, ползувајќи ги придобивките од нивните жртви, каде и да сме, во родната Македонија или ширум по светот - должни сме во оваа јубилејна 2003 година, да го оживуваме споменот за нив и да принесуваме молитви за покој на страдалните души на Гоце, Карев, Питу, Даме, Ѓорче, Јане, Јордан, Сугарев и на Илинденците свештенослужители: игумени, монаси, монахињи, свештеници и ѓакони, и на сите борци и бранители на верата и Татковината - паднати за правда и слобода, во Првиот и Вториот Илинден, и во сите борби и востанија до нашиве дни!

Возљубени поклоници на Илинден,

Синот Божји, Господ Исус Христос, дојде на земјава за да го измири човекот со Бога и да донесе мир меѓу луѓето!

За жал, и денес нема мир во многу човечки души, нема мир меѓу бројни држави и народи. Мирот е нарушен и во нашава земја! Ние, Македонците, пак сме страдалници дури и во сопствената слободна земја, при своја Држава и Црква! Човечката пакост зазема несфатливи размери и не избира средства заради свои лични, национални, економски, па и квази-црковни интереси.

Македонија, која беше порта на цивилизацијата, се уште е пред затворени врати на Европа и на меѓународните фактори! Но, ние со надеж чекаме пред нивните институции за вистински подадена рака. Чекаме и веруваме дека христијанското милосрдие и хуманост, со кои и Европа и светот се толку горди, и за нас ќе значат вистински поддршка и помош. Се надеваме дека нашето прифаќање и од Европа и од другите меѓународни авторитети, ќе значи и почитување и признавање на нашите темелни животни вредности. Најголема помош ќе биде доколку бидеме признати и прифатени со нашето државно и црковно име и национално достоинство! Тоа го очекуваме како исполнување на Божјата и народна правда. Во спротивно, ние и на самиот почеток од третиот милениум, остануваме сами како во времето од пред сто години, во времето на самото Илинденско востание.

Затоа ние и денес, славејќи го Јубилејот - Сто годни Илинден, не празнуваме торжествено, не пееме песни на радост, зашто и кога разгласуваме дека сме жедни - ни се дава оцет да пиеме, како што му давале на Господ Исус Христос на крстот на Голгота. Но, и покрај се далеку сме до безнадежност. Илинден е... со душата на нашиот македонски народ кој знае да го доживее, и да го надживее секое искушение и распнување, останувајќи секогаш простум!

Токму затоа, Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, на овој светол Јубилеј - Сто години Илинден, се обраќа до македонскиот народ и бара - да престанат внатрешните делења, кавги и меѓусебни себеуништувања; бара да се изградува и зацврстува единството и братољубието меѓу нас! Нашата Света Црква ги повикува не само своите верници, сите Македонци, туку и сите одлучувачки фактори во светот - на борба за мир и благосостојба; да нема повеќе војни, крвопролевања, убиства, разурнувања и грабежи! Наместо тоа, секој нека придонесува за взаемно разбирање, почит и љубов меѓу луѓето!

На православните браќа, пак, и на сите помесни православни цркви, им нудиме и ги повикуваме на нелицемерна љубов и на единство во Господа! Само така сите заедно ќе можеме радосно да воскликнеме: "Слава во висините на Бога, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!" (Лука 2, 14).

Возљубени во Господа,

Прославувајќи сто години Илинден, ние сакаме да потсетиме дека на илинденските придобивки им припаѓаат и: излегувањето од печат на книгата "За Македонцките работи" од Мисирков; прославувањето 60 години од одржувањето на Свештеничкото собрание во Издеглавје (1943); 45 години од Вториот црковно - народен собир во Охрид (1958); 40 години од осветувањето на првиот храм на Македонската Православна Црква на американскиот континент, како и 30 години од формирањето на првите македонски православни црковни општини во земјите на Западна Европа. Сите овие јубилејни чествувања од нашата национална и црковна историја од последново столетие, се сведоштво за нашата богата духовна и национална ризница и цврст темел за нашиот црковен и духовен опстој.

Одбележувајќи ги овие темелни настани од нашето голготско столетие, на сите верни чеда, во Татковината и ширум по светот, радосно го честитаме Јубилејниот македонски национален празник Илинден, со порака за мир и братољубивост, како меѓу нас, така и со сите луѓе. Нека ни е честит и вековит Илинден!

Слава и чест на паднатите борци за Божјата правда и вистина, за народна и духовна слобода во Македонија! Амин!

По милоста Божја Архиепископот Охридски и Македонски, заедно со светиот архиерејски синод на Македонската православна црква. До сето свештенство, препободно монаштво и верните чеда на македонската православна црква, испраќа архипастирски благослов и празничен - Илинденски поздрав.

Архиепископ Охридски и Македонски, г.г. Стефан

Членови на Светиот Архиерејски синод: Кирил, Митрополит Полошко-кумановски; Горазд, Митрополит Европски; Петар, Митроплит Австралиско - новозеландски и администратор Преспанско-пелагониски; Тимотеј, Митрополите Дебарско-кичевски; Наум, Митрополит Струмички; Агатангел, Митрополит Брегалнички.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"