ЈУБИЛЕЈ

Сто години Илинден преку фотографии, знамиња, оружје, стари книги и други предмети

ЛЕГЕНДАРНОТО ЦРЕШОВО ТОПЧЕ ПО СТО ГОДИНИ ВО МАКЕДОНИЈА

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Од историските пораки на Илинден најпозната е македонската аксиома - Слобода или смрт - извезена на крушевското црвено знаме.

По повод одбележувањето на стогодишнината од Илинден Музејот на Македонија подготви изложба под наслов "1903 - 2003 Илинден, Кресна, Асном, Самостојност" која беше отворена на 29 јули. Изложбата е поделена на неколку целини и започнува со 19 век, особено неговата втора половина, кога се поставени темелните идеи врз кои почива современата реалност на Македонија.

Преку фотографии (оригинали и копии), знамиња, оружје, стари книги и други предмети проследени се главните точки на културата, воената и политичката историја на македонскиот народ се до осамостојувањето на 8 септември 1991, со особен акцент на Илинденското востание. "1903 - 2003 Илинден, Кресна, Асном, Самостојност" е проследена со богато илустриран каталог со црно-бели фотографии и колор фотографии на 80 страници.

СОЗРЕВАЊЕ

Илинденското востание (2 август 1903) и Крушевската Република се израз на созревањето на македонскиот културен, општествен и политички контекст од крајот на XIX век и почетокот на XX век. Преку историските пораки на Илинден, во теориските сублимати на културните и националните прашања на епохата на Крсте Петков - Мисирков и Ѓорче Петров, во политичките залагања на Гоце Делчев, Даме Груев, Никола Карев и Јане Сандански, јасно се соопштени републиканската, цивилната и социјалната правда на македонскиот државотворен проект. Овие намери добиваат значење во најпознатата македонска аксиома - Смрт или слобода - извезена на крушевското црвено знаме.

Крушевската Република е прогласена на 3 август 1903 година од Никола Карев, претседател избран заедно со привремената републиканска влада. Основниот акт на ова тело е Крушевскиот манифест, напишан на македонски јазик, упатен до сите "... без разлика на вера и народност". Тој претставува сведоштво за чистотата на македонското револуционерно дело, темел на македонската државност во нејзината плуралност. Републиката, по десетдневната слобода, е задушена од осумнаесетилјадната османлиска војска на Бахтијар-паша. Крајот на Крушевската република го означуваат последните истрели на местото Мечкин Камен, каде гинат нејзините последни бранители - крушевскиот војвода Питу Гули и неговата чета.

Воениот пораз на Илинденското востание наидува на голем одглас во целиот свет и предизвикува силен бран на симпатии и солидарност во реакциите на Лав Толстој, Максим Горки, Анатол Франс, Артур Еванс и, воопшто, на меѓународната јавност. Меѓутоа, историското послание на Илинден прераснува во основен чинител при натамошното градење на индивидуалноста на македонскиот народ. Искуствата на Илинден се всушност, основна рамка на современото македонско разбирање на историјата: формирањето на младата турска република (1908) и Версајскиот мировен договор (1918). Мислата на Илинден е толкувана, чувана и пренесувана во делото на Димитрија Чуповски и Македонското научно-литературно другарство од Петроград во идејата за "Втор Илинден" на Димо Хаџи Димов, во намерите на Мајскиот манифест за обнова и обединување на македонското револуционерно дело.

НАСЛЕДСТВО

Илинден е наследство коешто живее и во годините на Втората Светска Војна (1941 - 1945). Веќе на 2 август 1941 година, со масовни демонстрации во Скопје, Велес, Битола и други градови, искажан е отпорот кон бугарскиот фашистички окупатор. Првите партизански одреди коишто потоа ќе прераснат во народноослбодителна војска на Македонија, ги носат имињата на Илинденците - Даме Груев, Питу Гули, Јане Сандански, Пере Тошев, Ѓорче Петров.

На 2 август 1944 година, одржано е Првото заседание на АСНОМ на коешто, следејќи ги стапките на илинденските традиции, отпочнува изградбата на новите културни, општествени и политички установи на слободна Македонија. Наедно, илинденската мисла е надградена со уште една темелна вредност - антифашистичката борба на македонскиот народ. Со првиот Устав на Народна Република Македонија, што го донесува Уставотворното народно собрание на 31 декември 1946 година, установена е Македонската република во новата заедница - ФНРЈ. Оттогаш, Илинден не е повеќе желба, туку проект во својата завршна развојна етапа.

Осми септември 1991 година - Македонија референдумски ја потврдува и изгласува својата самостојност. Овој "Трет Илинден" има двојно значење: ги довршува процесите на политичката еманципација и го најавува исчекорот кон новиот свет на интеграции, соработка и најширока комуникација. Така, илинденските темелни вредности, постојано се обновуваат во една трајна рамка на толкувања и потфати - во рамката на македонската современост. 


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"